Димитар Солев „Зима на слободата“

За животот на Димитар Солев

Димитар Солев

Димитар Солев е роден во Скопје на 24 мај 1930 година. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Бил директор на Македонската телевизија, уредник на списаниjата „Млада литература“ и „Разгледи“. Член на Македонскиот ПЕН центар и на ДПМ од 1956 година.

Солев е раскажувач, романсиер, драмски автор, есеист, критичар, преведувач.  Автор е на делата: Окопнети снегови (раскази, 1956), Под усвитеност (роман, 1957), По реката и спроти неа (раскази, 1960), Ограда (раскази, 1963), Кратката пролет на Моно Самоников (роман, 1964), Зима на слободата (раскази, 1968), Слово за Игора (раскази, 1969), Кво вадис скриптор (есеи, 1970), Полжави (раскази, 1975), Дрен (роман, 1980), Зора зад аголот (роман, 1984), Црно огледало (раскази, 1985), Дублер (роман, 1988), Одумирање на државата (раскази, 1990), Промена на системот (раскази, 1993), Мртва трка (роман, 1998).
Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Рациново признание“, Книга на годината за 1990 година.
Почина во Скопје, 2003 година.

Зима на слободата (раскажана)


„Зима на слободата“ е збирка раскази, секој посебен во својата содржина, но сепак поврзани во една целина со истите ликови – младата повоена генерација, истото време – воено и повоено и истото место – Скопје. Во расказите се опишува детството и младоста на другарите што живеат на тогашната периферија на Скопје – Буњаковец, со сите убави и лоши страни на времето на војната и по неа.

Слово за Игора

Воведниот расказ „Слово за Игора“ се навраќа на минатото, на детството, кога првата играчка е правењето меури од сапуница кои се пуштаат да летаат низ прозорецот од дома. Но, уште веднаш, иако се многу мали, тие деца се свесни дека светот не е меур од сапуница, дека светот е суров, со калливи улици кои треба да се освојат, да се поминат со првите несигурни чекори, првото претрчување до тревнатата ливада каде се наоѓа вистинската слобода. Таму децата го играле своето детство сè додека не започнала градбата на ново училиште и приватни куќи кои им ја скратуваат ширината, но сепак им оставаат доволно простор да продолжат да ги летаат своите летала и да ги јадат украдените лубеници на крајот од летото. Времето на леталата завршува со почетокот на војната кога на небото се појавуваат вистински сташни летала кои блујат оган како змеј и кои го разрушуваат новото училиште во кое штотуку почнале да учат овие деца. Тогаш започнува непланираниот распуст, среќа во несреќа за децата, кога забораваат каде ги фрлиле ранците и кога сè е бесмислено, па и учењето. Со војната започнало времето на топката, зашто во разрушеното училиште немало што друго да се прави освен да се кошка топка. Немаштијата ги принудува да направат топка од партали која е многу несовршена, а да мечатаат по вистински кожен фудбал. Училиштето започнува да работи со бугарски учители, а на ѕидот од млекарницата се појавил плакат со големо уво – како знак дека и ѕидовите имаат уши. Но, децата, како токму од тоа уво да наслушнале како можат да дојдат до вистински фудбал. Требале да соберат 10 килограми изгоени чкорчиња и така ќе си го оствареле сонот. Неуморни, сите се стремат кон целта и по неколку недели, откажувајќи се од сите игри ги собрале на куп собраните чкорчиња. Но, за нив никој не сакал да даде ни гумена топка, а камоли фудбал. Бугарските учители тогаш им кажале дека тоа било доброволна акција за помош на бугарската дрвна индустрија. Децата, со изневерен сон, го запалиле купот дрвца и уживале во големиот оган. Така завршува времето на топката кое го заменуваат со време на џамлиите од земја, од метал, од стакло – кои не се толку совршени како топката, но сепак се округли.

