Ацо Шопов, живот и поетско творештво

За животот на Ацо Шопов

Ацо Шопов (1923-1982)

Ацо Шопов е роден во Штип каде завршува основно училиште и гимназија. Филозофски факултет завршил во Скопје.

Шопов бил активен учесник во НОБ од 1941 година.
По ослободувањето, работел и живеел во Скопје, каде бил уредник на неколку литературни списанија. Издал повеќе збирки поезија, но и активно преведувал, претежно од југословенски автори, но и дела од Шекспир, Корнеј, Крилов и др.

Македонската повоена поезија се дели во три фази кои ги следи и Шопов.
Во првата фаза, која ги опфаќа годините по војната, тој пишува борбена и патриотска поезија, во која сè е подредено на татковината. Тука спаѓаат збирките: Песни“, Пруга на младоста“ (заедно со Славко Јаневски), Со наши раце“, На Грамос“.
Следејќи ги тековите на модерната поезија, во следната фаза пишува интимна лирика. Мотивите се: човековото битие, минливоста и смислата на животот. Тука спаѓаат збирките: Стихови за маката и радоста“ и Слеј се со тишината“.

Во последната фаза, поезијата на Шопов е исполнета со интровертност и автобиографски елементи во која спаѓаат збирките: Ветрот носи убаво време“, Небиднина“,  Гледач во пепелта“.

Поетско творештво

 

Од првата фаза на творештвото на Шопов се издвојува антологиската песна Очи“.

Очи

(Со наши раце“)

 

Песната Очи“ е тажачка по загинатата другарка – соборец, Вера Јоциќ. Таа има баладичен, елегичен тон и претставува тажно сеќавање на трите долги дена кога партизаните ја носеле својата другарка на раце низ македонските планини. Тие се неми сведоци на нејзиното бавно умирање, но и сведоци на нејзината бестрашност и храброст.
            Три дена на раце те носевме збрана,
            со тага и болка на погледот срчен,
            и секоја капка на твојата рана
            ко крвава жар ни капеше в срце.
            …………………………………………………..
            …а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
            и летна во ноќта крвава и црна, —
            со своите очи што ригаа пламен
            ги растопи часкум челичните зрна…
Но, тогаш, таа е смртно ранета и ги изговорува во шепот своите проштални зборови. Болката заради нејзината смрт кај борците предизвикува желба за одмазда, желба да се продолжи со борбата, да се биде како неа.

Блесокот на нејзините очи се вселува во очите на нејзините другари. Тоа е поттикот за новите борби за слобода.

