Влада Урошевиќ

Влада Урошевиќ, живот и поетско творештво

Влада Урошевиќ е роден во Скопје, 1934 година. За време на Втората светска војна, неговото семејство, заедно со другите српски семејства било депортирано, но по војната се враќа во Скопје, каде завршува гимназија, а потоа и Филозофски факултет. Тој пишува поезија, раскази, есеи, критики. Негови збирки песни се: Еден друг град“, Невиделица“, Летен дожд“, Ѕвездена терезија“, Нуркачко ѕвоно“, Сонувачот и празнината“ и др. Романот: Вкусот на праските“, збирките раскази: Знаци“, Ноќниот пајтон“, Лов на еднорози“ и др.

Е-книги од Влада Урошевиќ.

 

Поетско творештво

Поезијата на Влада Урошевиќ содржи во себе еден надреализам, делчиња од реалниот простор во надреалниот свет на поетот.
Во првата збирка поезија Еден друг град“, градот има централно место и тука тој се јавува како изразито урбан поет.


            Има еден друг град во овој град
            кој постои помеѓу нејзиното доаѓање
            што почнува да се забележува
            малку порано
            во облик на лесно забавување
            на движењата по плоштадот
            и помеѓу
            сосема наивната сличност
            на аголот на една куќа
            со рамо
            што незабележливо се движи
            за да се сврти главата наназад.
            (Еден друг град“)

Мотивот на сонот е многу чест во песните на Урошевиќ. Тој преку сонот пее за сонот и сонувачите, за сите места што можат да се досегнат во сон, за сè достижно и недостижно. Пее за земја на сонот“, куќа на сонот“, собите на сонот“, за сонот кој е поврзувачка нитка на реалното и иреалното, на објективното и имагинарното. Посебно место во својата поезија  им дава на сонувачите:

            Сонувачи – тоа се тие
            што бавно кон дното тонат.
            Оној што во длабочините спие
            има во слухот подводни ѕвона
            (Пловидби на сонувачите“)

            Секој сонувач е воедно и летач.
            Откако замав над ноќните покриви ќе земе
            ќе ги прелета градовите што сè уште светат
            и ќе заплови низ бескрајот темен.
            (Сонот и летањето“)

            Ламба во нејзиниот сон гори
            и мачка гази со кадифени шепи.
            И додека шума со шума во темнината спори
            се раѓаат езера невини и слепи.
            (Жена која спие“)

            …Една кутија со себе носат
            и од секаков допир ја чуваат.
            ………………………………………….
            Со тајната на кутијата
            напразно сепак ќе се мачите.
            Спијачите си спијат,
            сонуваат само сонувачите.
            (Тајната на сонувачите“)