Матурски прашања за „ Чорбаџи Теодос“ (8.2011)

Во државната матура, август 2011, за „ Чорбаџи Теодос“ ја имаше следнава задача:

 

Прочитај ги извадоците од делото „ Чорбаџи Теодос“ од писателот Васил Иљоски и одговори на поставените прашања.
А
18 појава
(Арсо, Теодос, Поцко и Цонка)
ТЕОДОС: (Доаѓа прв просто бегајќи пред Циганите кои идат по него.) Јас да бидам цигански кум, тоа ли е ред!
ПОЦКО: (По него.) Ти бил касмет, чорбаџи Давадосе!
ТЕОДОС: Касмет? — Кијамет! Нејќам! Не кабулам! Арсене! Арсене! Каде си Арсене?
АРСО: (Излегувајќи од врбјакот со кутијата в рака.) Еве ме, одвај ја најдов кутијава.
ТЕОДОС: Аман, Арсане, куртули ме!
АРСО: Што, што ти се сторило, чорбаџи Теодосе?
ТЕОДОС: Најлошото! Да ме пресретнаа арамии поарно отколку овие фараони! Нагазив на овие замотани партали! (Покажува на бебенцето што го носи Цонка.) А овие изрипаа од дупка како сотони од пекол, па, ти си ни кум! Циганска работа! Тоа ли е ред!

Б
17 појава
(Арсо и Теодос)
АРСО: Со здравје и со добро, Стојанке! Е, бре чорбаџи Теодос, ја расплака сиромашката! Требаше за атер да испиеш една чаша вода!
ТЕОДОС: Ами, не турам јас за атер во мојата уста од секаква рака!
АРСО: Ама чиста е девојката, виде сам.
ТЕОДОС: А, смугра. Црна како Циганка.
АРСО: Е, чорбаџи Теодосе, ако те викаат џимрија, има зошто: И на сонцето сенка ќе му најдеш. Вистина, малку е црна, ама знаеш како се вели: црното грозје е послатко. Не сакам во туѓо тенџере сол да турам, ама ќе ти речам, еден збор, чорбаџи Теодосе: оваа девојка е токму за твојот Томче.
ТЕОДОС: Држи си го зборот за добро утро, Арсене! Самарот е за магаре, а за ат, треба седло шиклосано.
АРСО: Вистина, татко ѝ е самарџија, ама што се вели зборот, не гледај го коренчето, гледај го цвеќенцето.

1. Извадокот А упатува на:
a) опис на место; б) карактеризација на лик; в) опис на настан.

Одговор:

в) опис на настан


2. Чорбаџи Теодос требало да го прифати кумството поради:
а) народниот обичај; б) чорбаџискиот статус; в) неговата желба за кумство.

Одговор:

а) народниот обичај


3. Името на Теодос во извадокот А е заменето со Давадос затоа што:
а) тој треба „да го одврзе ќесето“; б) мислел дека честа се купува со пари; в) се покажува необразованоста на Циганите.

Одговор:

б) мислел дека честа се купува со пари


4. Од извадокот Б може да се заклучи дека чорбаџи Теодос е:
а) табиетлија и чистотник; б) човек полн со разбирање; в) човек со железно срце.

Одговор:

а) табиетлија и чистотник


5. Драмата „Чорбаџи Теодос“ е:
а) комедија на карактери; б) комедија на интриги; в) комедија на ситуации.

Одговор:

б) комедија на интриги


6. Зборовите: џимрија, атер, куртули според потеклото се:
а) архаизми; б) турцизми; в) историзми.

Одговор:

б) турцизми