Поделба на фразеологизмите

Фразеологизмите како зацврстени зборовни состави имаат свои карактеристики и поделба.

Основни карактеристики на фразеологизмите се:
1. Компонентен состав
Фразеологизмите се составени најмалку од два збора (компоненти).
2. Метафоричност
Значењето на фразеологизмите е метафорично, односно преносно.
3. Постојаност на формата
Формата на фразеологизмите е секогаш иста, не се менува. Целиот израз, непроменет го вклучуваме во реченицата.
4. Впечатливост (експресивност)
Фразеологизмите ги употребуваме кога сакаме повпечатливо да се изразиме.
На пр.: Земи колку што ти душа сака. (Земи многу.);
Собери си ги парталите и очи да не ти видам. (Оди си.)

Поделба на фразеологизмите

Според степенот на слеаност, односно според тоа колку значењето на целиот израз зависи од значењето на зборовите што се во составот на фразеологизмот, тие се делат на:
1. фразеолошки срастувања— најнеслободни зборовни состави, каде значењето на изразот нема никаква врска со значењето на одделните зборови во составот.
Овие фразеологизми се наполно неделиви и значењето не произлегува од зборовите кои го сочинуваат.
На пр.: скрши глава (отиде), крева раменици (не знае), бабини деветини (празни зборови), си легна на брашното (се помири), душата му ја вади(го малтертира);
2. фразеолошки единства — кога општото значење на изразот е мотивирано од значењето на одделните зборови.
На пр.: му го сврте грбот (го изневери), го пика носот секаде (љубопитен), игра како што му свират (прави како што ќе му кажат;
3. фразеолошки спојки — кога само еден збор во составот има преносно значење, а другите се со буквално. Односно, општото значење на овие фразеологизми произлегува од значењето на зборовите што се во неговиот состав.
На пр.: даде збор, го фати страв, се тресе од страв, крши снага, се продава како алва.

Освен оваа поделба, фразеологизмите може да ги поделиме и според граматичкиот состав.
1. фразеологизми кои имаат структура на реченица (проста, сложена или дел-реченица), а нејчесто се пословици.
На пр.: Ни лук јал, ни лук мирисал.
2, фразеологизми кои имаат структура на зборовен состав — придавка и именка (тврд орев); именка и именка (лудост младост); придавка и придавка (мртов пијан); прилог и прилог (бргу-бргу); број и именка (во еден здив).