Писмена работа за „ Царот Едип “

Предлог писмена работа за трагедијата „Царот Едип“ од Софокле

Ликот на Едип (најтрагичниот лик во светската литература)

 

Може да бидеме умни и праведни, сакани и почитувани, горди и смели, да им помагаме на другите, да се грижиме – но од судбината и несреќата не можеме да избегаме. Тоа е Едип – најтрагичниот лик во светската литература.

Роден во царско семејство, во богатсво, Едип ја избегнал смртта кога бил дете и кога неговите родители сакале да го убијат заради страшното пророштво. Го служела среќата Едипа, преживеал, овчарот го спасил, и уште повеќе од тоа – повторно станал син на цар. Имал среќно детство исполнето со многу љубов пружена од новите бездетни родители. И сѐ било среќно и убаво додека Едип сам не си ја побарал несреќата. Побарал да му ја претскажат иднината, да му ја кажат црната судбина што го чека. Бегајќи од неа, паднал право во нејзините раце. За да не си го убие татка си – отишол и го убил татка си. За да не се ожени со мајка си – паметниот Едип ја решил загатката на Сфингата, го спасил градот Теба и за награда ја добил царицата за жена – се оженил за мајка си.

Да, сите доблести ги има Едип. Бил многу умен и разумен, мудар и праведен, граѓаните го сакале зашто ги спасил од злото, зашто секогаш сакал да помогне. И повторно е подготвен да помогне кога треба да го пронајде убиецот на Лај, неговиот вистински татко. За жал, се пронаоѓа себеси – и својата црна судбина. Тој е убиецот, тој е оженет со мајка си и тој со неа има четири деца. Иако никому не сака да наштети, па затоа бега од домот каде го одгледале, сепак, не можел да избега од чкртнатото.

На Едип, човекот со високи морални вредности му се случиле најнеморалните работи. Смртта за него не е најстрога казна. Се казнил со слепило – никого веќе никогаш да не види, срамот да не си го гледа; и со прогон, талкање по правливиот свет.

Ужасната судбина на царот Едип е приказна што не се заборава. Сѐ е важно во животот, но сепак, можеби најважно е да имаме среќа.