Матурски прашања за „Крпен живот “

Во јуни 2009 на државната матура за „Крпен живот “ ја имаше следната задача:

 

Прочитај ги извадоците од романот „Крпен живот “ од Стале Попов и одговори на прашањата.

Извадок А.

Доста слуша натажена, дури се поразлигави малку. Се исекна неколку пати во шамивчето, што му направи голем впечаток на дедо Петка, ги избриша солзите и откако ја кладе раката пред устата, потпрена на лактот и колената, отвори да зборува не полошо од дедовците:

— Море, дејди вујко, дејди родителу. Лели ме ватил такцирот — сѐ ќе ми дојде, и до уши, и до глава. Ногу арно зборува дедо Петко; ошче поарно ти. Јас сум решила црн Ѓуптин да зема, вдовица до векот нема да седа. Лели пак к’сметот го навеа вој сирома, ја су готова да ода макар во сињо море. Токо, едно сакам дедо Петко да му каже: јас не сакам од него ни лири, ни вранги, ни бели меџудии. Не су кобила да се продавам. Колку за нишан, нека прате колку му душа кабули.

Извадок Б.

—Шо направи, дедо Петко, со нашата работа? Имаш некој абер од кај Трибор или ош че е јалово? — го праша Илко дедо Петка и зачека. Дедо Петко се понасмевна:

— Полека, внучко, полека, тие работи не бидуат така веднаш. Човек од магаре паѓа пак починува, не пак на жената ѝ умрел вчера мажот, а ние — де да а грабиме! Токо, знајш шо? Работата е на добар пат. Вчера вечер си дојде Димо Тушев и ми рече дека пратила здравоживо да појда пак. Значи, ќе а преметниме преку рид, само трпение. Ете, ошче печес дена, ќе се намана јас пак и ќе видиме ка ќе излезе.

— Ајде, дедо Петко, ајде, ќе ѝ киниш челите, ако сака господ. Најстина на старос, токо коа тој шо рекол: „на староси два радоси“. И јас така. Ме ватил такцирот, ќе се права зет на старос. Ама, ела зло: без тебе полошо! Само гледај побрго: дури е жешко железото се чука. Дури е пресна да а преврлиме, да не се најде некој друг брат да а претера некаде по Тиквешијата долу.

(С. Попов, Крпен живот, Македонска книга, 1970)

 

1. Што не сака Доста, според извадокот даден под А?

 

Одговор:

Не сака да остане вдовица и не сака пари (не сака да биде продавана/купувана со пари); или извлечена реченица од текстот со исто значење

2. Кој обичај е претставен во извадокот означен под Б?

 

Одговор:

Испраќање стројник / обичај на мажење со стројник/ посредник при мажење.

3. Каде се одвива дејството во романот?

 

Одговор:

Мариовскиот крај, Мариово / Витолиште

4. Определете го жанрот на романот „Крпен живот“ според темата.

 

Одговор:

Битово-социјален роман или битово-социјален семеен / битово-социјален историски роман.

5. Зборовите к’смет и нишан според потеклото се: ___________________________

 

Одговор:

Турцизми