„ Процес “ од Франц Кафка

Животот е процес – долг судски процес во кој сите ние сме осудени на смрт. Кафка, преку алегорична слика на судски процес, ни ја претставува бесмислата на живеењето, апсурдноста на секојдневието, изгубеноста на човекот во современото општество. Ако Мерсо во „Странецот“ сам си е виновен што не пронаоѓа смисла, ако Владимир и Естрагон се осудуваат на вечно чекање на Годо, овде, Јозеф К. ништо не може да промени, со ништо не може да повлијае – сѐ е крајно и конечно: смртта доаѓа.


Ракописот од романот „Процес“ не бил предвиден за печатење, тој е и незавршен, и уште повеќе од тоа, самиот автор му оставил завет на својот пријател по смртта да биде уништен. Писмото до пријателот гласи вака:
„Драги Макс, мојата последна молба: сѐ што ќе се најде во мојата заоставштина (…) – дневници, ракописи писма, туѓи и мои, прибелешки и така натаму, изгори го сето без остаток непрочитано, а исто така и сите ракописи и прибелешки што ги имаш ти или други што од мое име ќе ги помолиш за ова. Писмата што не ќе сакаат да ги предадат, барем нека се задолжат дека сами ќе ги изгорат.“
И покрај ваквата молба, последна желба на авторот, неговиот пријател сепак одлучил да не го послуша и да не му ја исполни. Изговор нашол во тоа дека и претходните ракописи Кафка сакал да ги уништи, но под силно влијание на пријателот и со многу убедување, сепак биле испечатени.

Тоа што не е довршен и среден, не му пречи на романот „Процес“ да биде она што е, четиво кое нè носи низ лавиринтите на судството, слично како што патува Алиса низ земјата на чудата. Или можеби уште повеќе од тоа – низ лавиринтот на еден бесмислен живот пред неговиот уште побесмислен крај, како Данте низ деветте кругови на пеколот со Луцифер на крајот. Ликовите во романот се чудни, нереални пројави, речиси духови, сместени во простории какви никаде не можеме да сретнеме, со ниски тавани, со чудни врати кои водат во други уште почудни простории, со решетки или дрвени прегради, претрупани со хартии или нечии алишта, со соби за привремено живеење кои се и канцеларии во определени денови, со безброј ходници, со луѓе што чекаат до остарување, со скали кои водат кон следниот лавиринт. И вака прикажан – бескрајниот лавиринт во романот е токму она што претставува судството во денешно време, бескрајно одложување, мамење, надитрување, затскривање, заборавање на човекот и неговиот обичен живот и обичните проблеми со кои се соочува. Тие проблеми не можат ни да се откријат, ни да се дефинираат, ниту да се решат. Општеството е такво каде човекот не може да се пронајде себеси, каде нема кој да помогне, каде човекот престанува да биде човек – туку станува само една бројка, еден од многуте нерешени случаи во процесот наречен „живот“ и каде крајот е неизбежен – да се умре како куче.


„Бездруго некој го наклеветил Јозеф К., зашто, без да направи нешто лошо, едно утро го уапсија“.
Ова е почетната реченица на романот каде дознаваме дека

Јозеф К. не направил ништо лошо (тој не направил ни добро), но сепак, без образложение, без тоа да му биде некому чудно, му врачуваат покана за судски процес против него. Ниту на почетокот, ниту на крајот не дознаваме за што е осуден К.

Тоа се случува на неговиот триесетти роденден, а процесот трае цела година без било што да се промени или расветли. На крајот, на неговиот триесет и први роденден, доаѓа Судот, завршувајќи ја агонијата и погубувајќи го.

