„Чичко Горио“ (писмена работа)

Предлог писмена работа за романот „Чичко Горио“ од Оноре де Балзак

Семејството прикажано во романот „Чичко Горио“ од Балзак

 

Семејството е најважната клетка на човечкото општество. Децата се наследници на минатото, а родителите се оние што им ја обезбедуваат иднината. Во романот „Чичко Горио“ од Балзак ни е претставено едно нетипично семејство, зашто мајката е почината, па таткото мора да ги преземе двете улоги на родител. Нашата поговорка „без татко пола сирак, без мајка цел сирак“, таткото Горио не сакал да се оствари.

По смртта на жена си, Горио целото свое внимание и љубов го насочил кон своите две ќерки, Анастазија и Делфина. Уште како малечки ги разгалувал со скапи подароци мислејќи дека така ќе го надокнади отсуството на мајчината љубов и ќе ја „купи“ љубовта на ќерките. Кога пораснале, им нашол богати и достојни сопрузи, мажи со титули, гроф и барон, и им го поделил своето макотрпно стекнато богатство. За себе, не оставил речиси ништо. Скромно се сместил во пансионот на госпоѓата Вокер и имал пари колку обично да живее. Заслепен од својата пожртвуваност и огромна љубов не бил свесен дека од своите ќерки направил бесчувствителни и користољубиви суштества. Тие не чувствуваат љубов кон никого – ни кон татка си, а меѓу себе уште помалку. Се натпреваруваат која ќе биде побогата, поприфатена во високиот круг на општеството, со подобар љубовник, и која до крај ќе го исцица преостанатиот имот од таткото.Стануваат безмилосни и бесчувствителни гледајќи го таткото како гладува за тие и понатаму да имаат сѐ. Нивната  бескрупулозност достигнува врв кога не доаѓаат ни на неговиот погреб.

Големата и безрезервна љубов на таткото Горио го уништила ова семејство. Сакајќи да им удоволи на ќерките, тој од нив направил монструми. Ако „сите среќни семејства си прелегаат едно на друго, а секое несреќно семејство е несреќно на свој начин“ – ова е пример за едно од најнесреќните!

 

(285 збора)