Модерна литература

Модерна литература (модерната) се појавува кон крајот на XIX, односно почетокот на XX век.

Во тој период капитализмот доживува највисок стадиум — империјализам. Моќните капиталисти се здружувале во трустови зад кои стоела и државата која освојувала колонии — во Африка, Азија и Јужна Амарика каде црпеле богатства и евтина работна сила. Односите меѓу работниците и буржоазијата се заостриле до крај. На повидок биле револуциите на пролетеријатот.
Ваквите општествени услови придонеле да се појави нов правец во литературата — модерна; која обединува многу струења: симболизам, импресионизам, експресионизам, надреализам, дадаизам, футуризам, имажизам, акмеизам итн.
Под поимот модерна литература се подразбира бегање од реалноста, но и потрага по нов уметнички јазик и израз. Сите овие струења ги обединува антитрадиционалистичкиот однос кон литературата и уметноста.
Авангарда е термин за модернистичките интернационални движења од почетокот на XX век: експресионизам, футуризам, дадаизам и недреализам.
Авангардата од симболизмот и импресионизмот се разликува по начинот на сфаќање на животот и уметноста. Симболизмот и импресионизмот оваа разлика ја надминуваат со декадентната личност на уметникот, кој животот го живее како уметност; а авангардата ја поништува разликата со тоа што ја негира самата уметност.

1. Симболизам — се појавува во Франција со девизата уметност заради уметност. Претставата за светот и животот се предава во симболи кои само асоцираат на вистината. Симболистите сакаат да сугерираат, да навестуваат, да го оприсутнат постоењето на невидливото, на далечното и отсутното. Со симболизмот започнува таканаречената модерна литература, а нејзини претходници се: Шарл Бодлер и Едгар Алан По.

Симболизмот се шири во и вон Европа. Во Русија, претставници се: Блок и Бели, во Шпанија: Унамуно, во Германија: Штефан Георг итн.
2. Импресионизам претставува пренесување на импресиите (впечатоците) од и за надворешниот свет. Во импресионизмот се употребуваат многу бои, многу детали и лирски описи, а отсуствува духовната и мистичната страна која е одлика на симболизмот. Тука се инсистира на сетилноста, со што е сроден со натурализмот. Претставници се: Артур Рембо, Рајнер Марија Рилке.
3. Футуризам — е првото движење на авангардата кое се јавува во Италија, 1909 год.  Автор и втемелувач е Филипо Томасо Маринети со Футуристичкиот манифест. Тој ја нагласува потребата од ново движење – динамична уметност, во согласност со новото време. Се залагаат за отфрлање на сето претходно во однос на поетскиот јазик и синтакса, употребуваат многу вулгаризми, неологизми, варваризми итн. Ја величаат машкоста, борбените вештини и сопственото јас.
Во рускиот футуризам Владимир Мајаковски успева да ја обедини културната и општествената револуција и да има силно влијание врз уметноста во своето време. Неговите слогани се прифатени како поезија на улицата.

4. Експресионизам — се јавува во Германија 1910 – 1924 година. И тој претставува израз на новата урбана култура. Директно му е спротивен на импресионизмот и го нагласува и предимензионира изразот и визијата на катастрофалните состојби: болка, страв, ужас, глад, војна, смрт. И тука се употребуваат многу бои, но тие не се соодветни на природата.

Претставници се: Бертолд Брехт, Франц Кафка, Готфрид Бен, Георг Хајм, Георг Тракл, Оскар Кокошка и др.

5. Дадаизам — (дада — играчка, дрвено коњче) се јавува во Швајцарија за време на Првата светска војна, во циришкото кабаре Волтер. Дада — коњчето е замислено како тројански коњ кој ги симболизира лажните цивилизациски вредности на Западот, особено засилени со безнадежноста во контекст на војната. Духовен водач на групата е Тристан Цара. Дадаистите имаат презирен однос кон уметноста и ја негираат. Сликаат предмети од областа на бесмисленоста и примитивноста, рецитираат бесмислени песни само со нивната звучна страна (музика на шумовите) итн.

6. Надреализам — надвор од реалното. Авторите го мешаат сонот и јавето, тоа се еден вид привидувања, диктат на потсвеста. Се појавува во Франција, а претставници се: Андре Бретон, Луј Арагон, Пол Елијар, Жак Превер и др.