Матурски прашања за „Хамлет“ (6. 2010)

Матурски прашања во јуни 2010 година за „Хамлет“ од Шекспир беа:

Внимателно прочитај го извадокот од „Хамлет“ и одговори на поставените прашања.

Офелија:
Како сте, принцу во последно време?
Хамлет:
О, сосем добро. Сосем. Сосем. Сосем.
Офелија:
Досега примав подароци од Вас,
Но, денес принцу, јас ќе Ви ги вратам.
Ве молам, еве, земете ги веднаш.
Хамлет:
Грешите. Не сум Ви подарил ништо.
Офелија:
О, како ништо! Сетете се, принцу.
Со такви ласки јас ги примав од Вас
Што мислев дека споменот е поскап
Тој спомен умре со нивниот мирис,
Па ви ги враќам ко девојка чесна,
Измамена в игра подбивна и лесна.
Еве ги, принцу.
Хамлет:
Ах, така зар сте Вие чесна девојка?
Офелија:
Принцу!
Хамлет:
Зар сте убава?
Офелија:
Што сака да каже Вашето господство?
Хамлет:
Ако сте чесна и убава, Вашата чесност не би требала да се дружи со Вашата убавина.
Офелија:
Зар чесноста не е најдобра придружница на убавината?
Хамлет:
Бездруго! Зашто убавината може полесно
Да ја фрли чесноста во вител, во наводаџиство,
Одошто чесноста да направи од убавината нешто што личи на неа
Ова порано беше парадокс, сега е докажано.
Јас Ве љубев некогаш.
Офелија:
Јас навистина поверував во таа љубов.
Хамлет:
Не сте смееле да ми верувате.
Добродетелта не смее да се зафати за нашето старо стебло и да му го одземе сиот здив. Јас не Ве љубев.
Офелија:
Со тоа сум била уште пострашно измамена.
Хамлет:
Оди во манастир. Зошто да раѓаш грешници? Јас сум – подносливо чесен. Но сепак, би можел да се обвинам за толку нешта што би било подобро мајка ми да не ме родила никогаш. Јас сум многу горд, самољубив и копнеам за одмазда. Јас располагам со повеќе гадости одошто со ум за да ги обмислам тие гадости, одошто со фантазија за да им дадам облик, или со време за да ги остварам. По ѓаволите зошто постојат такви луѓе каков што сум јас што сноваат помеѓу небото и земјата? Сите сме никаквеци. Не ми верувај. Оди право во манастир. Каде е татко ти?
Офелија:
Дома, господару.
Хамлет:
Нека ја затворат зад него поцврсто вратата за да прави будалаштини само во својот дом. Збогум.
Офелија:
Небесни сили, помогнете му!
Хамлет:
Ако се мажиш ќе ти ја дадам оваа клетва како свадбен подарок: биди невина како лед и чиста како снег – нема да избегаш од клетвата. Ти реков оди во манастир. Збогум. А ако, сепак, сакаш да се мажиш, омажи се за некој глупак. Умните многу добро знаат какви чудовишта Вие од нив правите. Ти велам, стани калуѓерка! И тоа веднаш. Збогум.

 

1. Како реагира Хамлет на љубовта на Офелија во наведениот фрагмент?

Одговор:

ја одбива љубовта на Офелија; jа презира љубовта на Офелија; не ја прифаќа љубовта на Офелија; ја потценува љубовта на Офелија; ја отфрла љубовта на Офелија


2. Според наведениот фрагмент, како Хамлет го толкува односот убавина – чесност?

Одговор:

чесноста и убавината се разминуваат; убавината води кон наводаџиство; чесноста и убавината не одат заедно; чесноста не треба да се дружи со убавината или цитати соодветни на наведените опции


3. Која стилска фигура е употребена во последната реплика од наведениот фрагмент со зборовите „биди невина како лед, и, чиста како снег“?

Одговор:

споредба /компарација


4. Каде се одвива дејството во драмата Хамлет?

Одговор:

во Данска; во данскиот дворец; во данското кралство; во дворецот Елсинор; во дворецот на принцот Хамлет; во Данска и делумно во Англија


5. На кој драмски вид припаѓа делото Хамлет?

Одговор:

трагедија


6. Освен делото Хамлет, наведи најмалку три други дела од В. Шекспир.

Одговор:

Отело, Магбет, Ромео и Јулија, Кралот Лир, Антонио и Клеопатра, Сон на летната нок, Венцијанскиот трговец, Јулие Цезар, Хенри 4 итн.


7. На која литература е претставник В. Шекспир?

Одговор:

англиската литература/литературата на ренесансата /литература на хуманизмот и ренесансата/англиска ренесанса