Циклусот Молитви на моето тело“

Циклусот Молитви на моето тело“ е од збирката Небиднина“. Тој содржи 12 песни и претставува заокружена тема. Централен симбол во циклусот е телото. Тоа е претставено како митски облик – првично тело, кое го достигнува својот врв и бујност во љубовта. Опаѓањето на бујноста, разочараноста од староста и од смртта (небиднината) се темните мотиви кои го окупираат вниманието на поетот. Тој се враќа кон молитвите, кон бајачките, кон древните ритуали на гонењето на лошиот дух на смртта со гест, музика и збор. Со првата песна од циклусот Раѓање на зборот“, Шопов ја отвара темата на зборот во македонската поезија.
Раѓање на зборот
            Глужд на глужд.
            Камен врз камен.
            Камена шума
            изѕемнина.
            Глужд на глужд.
            Камен врз камен,
            од камен и ние обата.
            Чади ноќта.
            Зборот се двои од темнината.
            Модар јаглен му гори во утробата.
            О ти што постоиш зашто не постоиш,
            небото го лулаш,
            земјата ја вртиш.
.
            О ти што постоиш зашто не постоиш,
            земјата јачи под камени плочници.
            Иде замелушен од своите смрти
            Зборот што ги крши сите слепоочници.
            Глужд на глужд.
            Камен на камен.
            Својот гроб со прокуда го копам.
            Отвори ме
            проклетио,
            ти тврдино камен,
            да изгорам во јагленот на зборот,
            да се стопам.
Песната започнува со метафизичка слика на камената шума над која чади ноќта. Тоа е слика на хаосот пред создавањето на светот. Поетот и зборот се дел од таа шума. Креативно, поетот го поистоветува зборот со светлината. Во Светото писмо, Бог ги создава земјата и небото и потоа ја издвојува светлината; поетот го издвојува зборот. Модриот јаглен метафорички го претставува огнот. За поетот, зборот е тој што го претставува вистинскиот почеток. Со зборот, со говорот човекот станува човек. Со зборот, со именувањето на предметите и појавите е и нашиот почеток.
На зборот е посветена и следната песна, првата молитва – Молитва за еден обичен но уште непронајден збор“.
Започнувајќи го мотивот на телото, молитвата е упатена кон пронаоѓање на збор кој личи на обично дрво“, на склопени дланки за молитва, вистински збор кој ќе нè израдува, ќе ни даде надеж.
            Пронајди збор на раѓање, на лелекање,
            пронајди таков збор. И овој храм
            затворен во својата древност и голем од чекање
            ќе се отвори покорно и сам.
            Пронајди збор на раѓање, на лелекање.
Зборот што го бара поетот е поврзан со човековата исконска желба за вечна младост и вечен живот (еликсир).
Во третата песна од циклусот, Втора молитва на моето тело“, поетот го воведува мотивот на мостот. Мостот симболизира спојување, зближување. Неговото тело е мост и тој сака да се доближи до сè, да доживее, да види, да допре сè.

Третата молитва на моето тело

 

Што си: девојка, жена, мајка? Што си
ти што бдееш пред овој храм во кој со тишина се лечи
 телото мое, молитвено што клечи.
Светлина ли, мрак ли твоето идење му носи.

Што си: девојка, жена, мајка, што си?

