Писмена работа за „Крпен живот“ од Стале Попов

Предлог писмена работа за романот „Крпен живот“ од Стале Попов

Македонската жена прикажана во романот „Крпен живот“ од Стале Попов

 

Во романот „Крпен живот“ е прикажан животот на едно типично селско, мариовско семејство, при крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Особено внимание е посветено на начинот на живеење, обичаите, традицијата, а сето тоа преку двата женски лика, Доста и Митра.

Во семејството Сукалови, отпрво само Митра била жената и домаќинка која се грижела за целото семејство – за мажот ѝ, за двајцата девери вдовци и за своите пет деца. Преголемиот товар на целата куќа – средување, чистење, готвење, перење, крпење, капење, молзење итн. таа сакала да го подели барем со уште една жена. За нејзина жал, желбата ѝ се остварила. Илко во куќата ја доведува новата невеста, вдовицата Доста Рожденката. Таа се разликувала од останатите селанки зашто видела „бел свет“, односно живеела во Солун и работела кај рускиот конзул. Но, сепак, таа, како и јатрва ѝ Митра е типична македонска жена. За двете најважен е домот и семејството. Нивната најголема грижа е на своите деца да им обезбедат добра иднина, доволно материјални средства, имот; од каде и потекнува кавгата меѓу нив. Тешкиот сиромашен живот го носат на својот грб, работат од утро до мрак, се грижат сите да бидат сити, облечени, задоволни. Тие се патријархално воспитани, го почитуваат мажот како глава на семејството, но бараат и самите да бидат почитувани, особено Доста кога не сака да биде купена како стока, и кога му се спротивставува на Илко кога сака да ја удри. Задржувањето на обичаите и традицијата е, исто така, нивна задача. Ткаењето килими, подготвувањето на чеизот, подготовката на сите прослави и веселби – крштевки, свадби, итн. Се гледа кај нив и суеверието останато од древнина, особено кај Митра, која верува во моќта на бајачките, но и улогата на носењето на новото што го прави Доста. Убавите навики стекнати во градот таа ги спроведува и во селото, без разлика на негодувањата и озборувањата. Таа културно и убаво се однесува, поздравува со „добро утро“, „добар ден“, никогаш не колне и не се расправа отворено, го брише носот во шамивче, секогаш е чиста и измиена, а така се грижи и за своите деца. Најголемиот новитет што го донесува е тоа што го испраќа своето девојче в училиште, првото женско во Мариово што ќе се образова.

Преку двете јатрви, Доста и Митра, во романот „Крпен живот“ е прикажана типичната македонска жена од тоа време, столбот на семејството и домот, носителот на традицијата, но и носителот на новото и промените.