„Печалбари“ матурски прашања 1

Во матурскиот тест, август 2009 година за драмата „Печалбари“ од Антон Панов беше зададена оваа задача:

Внимателно прочитај го извадокот од драмата „Печалбари“ од Антон Панов и заокружи ги точните одговори на поставените прашања.

 

КОСТАДИН: (По извесно двоумење.) Не, не сакам жена за пари! Јас, милувам, Симка од чиста милост да ми дојде, не за пари! Сакам со неа век да векувам како со жена, не како со платен добиток. Ме разбираш ли? Јас сакам и таа да се праша! Зашто, навистина ако таа се праша, право ќе си каже: „Костадина го сакам”! Сега дали ти е јасно? Сакам жена, а не роб…

БОЖАНА: Дека немаш, така зборуваш. Да имаше дваесет-триесет лири…

КОСТАДИН: И да имав, пак не давав!…

БОЖАНА: Млад си, ќе спечалиш…

КОСТАДИН: Слушај! Постара си, а јас ум да ти давам! Збери си го умот и размисли: зошто татко ми си ги остави коските на печалба? Зошто јас не сум чул ни еден збор од неговата уста? Зошто цел век јадеме сол и црн леб? А и ти, додека можеше, миеше, пред празник туѓи куќи! Имаше маж само три месеци! А јас татко ни еден ден… Дење-вечер правеше метании за здравје на домаќинот, куќата ти остана без домаќин…

БОЖАНА: Што сум јас крива, та така ми зборуваш?… Јас и денес му палам канди- ло… Дваесет години тој ми е на ум… А сега, за тебе метании правам, Костадине, за да ти даде господ во животот помин, среќа! Дење-вечер се за тебе се молам Костадине, да те чува господ од лошо и на мајка да ми останеш жив и здрав…

КОСТАДИН: Нема ден да не ти зборувам, мајко. Уште ли мислиш по некој ден на печалба да тргнам! Ете пак ти кажувам: како куче ќе гладувам, за корка леб да сум страден, динар да немам, само за печалба не зборувај ми!

БОЖАНА: Срам ми е, само ти дома да седиш…

КОСТАДИН: Од кого?

БОЖАНА: Од светот.

КОСТАДИН: Светот ли ти дава да јадеш?

БОЖАНА: Машко дома не седи! Сите одат…

КОСТАДИН: Кој има долг! Јас немам!

БОЖАНА: А за свадба?

КОСТАДИН: Ќе биде, само без долгови… и без пари…

БОЖАНА: Чорбаџи Јордан не ќе сака ни да чуе без дваесет-триесет лири…

КОСТАДИН: Да ли џорбаџи Јордан ќе чуе таму, во туѓина? Дали може дури преку море… На секого си туѓ… Нема со кого збор да промениш, солза да раз- мениш! И не година, не две. Години, години изврват, скотски да живееш, пари да збереш, додека да имаш лице дома да си дојдеш!… Ако паднам болен, дали чорбаџи Јордан ќе праша за мене? Дали ќе има кој потта да ми ја избрише, кошула да ми размени, јорган да ми фрли?… Ех, црна и крвава е нашата печалба, мајко! Уште покрвава е сиромаштијата, што не гони таму! Проклет да и е коренот!… И големо и малечко нишан носи од неа за цел век!… Гледај, Што направи од нас таа пуста печалба! Маж- роб! Жена-роб! Син-роб! Ќерка-роб! А мајките, само за солзи се родени!…

БОЖАНА: Од старо, од дедовци ни е оставено…

 

Прашања

 

1. Дадениот извадок е карактеризација на ликот Костадин кој е претставен како:

а) суров и алчен човек; б) предводник на нови сфаќања; в) наивен и неискусен човек.

Одговор

б) предводник на нови сфаќања

2. Во извадокот од драмата е претставен:

а) мотивот на религиозните убедувања; б) мотивот на печалбарскиот живот; в) мотивот на патриотизмот.

Одговор

б) мотивот на печалбарскиот живот

3. На што се противи Костадин во дадениот извадок?

а) на обичајот за купување невеста; б) на обичајот за гостопримливост кон туѓинците; в) на обичајот за подготвување свадбена веселба.

Одговор

а) на обичајот за купување невеста

 

4. Драмата Печалбари, чиј извадок е наведен, според жанрот е:

а) психолошка драма, б) битово-социјална драма; в) историска драма.

Одговор

б) битово-социјална драма