Што си ти застаната со спокој темен
пред ова тело чиј глас со виј го гони
ветрот што лута, под тајни небосклони,
чиј глас е жед и виј на вијот земен.
Што си ти застаната со спокој темен?
 Што си: девојка, мајка, жена
 ти – скаменета пред влезот на овој храм
 со моќно име: ПОБЕДУВАМ,
 па ова тело возвишено го крена.
Што си ти: девојка, мајка, жена?
Мотивот на жената и на љубовта започнува со оваа песна. Но, кон овој мотив Шопов не приоѓа на едноставен начин. За него љубовта не е едноставна и уште на почетокот на песната го поставува тројството: девојка, мајка, жена (еротска љубов, мајчина, сопружничка). Слично како Блаже Конески во Болен Дојчин што ѝ се обраќа на Ангелина со: непозната жено, мајко, сестро и Шопов ѝ приоѓа на љубовта. Исплашен од немирот и чувствата што му навираат, во до тогаш мирниот и спокоен живот (храм во кој со тишина се лечи) тој не знае што да направи. Дали да ги отвори портите и да ѝ дозволи на непознатата љубов да влезе во неговото срце? Но, тој нема избор – таа ПОБЕДУВА, таа доаѓа и го разбранува неговото тело, го прави да се чувствува моќен и возвишен.
Чувството на несигурност и страв наспроти чувството на љубовта во песната се дадени во постојан контраст (светлина – мрак; спокој, тишина – глас, виј; клечи – крена).
Во следните молитви е присутна љубовта, еротиката, екстазата, задоволството, во една разиграна форма, преку специфичниот стил на Ацо Шопов.
            Зар ќе испливаш од ова тело, од овој темен вител,
            танчарко на сите подземни, сите нескротени води.
            Ти си само овде како прастар жител
            и играш врз ова тело гневно што те роди.
            (Петта молитва на моето тело“)
            Везилка си на оваа игра, на овој домородски ритам.
            Од дивина со крвта ми викаш, од далечина:
            Кон твоето тело неподвижно итам
            јас непозната, глув водопад од месечина.“
            (Шеста молитва на моето тело“)
            Ова тело личи на жедна суводолица
            поцрнета од сонце, испукана од жега.
            Ова тело е истрајно и гладно како јаловица.
            Биди му родилка, зачни го повторно сега.
            (Седма молитва на моето тело“)
Осмата молитва на моето тело или Кој ќе ја смисли таа љубов“ е песна во која поетот трага по постоењето на чудото на љубовта кое е меѓу сонот и јавето, меѓу секојдневното и непознатото, меѓу надворешниот свет и него.
            Издолжено в неврат лежи ова тело!
            со око стрел в око на вишините,
            земјата ја корне со чело,
            Земјо, ти веќе не си земја,
            ти си грутка надеж,
            црна од мака, од соништа зелена,
            ти си око фрлено во вселена.
            Кој ќе ја смисли таа непозната љубов —
            пред ова будење
            пред ова заспивање —
            тоа чудо во чудо,
            тоа завивање!
Во деветтата молитва, поетот преку слика на соѕидан град“, на гулаб вечен“ што стои на кровот сака да ја открие страшната тајна“ на телото што тече без тек“. Телото старее, животот минува, а поетот сака да најде начин тоа да остане вечно. Затоа повторно му се враќа на зборот (Дали го откри тој збор, тоа име“), кој можеби е клучот на вечноста.
            Веќе во следната, десетата молитва тој ќе рече:
            Еве го тоа место, таа заробена убавина
            таа чудесна смрт од сино и бело,
            од сино и бело во очите на ветерот
            еве го тој непрокопсаник, тоа тело.
Смртта доаѓа, таа доаѓа уште со самото наше раѓање, а телото е непослушниот непрокопсаник“ кое ќе заминува во небиднината. Од тука, поетот започнува со своето навлегување во небиднинскиот круг.
Централната песна во збирката Небиднина“ на која ѝ претходат молитвите, е една од најубавите песни на Ацо Шопов. Во неа тој длабоко понира во своето битие и во битието на човекот воопшто. Навлегува во грозоморот, во темната крв кои ѝ се спротивставуваат на радоста на живеењето и љубовта.
            Небиднина
            1.
            Патував долго, патував цела вечност
            од мене до твојата небиднина.
            Низ пожари патував, низ урнатини,
            низ пепелишта.
            По жега, по суша, по невиделина.
            Се хранев со лебот на твојата убавина,
            пиев од грлото на твојата песна.
            Не гледај ги овие црни суводолици
            што го параат моето лице —
            ми ги подари лицето на земјата.
            Не гладај ги овие нерамнини врз плеќите
            ми ги донесе умората на ридјето.
            Погледај во овие раце —
            два огна,
            две реки
            темно чекање.
            Погледај во овие дланки —
            две полиња,
            две суши
            глуво лелекање.
            Патував долго, патував цела вечност
            од тебе до мојата небиднина.
            2.
            …И сега сам,
            пред овој рид од болка и човештина,
            на патишта што не ги знам
            завивам од глад и пцости.
            Ти дојде како црна вода на болештина
            со која се болува довек
            од сите проклетства и злости.
            3.
            …Кој тоа невидлив во мене седи
            и пали таен оган,
            кој и го руши на крвта ѕидот,
            кој ми го краде слухот,
            кој одзема видот,
            кој пласт врз пласје неуморен реди,
            кој тоа невидлив во мене седи.
            4.
            …Кој ги избриша со рака лесна
            сите далечини,
            сите близини,
            кој ни ја досуди таа небиднина
            да бидам стебло, да бидеш песна.
            . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . . .
На крај, ќе се навратам на четиристишното бисерче на Шопов, најмалата песна од втората фаза во неговото творештво кога понира во својата интима. Таа е расположение на поетот, негова внатрешност, но која стана и наша:
            Во тишината
            Ако носиш нешто неизречено,
            нешто што те притиска и пече,
            закопај го во длабока тишина,
            тишината сама ќе го рече.