 

Содржина на романот Процес

 

Јозеф К. работи како повисок службеник во банка, а живее во изнајмена соба кај госпоѓата Грубах со други кираџии, меѓу кои се издвојува госпоѓицата Бирстнер која на некој начин го привлекува Јозефа.
Тоа утро, кога доаѓаат чудните луѓе, го пореметуваат вообичаениот тек на денот на Јозеф К. Утрото, готвачката не му го носи појадокот, човек во одело ја отвара вратата од неговата соба — ја нарушува неговата приватност, другите луѓе комотно претураат по неговите и по работите и сликите на госпоѓицата Бирстнер. Луѓето се вкупно петмина — двајцата стражари кои му ја врачуваат судската покана и тројца службеници од банката, чие присуство не е јасно — што тие воопшто бараат во станот на Јозеф К. Тројцата воопшто не зборуваат, само чепкаат по станот, си шепотат нешто меѓусебно и претставуваат декор во сликата на чудното апсење на Јозеф К. Додека другите двајца, иако ништо конкретно не соопштуваат во врска со осудата, сепак, се однесуваат многу дрско, нивното присуство застрашува, но се гледа и нивната безобразност и желба за искористување (поткуп) кога на Јозеф К. му велат дека е подобро тие да ги земат неговите кошули (облеката), отколку таа да биде фрлена во депото каде никој нема да ја користи и на крај ќе биде уништена. Откако Јозеф ќе се помири со фактот дека е уапсен и подготвено ќе рече да го носат каде што треба, службениците со потсмев ќе му кажат дека тој треба да оди на работа, дека веќе малку доцни, а во недела, кога нема да биде зафатен да дојде на определената адреса и да се пријави на сослушувањето.
Денот на работа му поминува речиси вообичаено, освен што неколкупати кај себе ги повикува тројцата службеници кои утрото го посетија во неговиот стан за да прочита нешто од нивните лица, но ништо не може да открие, тие се однесуваат како ништо да не се случило.
Вечерта оди кај својата станодавка, госпоѓата Грубах, за да се извини што утрото дошле неповикани луѓе и ѝ отвориле работа, но и таа реагира смирено, како ништо да не се случило, а за неговото апсење смета дека е некако „учено“, не како апсење на некаков крадец. Со неа разговараат и за госпоѓицата Бирстнер која за Грубах, иако е мила, точна, чиста, сепак се однесува неодговорно и недостоинствено зашто веќе двапати ја видела во темни улички со различни мажи. Јозеф К. застанува во одбрана на ваквото озборување и вели дека нејзината работа е таква, мора ноќе и до доцна да излегува.
Откако останува сам, К. одлучува да ја чека госпоѓицата Бирстнер за да ѝ се извини што чудните господа чепкале во нејзината соба, иако сега сè било во најдобар ред, повторно средено и ставено на своето место. Ја дочекува доцна, изморена и капната, но љубезна кон него, па му дозволува да дојде во нејзината соба за да си каже зошто чекал. Тој ѝ раскажува што сè се случило утрото, за него и неговиот процес, бара нејзино мислење, но многу повеќе посакува физички да ѝ се приближи. Го привлекува нејзината фигура, нејзината коса, и на крајот кога таа се обидува да го испрати од својата соба, тој начекува момент и: „се стрчна, ја фати, ја бакна в уста и потоа сето лице како што жедно животно се нурнува со јазикот во изворската вода што најпосле ја нашло. На крајот ја бакна в грло и усните ги задржа долго време таму.“
Во оваа ситуација е јасно дека Јозеф не се воздржува во своите страсти. Тој има девојка, Елза, која работи како келнерка во блиската кафеана. Но, желбата физички да ѝ се приближи на Бирстнер не ја отфрла, а таа премногу не се ни противи. Сето ова е токму животински, инстинктивно, и за романот „нормално“.