Во меѓувреме градот повремено е бомбардиран, биле ископани скривници, дошле Германците, ископале ровови и таму веќе потпораснатите деца се собирале скришно и пушеле цигари во времето на своето созревање. Но, тоа траело кратко, сè до самоубиството на Игоровата сестра.
Преку детските игри, соништа и желби, но и суровата реалност на војната, Солев нè запознава со генерацијата која ќе треба да го прифати новото општество и да биде нејзин носител.
Време на дождалците

Во овој расказ главен лик е Нико, другар на Игор, преку кој приказната продолжува. Тој го опишува военото време, бегањето на Србите кои продавале сè што имаат, па доаѓањето на Германците, а зад нив Бугарите. Сите униформи се измешале, сиви, зелени, кафени, а македонски биле само модрите – на железничарите. Германската војска се сместила во Соколскиот дом, убава гимнастичкарска сала, во која сега тие ги сместувале своите коњи. Децата ѕиркале со копнеж да ги испробаат справите што за нив секогаш биле забранети, недостапни. Еден ден, поточно преку ноќ, Германците ги снемало и децата го искористиле моментот скришно и тивко да влезат во салата и да вежбаат на справите додека можат, додека некоја друга власт не ги избрка од таму. И којзнае колку би останале да не се случила несреќа, односно Нико, фаќајќи ги алките, се лизнал, паднал и си ја скршил раката. Сите избегале во паника и тоа било последно играње во салата, зашто Грманците се вратиле во неа и наместиле дрвени кревети на спрат што значело дека нема брзо да си одат.
Со војната дошла и безработицата, особено за таквите како татко му на Нико, кои претходно работеле за Срби, па затоа целото семејство било принудено да работи во магацинот за кајсии. Ги ваделе семките од кајсиите и цело тело и душа им замирисала на кајсии. Тоа траело додека магацинот не се запалил и никој не се потрудил да го гаси. Тогаш завршило летото и започнала есента, времето на дождовите, на дождалците… Тогаш се самоубила сестра му на Игор. Таа била многу постара од нив, од друг татко, била убава и постојано се карала со мајка си. Излегувала секоја приквечерина, а се враќала доцна кога сите веќе спиеле, „со собрани коленици, зелени од тревата, црни од земјата, црвени од крвта.“ Но, таа есен, ја нашле со телото од едната, а главата од другата страна на пругата, пресечена како со нож. По многуте такви ноќи, се самоубила. 
Морнарска отпуска

Во овој расказ е опишан Ацо Пац, четвртото машко дете во семејството на железничарот. Тој живее во куќа – лепенка со Игор, но тие секогаш биле водачи на различни групи деца кои излегувале на „мегдан“ на полјаната. Ацо Пац немал страв од никого, но кога ќе го видел татка си да си прибира дома, тој веднаш тргнувал да стигне пред него. Четворицата браќа гладни, невечерани мижеле под заедничката покривка, без да побараат нешто за себе. Железничарот не бил лош човек, но кога пиел знае да биде незгоден со својата жена, да се жали на храната, на парите што не и стигаат, да бара нозете да му ги мие во леген итн. Но, иако платата не стасувала ни за прехранување на семејството тој четворицата браќа ги пратил во училиште. Тие биле со просечен успех зашто дома не можеле да учат, па се што знаеле го научувале в училиште. Секогаш биле заедно, и дома, и на полјаната и кога се собирале овошките за што биле најдобри. Кога најголемиот од нив, Митруш, дошол до голема матура, татко му за првпат разговарал со него, и од тој ден Митруш сосема се повлекол и повеќе не играл со браќата и другарите. Преку ден одел некаде да работи, а навечер со намокрена и зачешлана коса излегувал. И со браќата повеќе не зборувал, освен во куси реченици. Набрзо потоа го снемало. По две години, летото, на плажата на Вардар каде сите деца се капеле, како што го снемало, така ненадеж се појавил Митруш, сосема сменет, развиен, исончан, со здебелен глас. Митруш им станал сензација на децата, во својата бела морнарска униформа без која никаде одел, па дури ни на најжешкото сонце.
На градската плажа, на другиот брег на Вардар, од страната на Злокуќани имало карпа, висока и стрмна од која скокале само најсмелите. Игор, Нико, Ацо Пац, се уште биле несозреани за да се истакнуваат со таква храброст, но бидејќи во нивната дружина сега бил и Митруш, тој не можел да избегне и да не скока од карпата. Тој скокал на секое поттикнување од дружината. Мирно го препливувал Вардар и ја извршувал задачата, зашто најверојатно самиот и немал некоја желба за скокање. Но, по многуте скокови, се случило, токму напладне, Митруш да се подлизне на глината и наместо во длабокото да скокне право на подводната карпа. Го прекршил ’рбетот. Се собрале капачите во реката и од неа го извадиле неподвижното тело.
Во убавата бела униформа утредента го закопале Митруша.
Смртта на Марко

