„ Црно семе “ Ташко Георгиевски

За животот и делото на Ташко Георгиевски

црно семе

Ташко Георгиевски е роден 1935 година во с. Крончилево, Воденско, Егејска Македонија. Неговото творештво е целосно преокупирано со егејската тема, односно со прогонот и ужасната судбина на македонскиот народ од Егејска Македонија по Граѓанската војна во Грција.

Негови најпознати романи се: Луѓе и волци“, Ѕидови“, „ Црно семе “, Змиски ветар“, Време на молчење“, Црвениот коњ“, Рамна земја“, Исчезнување“; и тие всушност претставуваат една целина, како дело во продолженија.

 

Црно семе

Во низата романи за судбината на Македонецот од егејскиот дел; мотивот на прогонот, насилството и теророт е даден во романот „ Црно семе “.
Темата на романот е судбината на група Македонци, затвореници на еден пуст остров во Егејското Море.
Идејата е дека никакви насилства, физичка и психичка тортура не можат да го скршат човековото достоинство и да му го погазат чувството за национална припадност.
Времето на случување е Граѓанската војна во Грција, крајот на четириесеттите години од 20 век (нешто по Втората светска војна).
За основа на фабулата е земен конкретен настан: кон крајот на Граѓанската војна монархистичката власт изделува една група војници – комунисти и Македонци кои ги обвинува за работење против тој режим. Ги носат на пуст остров за да ги превоспитаат.

 

Содржина на Црно семе

 

Уште на почетокот од романот се запознаваме со главниот лик – Доне, кој е затворен и обвинет за пишување антидржавни пароли, иако е неписмен. Во камионот со кој ги пренесуваат до затворот е и соселанецот Марко. Ноќта ја поминуваат заклучени во некои темни и долги одаи одвај малку преспивајќи. Утрото ги постројуваат и поради својот изглед, Доне прв им паѓа в очи на поручниците. Тој е сосема ќос, без ниту едно влакно на главата. Меѓу првите го повикуваат на испрашување. Таму го претепуваат и постојано му подметнуваат лист хартија на кој треба да потпише дека се откажува од комунистичката партија и дека ќе му биде лојален на кралот и на Грција. Доне им вели дека е обичен војник – Андонис Совичанис и дека не може да потпише нешто што не е.

Потоа ги сместуваат во големи шатори каде е топло и задушливо, со сите машки мириси и каде се крева прашина од земјениот под. Долгите ноќи во кои често се слушаат нечии пискотници, Доне ги скратува со мислите за својата жена Ангелина. Таа била вражалкина ќерка, најубава во селото, но Господ не им дал деца. Во сите тешки моменти тој мисли на неа, црпејќи сила да издржи.

Марко, пак, е постојано исплашен, се затскрива, молчи и се надева дека нема да го забележат, дека ќе го одминат.

Утредента, капетанот сите ги постројува за да открие каде се и што им се случило на двајца потпоручници кои исчезнале ноќта. Цел ден ги оставаат затворениците пред вперени пушки и под жешкото сонце, но не откриваат ништо.

Следниот ден, ги носат со камиони во некој двор со прсти и нокти да чистат троскот што никнал меѓу камчињата. Кога Доне го побарал зад себе Марко, не го нашол, туку здогледал едно високо, слабо момче – Христос Согламов, со кого се спријателува. Му паѓа криво што Марко почнува да бега подалеку од него, за да не настрадува поради неговата впечатливост. Од друга страна, токму тоа го привлекува кон Христос, што и тој е впечатлив – една глава повисок од сите во стројот.

