Александар Сергеевич Пушкин

За животот на Пушкин

Александар Сергеевич Пушкин (1799-1837)

Александар Сергеевич Пушкин (1799-1837) е роден во Москва 1799 година, во благородничко семејство. Бил воспитуван и образуван од приватни учители од кои го научил францускиот јазик. Неговата дадилка, пак, му ја всадила љубовта кон рускиот фолклор и народ.

Се школувал во Лицејот во Царско Село, училиште само за децата на руските аристократи каде се стекнал со солидна наобразба. Учествувал во литературниот кружок „АРЗАМАС“ и во кружокот на декабристите „Зелената ламба“. (Декабристите се учесници во востанието од 14 декември 1825 г. против царското самодржавие. Тие сакале да се воведе парламентарен систем со рамноправност на сите сталежи. Царските власти крваво го задушиле востанието и ги обесиле водачите на бунтот.)
Пушкин ќе биде затворен и прогонет на Кавказ, во Крим, во Бесарабија, во селото Михајловское (4 години). Тоа ќе биде период кога пишувал романтичарски поеми и го започнал романот во стихови „Евгениј Онегин“.

1830 година се случува Болдинската есен – неговиот најплоден творечки период, кога со својата идна сопруга, прекрасната Наталија Гончарова, престојува во селото Болдин. Тогаш ги пишува последните глави од „Евгениј Онегин“, триесетина стихотворби, прозни и драмски текстови. По женидбата живее во Царско Село во Санкт Петербург, но неговите конфликти со дворот растат. За да ја одбрани честа, по интригата што се плетела за врската на неговата жена со Французинот Дантес, офицер во царската гвардија, тој излегува на двобој во кој е смртно ранет. Починува два дена по дуелот, на 29 јануари 1837 година.

Пушкин го сметаат за зачетник на новата руска литература и создавач на рускиот литературен јазик. Тој е родоначелник на рускиот романтизам и на реализмот. Се пројавува речиси во сите постојни жанрови и е создавач на новиот – роман во стихови.

Негови најпознати дела се поемите: „Кон Чаадаев“, „Село“, „На Керн“, „Зимска вечер“; романите: „Капетановата ќерка“, „Евгениј Онегин“; трагедијата: „Борис Годунов“.

Поетското творештво на Пушкин

Во творештвото на Пушкин има неколку периоди.
Првиот период е творењето на лицејската поезија, за време на школувањето, кога ги отфрла класицистичките норми и го модернизира книжевниот јазик. Мотивски и жанровски разновиден, во овој период ги искажува своите емоции од разочарување до восхитување.
Вториот период е петроградската поезија, кога се запознава со руската престолнина и го искажува своето родољубие, слободарскиот дух преку поддршката на декабристите и критика на царскиот апсолутизам. (Песни: „Кон Чаадаев“, „Село“, „Слобода“.)
Третиот период е лириката на јужното прогонство, кога тој ќе биде прогонет во Бесарабија поради слободоумните идеи. Таму ја чита поезијата на Бајрон и под негово влијание станува изразит романтичар. Од тој период се песните: „Јас ги надживеав своите желби“, „Згасна дневниот светилник“; поемите: „Кавкаскиот заробеник“, „Бахчисарајска фонтана“, „Цигани“.
Следува четвртиот, михајловскиот период, кога прогонет престојува во селото Михајловско. Тука ја променува својата естетска концепција барајќи нови модели со што се приближува до реалистичкиот метод. Му се враќа на рускиот фолклор и ориентален пејзаж. („Кон морето“, „Пророк“)
Петтиот е московскиот период во кој создава програмска поезија: „На поетот“, „Поет“.

И шестиот е поетскиот споменик, песната: „Јас споменик си подигнав неизграден од рака“.