Кога дошла есента бомбардирањата на Скопје зачестиле, во градот не останал ниту еден прозорец, луѓето се криеле по скривниците, но се почесто почнале да го напуштаат градот. Чичко Марко бил татко на Вети, другарка на Игор, Нико и Ацо Пац, а Марко бил неговиот стар камион. Во расказот е претставено бегањето на граѓаните в село, а камионот Марко го прави тоа по четирипати на ден додека сосема не се распаднал. Нико, Игор и Вети се нашле заедно евакуирани вопартизанската база кај Катлановскиот рудник.
Првата зима на слободата

Уште првите денови на слободата, скопјани почнале да се прибираат во градот, иако немале веќе речиси ништо. Прозорците биле без стакла, дрва за огрев немало, а и од покуќнината ништо не останало. Но, сепак, сите се прибирале дома. Нико во текот на зимата започнал да ја корне оградата на тетка Фаника за огрев и така се зближил со неа. Таа имала многу книги и на Нико му одбирала што да чита, а и му дала чевли, за да може да се движи по студот и да оди на училиште. Фаника немала деца, но низ дома имала многу детски работи.
Од училиштето најмладите веднаш се упатувале во НОМС-от каде претседателот им давал ливчиња на кои биле испишани пароли што требало да се најдат на ѕидовите, а младите со задоволство ја извршувале задачата. Обично Игор мачкал со четката, а Нико ја носел кантата. Откако ќе ја истрошеле бојата, задоволни дека извршиле големо дело се враќале во НОМС-от. Како скоевци-кандидати, двајцата другари решиле да преземат сопствена акција за да го забрзаат приемот во орагнизацијата. Еден ден, претуриле од бојата во празна конзерва, ја зеле четката и се упатиле кон куќата на мануфактуристот од нивната улица. Тој бил трговец и имал дуќан преку мост, а во визбата на куќата имал магацин. Бидејќи неговите помали браќа биле партизани, никој се уште не го чепкал мануфактуристот кој во текот на војната изнесувал топови штоф од куќата. Но, Игор и Нико решиле токму на неговата куча да ги испишат паролите: „Смрт на шпекулантите“, „Долу предавниците“, „Надвор магацините“.
Утредента, пред куќата на мануфактуристот застанала една арабаџиска кола во која кноевците ги натовариле прво топовите штоф, а потоа и самиот мануфактурист.
Скоевски состанок

Младите другари веќе се во таа возраст кога започнуваат да мислат на љубов. Игор и Нико се вљубени во Вети, но тоа го кријат еден од друг, а и од неа. На состаноците на СКОЈ кои ги држи другарката Верка тие се воспитувани во новиот дух. На еден од состаноците, при крајот од зимата, освен „важните прашања“ , како: задачите на тилот денеска и прием на нови членови, на крајот од состанок имало и точка „евентуалии“. За време на состанокот Ацо Пац постојано е сериозен и пресретлив, тој најчесто зема збор и ги образложува аргументите зошто Вети и Дуле Бонсек не се се уште зрели за скоевци.  Нив ги претставува како остатоци од буржуите зашто мајка и на Вети носела прстени и обетки, а Дуле Бонсек не бил толку сиромашен, па дома јаделе грав со колбаси. Поради тоа, нивниот прием во организацијата е одложен. На крајот, кога дошла точката „евентуалии“ Ацо Пац храбро и јавно ја изјавил својата љубов кон секретарката Верка. Таа сериозна и решителна одговара дека уште на почеток требала да каже, за да не настануваат вакви работи, дека веќе се гледа со некој другар од Комитетот. По состанокот Игор и Нико му помагаат да си замине Ацо Пац, придржувајќи ја неговата урната снага од преголема искреност. Тие му се воодушевуваат зашто тој успеал да го каже тоа што го чувствува, а тие се уште ја кријат својата љубов во себе. 
Руска плажа

Летото Игор и Нико го поминувале учејќи и подготвувајќи испити во градскиот парк. Таму, во близина учеле и две девојки со кои тие само понекогаш се поздравувале, но никако не се запознавале.
Тој ден, Игор бил чуден, различен, како нешто да го мачи. Не му се учело и го натерал Нико први дента да се искапат во Вардар. Всушност, Игор не знаел како да се збогува со својот другар, зашто неговото семејство било принудено да се сели во Албанија, бидејќи татко му бил Рус, а во тоа време (на Информбирото) Русите станале непожелни во поранешна Југославија. На крајот, капењето го претставува збогувањето, зашто зборовите се претешки да се кажат, а неизвесноста преголема за да има ветувања за повторно видување.
Мирисот на расечена лубеница