Додека се во логорот, сите затвореници ги повикуваат во канцеларијата божем да им дадат пакети од дома. Тие знаат дека ни писмо не можат да добијат, но по наредба мора да одат. Меѓу првите ги повикуваат Марко и Христос. Вечерта се враќаат без пакети и испретепани. На ова, еден од затворениците досетливо ќе рече: Значи, пакетите таму ќе ги јадеме“. Доне се обидува да им помогне на пријателите, а особено на Христос кој едвај можел да се исправи, а окото му било цело затворено од оток. Тој често му велел:

Море Христосе, море долги човече, не ти го расипаа окото?, а тој ќе се насмееше:
Зар е важно тоа? Овде поважно е да не ти ја расипат душата.
Еден ден, пред да ги товарат во бродови, по пакет го повикуваат и Доне. Дебелиот капетан особено бил среќен што го гледа него и почнува да се изживува. Со гумена палка го удира трипати, па ги тера војниците сите да му се изредат со своите палки, но со предупредување:
Внимавајте да не ја повредите таа чудесна глава!“ потоа му нареди на еден војник да си ги собуе панталоните и гаќите и да се наврти со газот, а потоа го фати Доне за уво и му ја наведна главата крај голиот газ на војникот.
Освен тепањето, Доне постојано мора да ги трпи и ваквите понижувања. Откако повторно не потпишува, го претепуваат и го фрлаат назад во шаторот. Марко и Христос си помислуваат дека е готов, но тој продолжува со своето бладање и повикување на Ангелина.
Утредента ги товарат на бродови, под палубата, натиснати, многубројни, во смрдеа и само со мали отвори од страните, а одозгора затворени со капак. Претепаниот Доне го сместуваат поттурнувајќи ги другите за да може да дише. Кога доаѓа пладнето веќе станува речиси неподносливо од жештина, задушливост, смрдеа од пот и мочки, па луѓето почнале да протестираат, да тропаат со нозете, да викаат и да пцујат. Едно младо момче дури се искачува на скалите кон капакот, повикувајќи ги другите да не дозволуваат да се однесуваат кон нив како кон добиток и сите заедно со грбовите да го откорнат капакот. Но, стражарите го повлекуваат горе – за да дише воздух“. Луѓето под палубата остануваат затворени, слушајќи ги безбројните удари од стапови и камшици што ги добива момчето. Кога го враќаат назад, полумртов, со ништо не можат да му помогнат, па Христос застанува над него и запејува песна со која му ја враќаат душата на младото момче од Серес.

Кога конечно пристигнуваат на островот, ги дочекуваат со две редици војници со стапови и камшици и еден по еден сите ги даруваат“. Ги сместуваат во шатори за двајца – по четворица, но кај Доне остануваат тројца: тој, Христос и Грчето Нико (младо момче од Солун), а Марко се сместува во друг шатор. Четвртиот жител на шаторот се мувите. Здодевните, големи муви ги има насекаде.

Утрото ги стројат на чистината, покрај ѕидот, на жешко сонце и жедни – да се запознаат со капетанот Скалумбакис – висок, строен, исчеткан, избричен, во парадна униформа, со насмевка и мек, пријатен глас. До него се и двајца потпоручници, а на горниот и долниот крај на ѕидот стојат војници со пушки и камшици. Тој ги тера да ја пеат песната за Грција. Од исушените и жедни грла едвај се слуша некој глас. Нискиот потпоручник, со мустаќи под носот наместо насмевка, се спушта меѓу затворениците за да ги потсилува во песната и се задржува кај Доне. Му мавнува неколку стапа, а Нико за да го одвлече вниманието на потпоручникот, посилно запејува. Тој доаѓа до него, го мавнува и го испраќа кај Скалумбакис, зад ѕидот. Тогаш Нико ќе рече:
Во оваа наша мочана Грција ни Гркот не може да биде Грк.
Потпоручникот со мустачиња, Маки, е само предигра на она што се случува зад ѕидот. Вистинскиот ѕвер е Скалумбакис, кој цинично се смее изживувајќи се и злоставувајќи ги младите и убави момчиња. Меѓу првите што одат зад ѕидот се: Доне, Грчето Нико, студентот Парис (момчето од бродот) и Христос.
Жедните заробеници постојано се со закоравени усти, а водата што ја добиваат им ја носат од Атина со брод. Не им ја даваат веднаш, туку ја оставаат да фати корка од мушички и барем два дена да се затопли. За да биде уште полошо, им даваат да јадат солена харинга која не смеат да ја фрлат.