Ако првата глава со апсењето, во најмала рака е необична, тогаш втората глава — првото иследување, е веќе длабоко навлегуваме во „земјата на чудата“, светот на судството, во просторот на можното и неможното, односно во симболите кои ја претставуваат „модерната држава“.
Во недела наутро Јозеф К. се упатил да ја бара посочената адреса. Тој навлегува во мали нечисти улички со шаренило ликови кои живуркаат во своите мали куќички. Доаѓа до една пространа куќа во која влегува, се качува по скалите и на првиот кат почнува неговото трагање на истражната соба. Иако прашува каде да го најде измислениот столар Ланц, луѓето го упатуваат низ ходниците, катовите и тој доаѓа на петтиот кат, влегува во соба каде млада жена пере детска долна облека, ја прашува истото — дали тука живее столарот Ланц — и таа го поканува да влезе и му ја покажува соседната соба со отворена врата. Тој ѕирнува во просторијата преполна со луѓе, со галерија каде луѓето морале да стојат наведнати за да ги собере, и се подвратува назад мислејќи дека не е тоа вистинското место. Но, жената му вели да влезе и дека таа мора да ја затвори вратата по него. Уште на влезот кус млад човек го фаќа за рака и го носи на преполниот подиум каде започнува распитот. Го прекоруваат што доцни, го прашуваат дали е тој молер, на што Јозеф К. бурно реагира започнувајќи говор. Публиката во собата е поделена на две „партии“. Додека едните, сместени на десната страна, се смеат и ракоплескаат на неговите зборови, другите, од левата страна седат сосема мирно и тивко. Тие се однесуваат како некој да диригира со нив. Во жарот на својот говор, во врска со начинот на апсењето, зборувајќи со висок стил и тон на оратор, иако раскажува само детали од случувањата во неговиот стан, тој се доближува до судијата и ја зема неговата изветвена тетратка во која мисли дека има нешто многу важно за судските пресуди и ја фрла во воздух. Уште побизарно, во текот на говорот, во живо ќе се случи сексуален чин, кој присутните во салата со задоволство ќе го проследат. Младата жена, која переше во влезната просторија, некој студент ќе ја притисне до ѕидот, и тука, пред целата публика, како да е тоа нешто сосема нормално, ќе ја задоволи својата страст.

Разлутен, Јозеф К. ќе го прекине својот говор и ќе сака да ја напушти салата, на што истражниот судија му вели дека на тој начин се откажува од распит, што за неговиот случај не е добро и не ќе биде во можност тоа другпат да го направи. Но, К. не може повеќе да издржи и јурнува низ скалите да избега што подалеку од ова лудило.

 



По една недела не добивајќи никаква покана за понатамошно одвивање на процесот К. самиот ќе се упати кон судот. Таму доаѓа кај младата жена, која ќе му се извини што го прекинала неговиот говор минатата недела, но му објаснува дека не смеела да го одбие студентот зашто тој имал перспектива во кариерата, а со тоа се сложувал и нејзиниот маж. Таа го води во просторијата каде се одвивал распитот, но сега таа е празна, правлива, задушлива. Јозеф К. се доближува до „важните тетратки“ на истражниот судија, но погледнувајќи во нив, тој ќе види само лошо нацртани еротски цртежи. Младата жена ќе му понуди помош на К., а тој секако ќе сфати дека таа му се нуди, уште повеќе кога ќе му ги покаже чорапите што ги добила за подарок од истражниот судија, кој исто така покажувал интерес за неа. Тогаш ќе се појави студентот, кој на рамо, како вреќа компири ќе ја одведе жената. Во прв момент К. ќе се обиде да ја придобие за себе си, бидејќи почнала да му се допаѓа, но таа иако сака да биде со него, сепак ќе му дозволи на студентот да ја одведе, зашто истражниот судија пратил по неа — а тоа не се одбива.
Во продолжение, К. се сретнува со мажот на младата жена, судскиот служител кој го спроведува низ ходниците каде немо чекаат осудени кои стануваат од почит, мислејќи дека минува некој важен. По разговор со еден од осудените, на врата се појавува девојка која му помага при излезот, зашто во меѓувреме на К. му се слошува од жештината и спарноста, од лавиринтот со дрвени врати и мали прозорчиња, каде излезот тешко се наоѓа.

По неколку дена, излегувајќи од својата канцеларија појден кон дома, од една темна, ниска просторија за чување истрошени и непотребни работи, К. зачул гласови. Кога ја отворил вратата, во мракот здогледал тројца луѓе, понаведнати за да ги собере. Едниот бил облечен во тесна, црна, кожена облека и со грбач ги тепал другите двајца. Кога го виделе К. на вратата, двајцата веднаш почнале да го молат и да му кажуваат дека ќе ги тепаат зашто тој се пожалил кај истражниот судија на нив. Тогаш К. сфаќа дека тие двајца се стражарите кои првиот ден беа дојдени во неговиот стан да го уапсат. К. се брани велејќи дека ја кажал само вистината, дека тие и не се однесувале многу добро, и дека сакале да му ја земат облеката. Но, дека ако некој треба да биде тепан, секако тоа не се најниските службеници, туку некој од повисоките, од судиите. Не можејќи да им помогне тој си заминува дома, а следниот ден помислил дека само му се присторувало, или дека сонувал, па кога си заминувал кон дома повторно ја отворил малата врата за да се увери дека не е вистина. Но, сè било исто како претходно. Таму си биле тројцата, каде едниот со грбач ги тепал другите двајца.

