Горан Стефановски „ Диво месо “

За животот на Горан Стефановски

Диво месо

Горан Стефановски е роден 1952 година во Битола, во театарско семејство, мајка – актерка, татко – актер и режисер. Детството и младоста ги помунува во театарот, а потоа и целиот живот му го посветува.
Студира англиски и литература, а во 1972 студира драматургија на Театарската академија во Белград каде магистрира, а подоцна и докторира. Работи како професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност.
Со појавата на Горан Стефановски современата македонска драма доживува голем успех. Негови драми се: „Јане Задрогаз“, „ Диво месо “, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.
Пишува ТВ драми: „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“, ТВ сценарио за „Томе од бензиската пумпа“, ТВ серии: „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“, Радио драма: „Чиракот Шекспир“ итн.

Диво месо

„Диво месо“ е семејна драма, во која темата е распаѓањето на едно предвоено македонско семејство. Распаѓањето е условено од времето и сосема различните сфаќања на животот на сите членови од семејството.
Идејата е да го сфатиме значењето на семејството, на нашиот корен, на домот, на татковината.
Дејството се случува во Скопје, во Дебар маало, непосредно пред Втората светска војна. Композицијата на драмата е модерна, авторот не го употребил класичното делење на чинови, туку на сцени (17).
Јазикот е многу специфичен. Секој лик зборува со свој јазик, на свој начин. Изразот е многу стегнат и воопшто не постојат непотребни реплики.