Доне прави сè за да издржи, ја трпи жештината, жедта, солената харинга, стаповите и малтретирањето од Маки и Скалумбакис, но не се предава. Тој постојано го храбри Христос и му дава поттик со својот пример да издржи и да не потпише. Но, ноќе, Христос си мисли дека можеби би било полесно кога би потпишале, би се ослободиле од тортурите и би се вратиле во селото кај жената и децата.Измачувањата не се само одење на чистината да ја пеат песната под жешкото сонце, туку и многу други работи. На пример, откако местото на строење станало тесно, тие почнуваат да копаат околу и со голи раце да ги тргаат камењата. Копајќи пронаоѓаат човечки коски и черепи уште со месо на нив. Затоа копаат плитко и местото го покриваат со земја носена од брегот. На крајот, во ранци носат песок и го ставаат најодозгора за да не се прави кал. Еднаш, задувал силен ветер и Маки наредил сите да легнат врз песокот и да не дозволат да се разнесе. Кога престанало да дува, се добила страшна слика на песочни цртежи од живите војници измешана со оголените коски и черепи. Од тој ден, многу работи се смениле, како сите веќе да попуштаат, да се заматуваат во умот и многумина потпишуваат. Но, Доне сè уште цврсто стои на своето и како секогаш, тој им вели на своите пријатели:

„Ај потпиши дека си коњ кога не си коњ?

 

Раскопачувањето продолжило и од камењата што ги ваделе требало да се изгради покрив над главата за Скалумбакис и црква. Христос се пријавува дека знае да ѕида и од таа работа почнува да се разведрува. Ѕидајќи, тој заборава каде се наоѓа, не го измачуваат лошите мисли и се чувствува среќен.
Пред крајот на летото, еден ден, Маки собира десет души да одат да наполнат вода во матарките. Но, четворица од нив побрзале и тргнале пред Маки. Меѓу нив бил и Марко. Кога ги достигнале кај чешмата, Маки им наредува да се собујат и боси да трчаат по острите камења до врвот на сртот и назад. За тоа време, Доне морал да истолчи камења. Кога се вратиле, со раскрвавени нозе, Маки ги клекнал со голи колена на толчениот камен. Потоа им дал да држат по еден голем камен со испружени раце. Болката е преголема и тогаш Марко попушта и потпишува. Но, не го ослободуваат и не го пуштаат да си оди дома, туку му даваат пушка да ги чува другите затвореници.
Се случуваат и други грозни работи. Скалумбакис го фрлил студентот Парис во заврзана вреќа со мачка во морето. Но, кога го извадиле, тој бил издраскан, ама на мачката и го одгризал гркланот. Кога се освестил, плукнал на Скалумбакис и пркосно рекол:
Еве на што падна Грција, педери дебелогази да ја срамат!
Други, пак, двајца браќа, кои меѓу себе зборувале македонски, Скалумбакис ги казнил така што прво ги натерал да се маваат со стапови, а потоа да се срамотат еден со друг.
Овие приказни постојано кружат по шаторите и ги храбрат, но и ги плашат луѓето.

По извесно време, Скалумбакис побарал доброволци за во другиот логор, кој се наоѓал на спротивната страна на островот. Се пријавува студентот Парис, по него и Доне, а Христос не сака да оди заради ѕидањето.Во другиот логор кон затворениците се однесуваат многу подобро, им даваат нормална храна, пресна вода, не ги будат постојано со трубата итн. На крајот од зимата, повторно ги повикуваат да потпишат, ако сакаат да останат. Но, никој не потпишува и затоа ги враќаат назад.Иако во полоши услови, Доне се радува што ќе се врати и што ќе го види Христос. Го здогледува зад црквата како се вртка без некоја особена цел. Веднаш ги потеруваат кај ѕидот на кој војниците поставуваат митралез. Но, се случува митралезот да пушти рафал и да прониже една редица од луѓето. Настанува мешаница, војниците се разбегуваат, а затворениците се повлекуваат во шаторите, поставувајќи граница со закана дека ако некој ја мине нема да се врати жив. Меѓу водачите на бунтот е Парис, кој постојано се бори за почовечки однос кон затворениците. Скалумбакис ноќта не презема ништо. Следниот ден со засилена војска, со пушки и митралези го разбиваат обрачот, а заробениците бегаат кон морето. Таму заградени со бодликава жица поминуваат ден и ноќ. Утредента го ставаат Доне во самица заградена со бодликава жица и го распрашуваат за случката, за имиња. Тој нема што да им каже, а за да избега од мачнотијата, мисли цело време на Христос. Се прашува што му се случило, дали го скршиле или се разочарал во светците (иконите) што ги избесиле во црквата.

