Фразеологија (вежби)

Фразеологија е лингвистичка дисциплина, дел од лексикологијата, што се занимава со зацврстените, неделивите зборовни состави кои се користат како готови јазични единици.

            Вежби

1. Фразеологија е наука за:
а) слободните зборовни состави;
б) логичните зборовни состави;
в) зборовните состави како синтаксички единици;
г) лексички неделивите зборовни состави.

2.  Фразеологизми се:

а) слободни зборовни состави;
б) логични зборовни состави;
в) зборовни состави како синтаксички единици;
г) лексички неделиви зборовни состави.
3. Фразеологизмите каде зборовите од составот добиваат сосема ново значење кое нема врска со значењето на одделните зборови, се викаат:
а) фразеолошки срастувања;
б) фразеолошки единства;
в) фразеолошки спојки;
г) фразеолошки состави.
4. Фразеологизмите чие општо значење е мотивирано од преносното значење на зборовите што влегуваат во составот, се викаат:
а) фразеолошки срастувања;
б) фразеолошки единства;
в) фразеолошки спојки;
г) фразеолошки состави.
5. Наброј три карактеристики на фразеологизмите: ___________

6. Издвој ги фразеологизмите во следниот текст и објасни ги!
Стојанка: Може да испревари некој друг. Кој превари, тој товари.
Ефка:       Денес Томче од татко ти збор да земе. Ама, машки со него да зборуваш!
Арсо:      Е, Теодосе ти и на сонцето сенка ќе му најдеш. Вистина малку е црна, ама знаеш како се вели: црното грозје е послатко. Не сакам во туѓо тенџере сол да турам, ама оваа девојка е токму за твој Томче.
Теодос:  Море, бегај ми од пред очи, зашто ќе те здробам како сува пиперка.
7. Објасни ги и определи го видот на следните фразеологизми:

го стега во гушата

душата му ја вади

го влече за нос

ја смени бојата на лицето

се продава како алва 

си легна на брашното

нозе ќе скрши

се тресе од страв

фати магла

крвта му врие

игра како што му свират

нема вода во очите

Одговори

1. г) лексички неделивите зборовни состави;  2. г) лексички неделивите зборовни состави; 3. а) фразеолошки срастувања; 4. б) фразеолошки единства; 5. зборовни состави (компонентен состав), неделив (зацврстен), преносно (метафорично) значење;  6. кој превари, тој товари – успева оној што ќе биде прв; збор да земе – ветување; машки да зборуваш – сериозно, смело, храбро; и на сонцето сенка ќе му најдеш – на се наоѓа забелешки, но и: снаодлив; црното грозје е послетко – црномурните луѓе (жени) се подобри, поубави; во туѓо тенџере сол да тура – да се меша во туѓи работи; бегај ми од пред очи – оди си; ќе те здробам како сува пиперка – ќе те истепам; 7. го стега во гушата – го мачи, измачува нешто (срастување); душата му ја вади – некој го малтретира, измачува (срастување); го влече за нос – го лаже, мами (срастување); ја смени бојата на лицето – се вознемири (единство); се продава како алва – брзо, лесно се продава (спојка); си легна на брашното – се помири (срастување); нозе ќе скрши – брза (единство); се тресе од страв – многу е исплашен (спојка); фати магла – избега (срастување); крвта му врие – вознемирен е, нервозен (срастување); игра како што му свират – прави како што ќе му кажат, нема свој став (единство); нема вода во очите – ништо нема, многу сиромашен (срастување)

Колку многу фразеологизми се прават во говорот најдобро може да се илустрира преку примерот за зборот „глава“ во фразеологизми (преземен од Снежана Велковска: Белешки за македонската фразеологија“):

            1. бела глава (стар човек, но и: мудрост),
            2. бистра глава ( паметен човек),
            3. букова глава,
            4. дебела глава,
            5. дрвена глава ( глупав човек, што не сфаќа многу),
            6. машка глава ( домаќин во куќата),
            7. женска глава (жена, но и: омаловажувачки, глупава),
            8. тврда глава (тврдоглав),
            9. крева (крена) глава ( се побунува против нешто),
            10. наведна глава (се засрами, но и: се покорува),
            11. крши глава ( бегај од тука, но и: отиде некаде без траг),
            12. главата горе! (охрабрување),
            13. не можеш да го фатиш ни за глава ни за опаш (недофатлив),
            14. бега како без глава,
            16. бега газ преку глава (бега со голема брзина, во паника),
            17. бос во главата (нешто му фали, не е многу интелигентен),
            18. има бубачки во главата (со чудни идеи),
            19. ја држи главата високо (се прави важен),
            20. му фали нешто во главата (не е интелигентен, омаловажувачки),
            21. како мува без глава (се движи дезориентирано),
            22. има ладна глава (трезвено размислува),
            23. има жешка глава (се занесува, нереален е, непотребно бунтовен),
            24. јак е во главата (тврдоглав, но и: паметен),
            25. му настинала главата (нешто не е во ред со менталното здравје),
            26. се бие по глава (си тепа глава), (се кае, тажи по нешто),
            27. ќе го направам тоа, па ако сакаш стој на глава (залуден напор),
            28. мисли со своја (туѓа) глава ( самостоен, несамостоен во одлуките),
            29. нема да ти падне круна од глава (нема да се наруши твојот интегритет),
            30. му изведе пилиња на глава (многу е упорен во некоја работа),
            31. му трие сол на глава (го прекорува за нешто),
            32. ја стави главата во торба (ризикува),
            33. ќе те скратам за глава (закана),
            34. многу му помина преку глава (преживеал тешки моменти),
            35. си ја чува главата (внимава),
            36. чува некого како очите во главата (многу внимава на некого),
            37. едвај донесе дома жива глава (едвај преживеал),
            38. летаат глави (се гине, но и: се губат позиции, работа, се паѓа на испит итн.)
            39. гарантира со глава (сигурна гаранција),
            40. му виси меч над главата (се наоѓа во голема опасност),
            41. ни влакно од глава нема да му фали (ништо нема да му се случи),
            42. му се качи на глава (му здодева),
            43. му стои над глава (внимава),
            44. му дојде преку глава (му здосади некоја работа),
            45. главата му е тапан (го боли, но и: збунет е, му се измешало),
            46. му удри крвта во глава (многу се налути),
            47. му удри виното во глава (се опијани),
            48. му удри власт во глава (се вообрази од власта што ја има),
            49. во главата му е каша (збунет е, му се измешало),
            50. му се врти во главата (има вртоглавица, но и: има силни емоции),
            51. за тоа не ме боли глава (не ме интересира, не се нервирам за тоа),
            52. му пука главата (го боли, но и: збунет е од многу проблеми),
            53. му фали штица (даска) во главата (не е ментално здрав) итн.