Содржина на драмата Диво месо

Семејството Андреевиќ го сочинуваат: таткото Димитрија, мајката Марија, трите сина: Симон, Стефан и Андреја и снаата Вера, жена на Симон.
Првата сцена во драмата е најдолга, бидејќи тука се запознаваме со семејството и се загатнуваат сите понатамошни случувања.
Дејствието започнува во главната соба на куќата, напладне. Димитрија седи во инвалидска количка и чита весник, а Марија само седи и гледа пред себе.
Димитрија: Ќе има војна. (Пауза.) Ќе има војна. (Пауза.)
Марија: Доста беше и ваков мир. (Пауза.)
Уште со првите нивни зборови станува јасно дека во мирот и тишината во која седат – мир не постои. Навестена е војната која претстои, но и немирот што тие го чувствуваат. Зборуваат за утрешната домашна слава и подготовките за неа. Ручекот е веќе подготвен, Вера влегува со корито, спростирала алишта, а и постојано нешто работи. Полека почнуваат да се прибираат сите. Доаѓа Симон, поднапиен и веднаш ги истура своите јадови. Тој е келнер и е незадоволен од работата која му ги попуштила вените и во која треба да им слугува и да им се насмевнува на сите. Потоа доаѓа и Андреја, весел, расположен, сосема спротивен од Симон. Иако работата во бакалницата го изморила, тој не се жали. Браќата го започнуваат разговорот за демонстрациите и штрајковите во кои Андреја има намера да учествува, а Симон му вели дека така само во затвор ќе заврши и ништо нема да постигне. На крајот доаѓа и Стево. Тој како да не е заинтересиран што се случува дома. Кажува дека ручал надвор, дека и вечерта иако им е слава, тој не ќе може да остане дома. Ќе оди на голем прием што го приредува неговиот работодавец, господинот Херцог, по повод доаѓањето на важен гостин од Германија. Заради својата кариера, заради „целиот кајмак на Скопје“ што ќе биде таму, тој не го почитува големиот празник Свети Илија. Тогаш на вратата тропнува попот, кој наместо во седум дошол во три часот попладне. Со тоа и тој го покажува своето непочитување кон ова семејство.
По заминувањето на попот, доаѓа Ацо, другар на Андреја, кој го повикува да одат во подготовки на акцијата. Така, на славата ни тој не ќе може да присуствува.
Сцена 2 – оваа сцена се случува на железничката станица каде Херцог и Сивиќ го чекаат Германецот Клаус да пристигне. Возот, се разбира доцни. Во разговорот ја гледаме сервилноста на Сивиќ кон својот шеф и неговата готовност да направи сè за да напредува во работата. Потоа разговорот се префрлува на Клаус и стравот заради неговото доаѓање од непознати причини.
Сцена 3 – Во богато наместениот салон, во куќата на Херцог, гостите со чаши во рацете ја слушаат Сара (ќерката на Херцог) како свири на клавир и го чекаат гостинот од Германија.
Кога доаѓа, тој се запознава со сите, но вниманието му се задржува на Стево, бидејќи тој знае германски.
Сцена 4 – Во собата на Сара влегуваат таа и Стево. Иако се запознале пред само два часа, тие водат искрен разговор, во кој Стево кажува дека првпат кога ја видел ја оставил својата девојка Лиле. Сара, пак, постапува уште порадикално – ја открива едната дојка и ја става неговата рака врз неа. Потоа му ја гризнува раката, се закопчува и тогаш во собата влегува Сивиќ барајќи го Стево за да се поздрави со Клаус.
Стево посакува повторно да се сретне со Сара, но таа арогантно му одговара дека ништо не му дава за право повторно да ја види.
Сцена 5 – Стево се враќа дома и го затекнува Симон, пијан, со шише до себе. Пее детска песничка и се однесува незаинтересирано кон сè, поточно се прави луд. Но, на крајот од сцената ја извикува својата болка: „Роди ми бре, Веро, едно машко детенце“.
Сцена 6 – Вера, во неможност да ги зачува бебињата, не знаејќи повеќе од каде да бара помош, оди кај бајачка. Таа и бае, а бесмисленоста се гледа и од нивниот дијалог:
Вера: Ќе помогне ли?
Бајачката: Не знам.
Вера: Па зошто тогаш сето ова?
Бајачката: За да помине од редот.
Сцена 7 – Во канцеларијата кај Стево доаѓа Ацо кој се жали дека камионот што му го поправале не е во исправна состојба. Стево не може да му помогне. Доаѓа и Клаус кој го повикува Стево да одат кај него дома, да ја пробаат домашната ракија која му ја ветил.
Сцена 8 – Во домот на Андреевиќ, Димирија делка дрвце – прави свирче, Марија гледа на карти, Вера пее, Симон спие, Ацо и Андреја разговараат, кога доаѓа Стево и им кажува дека Клаус ќе дојде во нивната куќа.
Клаус, доаѓа, ѝ дава цвеќе на домаќинката, се запознава со сите. Марија, со цвеќето во раце, оди во кујна, таа е во извесен шок, почнува да го спомнува дивото месо во себе, да оди како во транс. Стево му објаснува на Клаус дека диво месо е „бабина деветина“ – дека се верувало ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се создаде диво месо кое ќе расте и ќе го задуши.
Разговорот продолжува за состојбата во која се наоѓа Македонија, за незадоволството, и во тој контекст Клаус искористува можност да каже зошто дошол. Тој сака да им ја откупи куќата за да може нивната фирма да се прошири, во тој дел да отворат изложбен салон. Димитрија веднаш одбива, но Стево остава простор за понатамошен договор. Откако заминува Клаус, настанува расправија. Димитрија кажува дека сам ја градел куќата, дека паднал и така ги загубил нозете, дека тоа никој не може да му го плати и не сака да ја продаде куќата. Стево инсистира зашто од тоа му зависи кариерата. Марија се мачи со дивото месо. Ситуацијата кулминира со тепачка, Стево ја удира инвалидската количка од ѕид, а Андреја го удира Стево. Димитрија, разочаран, вели:
Димитрија: Да знаев какви ќе излезете ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака, со првиот ветар, како муви без глава. Мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! И се прди на Европа за вас…
Тогаш Андреја излетува од куќата.
Сцена 9 – Стево оди во домот на Сивиќ да бара од него помош, бидејќи Андреја го затвориле по учеството на синоќешниот штрајк. Се појавува Сара, во ноќница, го прегрнува Сивиќ, а тој ароганрно му одговара на Стево дека не може да му помогне. Сара се обидува да го бакне Сивиќ, но тој ѝ удира шлаканица.
Сцена 10 – Стево оди во хотелската соба на Клаус, надевајќи се дека тој можеби ќе помогне за Андреја. Пијат коњак, а Клаус критикувајќи ги Словените и Балканците, ќе каже:
Клаус: Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не на пропаст, затоа што пропаста е дефинитивна состојба и не на благосостојба, од која сте далеку, туку на пропаѓање. Постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки. На ист начин. Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство.
На крајот Клаус, ќе ја фати раката на Стево, па ќе ја стави „некаде долу под масата“. Стево, стаписан ќе си замине.
Сцена 11 – Стево оди во затворот да го посети Андреја. Му кажува дека сите се добро, дека Вера е трудна, дека ќе лежи за да го зачува бебето, дека Симон го избркале од работа и сега е на воена вежба. Андреја е помирен со затворската судбина, не жали за тоа што го направил, зашто тоа бил негов избор.
Сцена 12 – Во канцеларијата на Херцог, Клаус ги презема работите во свои раце. Наредува да се сруши куќата на семејството Андреевиќ, Херцог, како Евреин го отпушта од работа (третиот рајх, како што вели тој), Стево, исто така, заради неприфаќањето на хомосоксуалната врска со него, а Сивиќ го поставува за шеф.
Сцена 13 – Симон е во јавна куќа со проститутката Мими. Дезертирал и се скрил тука. Пие, пее песнички и сосема му се предава на безизлезот.
Доаѓа Стево да го прибере, да си одат дома, но тој не сака да оди и му вели:
Симон: За сè си ти виновен. (…) Андреја што го уапсија, ти си виновен. Вера што не може да роди. Ти. На Марија што ѝ изветреа умот. Ти си. Димитрија што ги изгуби нозете. Ти си виновен. И што ме стега овде. Ти.
Симон умира.
Сцена 14 – Сивиќ доаѓа во куќата на Димитрија и му го дава налогот за рушење. Му дава и пари (половина од тие што му ги дал Клаус), но домашните не се помрднуваат. Остануваат во куќата.
Сцена 15 – Стево оди кај Сара на која ѝ дава песна што ја напишал за неа. Таа му кажува дека Сивиќ ја оставил, а дека татко ѝ отишол да се обеси. Завршува со:
Сара: Сакаш да се бацуваме? (Стево излегува) Никој веќе не сака да ме баци.
Сцена 16 – Во хотелската соба на Клаус влегува Стево. Со пиштол од џебот му се заканува дека ќе го убие. Тој моли, преколнува, а Стево ја вади празната рака од џебот. Вели дека ќе оди по вистински пиштол и ако се врати по него, значи дека не се убил себеси.
Сцена 17 – Во урнатините на куќата, Димитрија седи во количката со свирче во рака, Вера лежи, а Марија ги собира работите на едно место. Драмата завршува со доаѓањето на Стево, кој го наоѓа пиштолот од Андреја и пука во воздух.

