Научен стил

Hаучниот стил ги покрива областите на науката и техниката, образованието и просветувањето. Може да биде во усна и писмена форма, но карактеристична е објективноста на изложувањето, постапноста, логичноста и прецизноста.
Јазичниот израз кај научниот стил е строго специјалистички за определена област со претходно осмислен исказ, се употребува литературен јазик со монолошки карактер.

Во научниот стил разликуваме три потстила:

1. Строго научен стил – се употребува во текстови што ги пишуваат специјалисти наменети за специјалисти од истата област и се карактеризира со широка употреба на термини.
Овој стил се карактеризира со информативност, прецизност, логичност и се користи при пишување монографии, дисертации, реферати, статии и воопшто секаква стручна литература.
2. Научно – популарен стил – се употребува од специјалисти за неспецијалисти. Овој стил е поедноставен, а термините се преведуваат или објаснуваат. Се користи во книги, статии (списанија), предавања и сл.
3. Научно – учебнички стил – се употребува за неспецијалисти кои треба да добијат извесни знаења и да станат специјалисти од соодветната област.
Обемот на материјалот е строго ограничен со програмата на наставниот предмет, а начинот на излагањето треба да биде во согласност со возраста и претходните знаења на тие што го користат учебникот. Овој стил се користи во учебници, учебни помагала, статии, прирачници и сл.