 



Во меѓувреме за неговиот процес дознава и вујко му, од ќерка си, братучетката на К. која учи средно училиште во местото. Тој веднаш доаѓа за да му помогне на својот внук, носејќи го кај својот пријател — адвокатот. Адвокатот, пак, е болен, легнат во кревет, а покрај него постојано е младата болничарка Лени. Ни самиот Јозеф К. не знае за што е обвинет, ниту каков процес се води против него, а адвокатот иако болен и неподвижен веќе сè слушнал и сè знае. Знае дека случајот е тежок и заплеткан. Разговорот што го водат адвокатот и вујкото станува неважен за Јозеф кога младата Лени почнува да флертува со него и го одведува во друга просторија, повторно необична, претрупана со листови хартија и друго ѓубре. Таа го заведува со својот физички недостаток — со кожата меѓу двата прста како на жаба, му се фрла во прегратки и го зема тука — врз правот на старите хартии. Таа е свесна дека не му се допаѓа, но тоа не е пречка да не го задоволи животинскиот инстинкт — и нејзин и негов.

За тоа време вујкото надвор покиснал чекајќи го К. и го прекорува за несериозноста и за тоа што го немало толку многу време.

 



Во романот, глава по глава се нижат чудни настани, се појавуваат уште почудни ликови: фабрикантот кој го праќа кај сликарот Титорели; сликарот Титорели кој заради својата уметност — сликањето на портретите, има големо влијание во судот, а на чии скали постојано има голема група девојчиња (негови фанови) кои му припаѓаат на судот; трговецот кај адвокатот, кој открива дека има многу адвокати кои му го водат случајот, а исто така му кажува дека тие веднаш прогнозираат каков ќе биде исходот, на пример, за К. претпоставуваат дека ќе биде осуден заради обликот на неговите усни; и пред крајот средбата со свештеникот. Катедралата К. ја посетува службено, како придружба на некој Италијан, но во разговорот со свештеникот тој останува сам и тоа е разговор како во чистилиштето. Свештеникот се претставува како затворски капелан кој му соопштува дека неговиот процес стои лошо и дека го сметаат виновен. Му ја раскажува интересната приказна за вратарот пред чија врата цел живот го поминал еден човек, приказна за предодредената судбина. На почетокот вратарот го дочекал со зборовите дека сега не може да му дозволи пристап (смислата на животот и смртта се уште далеку), а на крајот, кога човекот сосема остарел чекајќи, му вели дека тој влез е предодреден само за него. Така, во приказната, а и во животот човекот често одлучува да чека пред вратата (како и во „Чекајќи го Годо“), отколку навистина да живее. Јозеф К. и свештеникот ја разработуваат приказната од повеќе аспекти, филозофирајќи и доаѓајќи до сознанија, но поради преголемиот замор, а и широчината на мислите кои се отвараат во приказната К. одлучува да си замине.

 



Во последната глава на романот, на триесет и првиот роденден на Јозеф К., навечер, во неговиот стан доаѓаат двајца дебели дотерани господа, со цилиндри на главите како да им сраснале, повеќе како актери од некој театар отколку како сериозни џелати. Тие без зборови го приведуваат Јозеф, го фаќаат под пазува, го носат надвор од градот, во каменоломот. Таму го слекуваат, ја здиплуваат неговата облека, му наоѓаат убаво место каде го легнуваат. К. во тој момент си ги поставува прашањата за другите луѓе, за пријателите, за судот, за судијата кого никогаш не го видел и ги крева рацете со сите прсти раширени.
„Но на гркланот на К. беа ставени рацете на едниот господин, додека оној другиот му го збрца ножот длабоко во срцето и го сврте таму двапати. Со очи што гаснеа К. виде уште како господата, пред самото негово лице, прилепувајќи образ до образ, го набљудуваа извршувањето на пресудата. „Како пес!“ рече тој; а изгледаше, ќе биде надживеан од срамот.“ 

Вака завршува романот — со погубување на главниот јунак. Неговиот бесмислен живот завршува уште побесмислено.