Појава на уметноста (поделба и видови уметност)

 

Појава на уметноста

 

Човекот уште од најстари времиња освен да ги задоволи своите основни животни потреби имал потреба и од естетика, убавина. Орудијата што ги правел на почетокот биле едноставни и ја имале само нивната основна функција – да му помогнат при ловот, обработката на земјата итн. Со тек на време, тој почнал да ги украсува со разни додатоци кои имале естетска функција. Човекот сакал неговото орудие освен што ќе му служи во работата да биде и убаво.
Имало и други начини на кои се изразувала таа исконска потреба за убавина. Цртањето по пештерите е една од нив.
Но, она што се поврзува со почетоците на литературната уметност се обредните игри. (Обредни обичаи во Македонија – остатоци од паганското време). Првобитниот човек преку танц, музика и текст ги изразувал своите желби за добар улов, плодна година, победа над непријателите итн. Во науката ова единство на повеќе уметности е познато како првобитен синкретизам.

Појавата на уметноста во најстаро време што претставувало спој на музика, текст и танц се вика првобитен синкретизам.

Видови уметност


Подоцна, почнале да се издвојуваат различните уметности, кои денес ги делиме според изразните средства на просторни и временски.

Во просторни уметности спаѓаат:

– ликовната која ја сочинуваат: сликарството, чие изразно средство се боите и вајарството, чие изразно средство се формите изработени од различен материјал (дрво, камен, мермер, железо, глина итн.) и

– архитектурата чие изразно средство се градежните материјали.

Во временски уметности спаѓаат:

– музиката, каде изразни средства се тонот и гласот и

– убавата литература чие изразно средство е зборот.

Просторно-временски уметности:


– актерството, говорништвото, танцот и најновата, филмот.

Освен овие, постојат и применети уметности, како на пример: филигранството, резбарството (копаничарство), кујунџиството (бакрорез), костимографијата, сценографијата итн.


Од своите почетоци до денес уметноста прави круг. Имено, првобитниот синкретизам ги обединува музиката, танцот и играта, а денес филмот, исто така, обединува повеќе уметности: слика, текст, музика, актерство итн.

Од синкретичната уметност постепено се одвојувале текстот и мелодијата од танцот. Така, песната станува одделна форма. Најпрво епско-лирската песна, потоа само лирската и најпосле драмата.