Во драмата, на особен, модерен начин е претставено распаѓањето на старото патријархално, традиционално семејство. Фолклорот се меша со модерното, урбаното, преку песните и говорот.
Многу често, Стефановски го користи јазикот на светата лудост (и пијанството). Тој е изразен во говорот и песничките на Симон и Марија. Тој говор некогаш е фолклорен – митски, како на пр. верувањето за дивото месо, а некогаш урбан – брзозборката што ја изрекува Симон:
О мони, мони ма, академи фенци фа
фенци фа фа фа, опет ха ха ха
уна епе епе епе, уна цепе цепе цепе
уна хаус хаус хаус, Мики Маус.

Ликови во драмата Диво месо

Димитрија, таткото, е носител на старото, патријархално сфаќање. Тој при градењето на куќата ги загубил нозете, всушност го загубил тлото под нозете. Иако е глава на семејството, тој нема веќе никакво влијание врз своите синови. Неговата немоќ оди до таму што му преостанува само да делка свирче. Најстрашно за него е што е сведок на сопствениот неуспех – синовите и рушењето на куќата (рушење на семејството и домот).
Андреја, најмалиот син е обземен со идејата да го сруши стариот капиталистички систем. Од тој систем сите се незадоволни, но тој барем нешто презема. Нестрпливоста да дејствува, младоста, занесеноста, жарот – ќе го однесат в затвор.
Симон, пак, во својата разочараност бега во алкохолот. Тој е најмногу огорчен. Како келнер се чувствува одвратно, а единствената желба – да има син – не му се исполнува. Не гледа никаков излез и посакува да умре. Се однесува налудничаво, го говори јазикот на светата лудост, преку кој ги искажува своите вистини.
Стефан (Стево) ни се чини дека е најразумен. Но, во желбата да успее и тој го погазува семејството и своето достоинство. Сфаќајќи дека нема излез, на крајот беспомошно пука во воздух.
Марија, мајката, иако веќе сосема разочарана од животот, сепак се обидува да го држи семејството. Нејзе дивото месо ѝ расте во моментот кога ќе го види Клаус – што значи дека сосема е свесна дека тој е најголемото зло кој ќе го доуништи семејството.
Сара, ќерката на Херцог, своето незадоволство го изразува преку слободното однесување. Во неа нема љубов, нема живот, само револт.
Вера, снаата, која постојано работи во куќата посакува само да роди детенце. Таа е единствената надеж во семејството. На крајот, без разлика што куќата е срушена, што сè е срушено, таа е бремена и подготвена да направи сè за да го роди бебето.