Збогувањето со Вети, ноќта пред заминувањето е претставено во полусон. Таа се прекачува преку прозорец и ноќта разговараат. Се присеќаат на детството, на убавите мириси на летото, на годината кога и двајцата, и Игор и Нико и предложиле. Тогаш Игор првпат дознава дека тоа двајцата го сториле, и дека всушност затоа таа и двајцата ги одбила. Да бил само еден – таа би се сложила, а вака не можела да застане меѓу нив. Тоа ја спречува да си ја најде љубовта на својот живот, зашто тие постојано биле со неа, а таа не можела да биде со еден од нив. Но, сега Игор заминува, а во сеќавање ќе му остане ланчето што му го подарила Вети и последното капење во Вардар, а пред него – неизвесна иднина.
Јаглика во паркот

Откако Игор се преселил, Вети престанала да се гледа со Нико, а тој, осамен го продолжил учењето во парк. Ги избегнувал местата со спомени, но спомените го прогонуваат. Постојано преселувајќи се од едно место на друго, во паркот ја сретнал – девојката со жолтиот фустан. Откако ја здогледал, почнал сите денови да оди на истото место и секој ден да учат заедно, одвоени. Постепено тие се запознаваат, тој почнува да ја испраќа до крајот на паркот, се до еден ден кога се искачуваат на стог сено и кога тој ја искористува можноста да легне врз нејзините нозе. Тогаш таа го бакнува и започнува нивната љубов. Опијанет од љубовта и мирисот на Јаглика, Нико се прибира дома пресреќен што повеќе не е сам.
Кружно патување на сенката

Во последниот расказ од збирката, преку стариот железничар, таткото на починатиот Митруш е претставено новото Скопје и ширењето на градот, заокружувајќи ја така приказната.
На почетокот, гробот на Митруш се наоѓал во Црниче, уште за време на војната. Тогаш железничарот посадил фиданка крај гробот за да му држи сенка, зашто летно време е починат. Кога градот почнал да се шири, гробиштата ги преселиле во Усје. Бидејќи не можел да го премести пораснатото дрвце, тој таму посадил ново. На крајот, гробиштата ги преселиле во Бутел. Во тоа време веќе сите негови синови се задомиле, се ожениле и веќе не го ни посетувале стариот татко.
Од полјаната исто така не било останато ништо – таму се изградиле згради, уметничкото училиште, основното училиште. Секаде наоколу само никнувале нови градби. Стариот железничар целиот ден го поминувал надвор, по шалтерите, да ја зачува старата локација на трошната куќичка и да земе нова за гробот на Митруш, а навечер седнувал осамен да се одмори со пагурчето ракија. За него сите синови биле мртви, се било веќе мртво и тој самиот си ја чекал сопствената умирачка. Секојдневното чекање и молење по шалтерите толку го заморува што на крајот железничарот решава да ги прескокне процедурите. Самиот ги зема коските на Митруш во својата торба, новата фиданка на грб и го закопува во Бутел ветувајќи му дека повеќе нема да го сели па макар градот да се урнел од ширење. Вечерта кога го закопува одамна починатаиот син и ја насадува фиданката со последните сили,  тој го исполнува својот долг и умира крај гробот.

Збирката раскази „Зима на слободата“ претставува целина која преку животот на главните ликови: Игор, Нико, Вети, Ацо Пац, реалистично ни го претставува детството и младоста за време и по војната. Нивните детски игри (сега веќе заборавени) нивното созревање, првата љубов и новото време. Но, можеби, во збирката најубава е сликата на Скопје, Скопје во минатото – со своите калливи улички, ледини, плажи и планини и Скопје во сегашноста, урбаното Скопје кое се шири молскавично брзо, во кое високите згради го зафаќаат секое парче и каде гробиштата за кратко време трипати се дислоцирани. Убавината на невините детски игри е сврзана со убавината на чистото Скопје, а сегашноста со бесчувствителната цивилизација кога веќе никој со никого не се гледа, не си помага, не се дружи. Во новото време, дури и живите синови на еден татко му се подалечни отколку неговиот мртов син.