Југоисточно наречје

            Југоисточно наречје зафаќа многу поголема област од западното. Тоа ја опфаќа областа источно од реката Вардар и Црна Река. Северната граница оди по линијата Скопје – Свети Николе – Пробиштип; на исток навлегува во Пиринска Македонија, а на југ во Егејска Македонија.
            Особеностите во ова наречје не се многу изедначени и егејските говори (јужно наречје) се разликуваат од источномакедонските (источно наречје). Но, сепак имаат заеднички особини.
            А. Акцент
            Во југоисточното наречје акцентот е слободен и може да се најде на било кој слог од зборот:
            –           на крајот од зборот: женá, дојдé;
            –           на вториот слог од крајот од зборот: невéста, постéла (во јужните говори има тенденција да се задржи на вториот слог од крајот на зборот);
            –           на третиот слог од крајот од зборот: истина;
            –           на четвртиот слог од крајот на зборот: лáпавица.
            Б. Фонетско-фонолошки особености
            1. Групата цъв преминала во цав(цаф).
            На пр.: цафти.
            2. Интервокалното в се чува.
            На пр.: човек, глава.
            3. Појава на вметнато в на почетокот од зборот.
            На пр.: важе, ваглен.
            4. Доследно чување на гласот х.
            На пр.: бех, бехме, кожух.
            5. Карактеристична е редукцијата на самогласките, а пред членот тие сосема се губат.
            На пр.: работата – работта; половината – пуловинта.
            В. Морфолошки особености
            1. Се употребува он, она, оно; они како лична заменка за 3 л.
            2. Се употребува само членската морфема -от (-он и -ов не ги употребуваат).
            3. Се користат наставките -зе и -ка за засилување на личните заменки.
            На пр.: јазе, јаска.
            4. Кај показните заменки отсуствува третиот член: се употребуваат тој (тај), овој (вој), а го нема оној.
            5. Посвојната заменска придавка гласи: нејн, нејна, нејно; нејни.
            6. Дативниот однос се искажува со на.
            На пр.: нам – на нас; кому – на кого.
            7. Помошниот глагол сум во 3л. мн. е са.
            На пр.: тие се – они са.
            8. Предлогот во преминал во у, а со во сос(сус).
            На пр.: сос нас (сус нас).
            9. Не се употребуваат глаголски конструкции со има/нема.
            Г. Синтаксички особености
            1. Местото на кратките заменски форми е зад глаголот.
            На пр.: видох го, разбира се.
            2. Се чува употребата на формата од помошниот глагол сум во 3л.едн и мн. во минато неопределено време.
            На пр.: Он е дошол, Они са дошли.
            Јужните говори имаат свои специфики што се однесуваат на:
            1. Се чуваат старословенските групи тј и дј.
            На пр.: братја, дјавол.
            3. Групата нј преминала во јн.
            На пр.: коњ(конј) – којн
            4. Мекото нъ (њ) затврднало и преминало во н.
            На пр.: бања – бана; дечиња – дечина.
            5. Се чуваат консонантните групи шч и жд.
            На пр.: свешча, чуждо (чужо).
            6. Глаголите чиј општ дел завршува на согласка имаат наставка -и:
            На пр.: носи, дери, јади, купви;
            а, оние што завршуваат на самогласка имаат наставка -е:
            На пр.: трае, чуе.
            7. Глаголските конструкции со има/нема многу се употребуваат и заради тоа се загубила л-формата и сите сложени глаголски форми што се образуваат со неа.
            На пр.: сум одел – имам одено; бев одел – имав одено; ќе сум одел – ќе имам одено.
            8. Предлогот на се употребува за образување на директен и индиректен предмет.
            На пр.: Го виде на човеко.
            9. Често се употребуваат конструкциите од типот: е дојден, беше дојден.