Писмена работа за „Илијада“ – Ахил

Предлог писмена работа за „Илијада“ од Хомер

 

Гневот на Ахил

 

При првата средба со Хомеровата „Илијада“ се бориме да ги совладаме необичните стихови, првпат слушнатите епитети, но полека стануваме дел од древната приказна за десетгодишната Тројанска војна.

Уште на првите страници – тој: најубавиот, најхрабриот, „брзоногиот“, „боголикиот“, „синот Пелеев“ – Ахил. Неговото убаво лице се грчи од гнев заради навредата од Агамемнон. Тој не поднесува навреда и неправда! Ни мудроста на грчките војсководци, ни напредувањето на Тројанците не успеваат да го убедат повторно да влезе во бој. Ахил не попушта. Неговиот гнев и инает се посилни од сѐ. Или, речиси од сѐ. Болката и желбата за одмазда поради смртта на неговиот најдобар пријател Патрокло, ќе го разгорат гневот уште повеќе. Но, сега тој е насочен кон Хектор – виновникот за смртта на пријателот. Заслепен од чувството за одмазда, Ахил не само што го убива Хектора, туку станува вистински монструм влечејќи го со својата двоколка мртвото тело. Трипати околу ѕидините на Троја! Сите да видат! Сите да го почувствуваат неговиот гнев! Одмаздата е извршена, триумфот е остварен, гневот и омразата спласнуваат. Бесчувствителноста на Ахил ќе успеат да ја омекнат само татковите молбени зборови на Пријам, барајќи го телото на својот син Хектор. На крајот, Ахил ќе се смири, ќе се покае, ќе покаже чест и сочувство кон мртвиот принц.

Тука, можеби премудриот Хомер, покрај сѐ со што нѐ восхити во своето дело, ќе нѐ поучи и на тоа дека не гневот, туку простувањето е возвишената човечка особина.