Доне го пуштаат и бидејќи никаде не може да го види Парис, јасно му е зошто е ослободен од самицата. Некој друг го поткажал. Конечно, на вечерата го здогледува Христос. Тој во едната рака ја држел чинијата, а со  другата го придржувал врзаниот ракав. Студено го поздравил Доне и си продолжил. Дури вечерта, во шаторот Доне дознава што се случило. Маки му наредил да собере 1500 живи муви за да му го даде писмото што стигнало од жена му. Другиот ден, Христос оди да му ги даде мувите и внимателно ги вади од ракавот ставајќи ги врз дланката на Маки. Полната дланка брзо се празнела, зашто мувите откако малку ќе се освестеле, летнувале. Маки победнички се кикотел и му рекол на Христос дека ќе мора да собере и наброи 1500 живи муви, што кротко ќе седат на неговата дланка.

Доне, не можејќи да го издржи понижувањето на Христос, решава да му помогне и заедно собираат муви, но овојпат им ги кинат крилцата за да не можат да одлетаат. Кога ги носи таквите муви кај Маки, сигурен дека го победил, тој гордо му ги става во дланката кротките муви. Но, Маки се навредува, велејќи дека не сака стрижени муви и го повикува во неговата канцеларија. Кога се враќа од кај него, Христос е сосема загубен, таму не го тепале, но ја исцедиле душата од него. Утредента, со заматен поглед, спобудален, тој се растрчува низ дворот замислувајќи дека лови муви. Сосема скршен, веќе без ум, на крајот Христос ги крши и кине иконите во црквата, терајќи ги да потпишат.

За казна, го распнуваат на скелето пред црквата како Исус каде ноќта умира. Тој, всушност потпишал кога Доне бил во другиот логор. Неговата изјава ја пратиле во селото, на жена му. Заради него настрадале и други фамилии. Во писмото, таа го колнела и проколнувала.

На крајот од романот, Доне останува сам, исплашен дека и тој ќе ги остави своите коски тука. Но, во стравот е и неговата надеж. Зашто стравот го тера човекот да живее, да се бори и да издржи.

Ликови во Црно семе
Доне е главниот лик во романот. Тој е Македонец од воденските села, кој служел во грчката војска. Го затвараат заради неговата национална припадност, а го наклеветуваат дека е комунист. Неписмен е и прост, но чувството што го носи во срцето за него е свето. Ги истрпува сите ѕверски измачувања, но не потклекнува и не потпишува. Зашто потпишувањето за него значи продавање на себеси, предавство, отчовечување. Гордоста, достоинството и националното чувство според него треба да се сочуваат дури и по цена на животот.
Заради неговата надворешност – ќос, без ниту едно влакно на главата – тој е секогаш прв на удар и истрпува многу повеќе од другите. И не само тоа, туку тој е нивниот поттик, другар кој е секогаш подготвен на саможртва, само да им помогне и тие да истраат. Тој е столбот, безгранично издржлив, тој е симболот на македонскиот непокор и истрајност.
Христос е, исто така, впечатлив по својата надворешност. Повисок една глава од другите, слаб, исушен, со испиено лице. Својата сила и издржливост тој ги црпи од Доне. Колеблив е уште на почетокот и кога Доне нема да биде во близина, тој ќе потпише. Тортурите што претходно ги издржал не се ништо во споредба со оние што му се случуваат на крајот. Побудалува и маченички умира распнат на скелето, предавајќи и се на смртта како на прибежиште, зашто тој веќе нема каде да оди. Со потпишувањето тој го предал и семејството и соселаните, а таа психичка болка не се издржува како што може да се издржи физичката.