Фразеологија, фразеологизми

Фразелогија е дел од лексикологијата, односно нејзина поддисциплина. Таа се занимава со проучување на фразеологизмите – зацврстените зборовни состави, нивната употреба и изразни можности.
Зборовите во процесот на зборувањето се соединуваат еден со друг и образуваат зборовни состави – синтагми. Тоа се најпрости синтаксички единици составени од два или повеќе збора.
Има два вида зборовни состави:
1. слободни, и
2. неслободни.
Слободните зборовни состави ги создаваме во процесот на зборувањето. На пр.: малото дете, моето дете, умното дете, немирното дете, итн.
Зборовите што влегуваат во слободните зборовни состави можат да се спојуваат во лексичка врска со голем број други зборови. Значењето на ваквите состави се изведува од зборовите на самиот состав.
Неслободните зборовни состави се лексички неделиви, единствени по своето значење и во говорот ги употребуваме како готови зборовни единици – фразеологизми.
На пр.: рака на срце, го влече за нос.
Ако изразот го сфаќаме буквално – тој е слободен, а ако го сфаќаме преносно – тој е неслободен зборовен состав – фразеологизам.
На пр.: Иглата виси на конец. – слободен;
Животот му виси на конец. – неслободен (фразеологизам).

Фразеологизмот (phraseos = израз) кој е зацврстен зборовен состав се употребува како готова јазична единица. Го употребуваме за посликовито изразување.

На пр. наместо да кажеме: „Тој е плашлив“, може да се изразиме посликовито и да ја употребиме готовата и непроменлива во својот состав јазична единица, фразеологизмот: „Тој има зајачко срце“.

 

 

Повеќе за фразеологијата и фразеологизмите може да прочитате во статијата на Глобус.