Писмена работа за „Улица“ од Славко Јаневски

Предлог писмена работа за „Улица“ од Славко Јаневски

Улицата – училиште за животот

 

Повеста „Улица“ од Славко Јаневски е првото негово прозно остварување. Пишувана е во прво лице, а раскажувачот е Славе, детето, кое преку своите доживувања на „улицата“ ни ја дава сликата на предвоеното Скопје и сликата на растењето и развивањето на еден млад човек.

Славе, или Јане Славковиќ, како што го нарекува неговиот класен раководител, сo своите 12 години, посакува возбудливи настани, посакува барем некаде да се чувствува важен, почитуван и забележан. Дома, како помало дете во семејството никој не го забележува, сите го прескокнуваат и не се чувствува среќен и исполнет. Во училиштето се чувствува уште полошо. Наставниците се здодевни, престроги, а и тие не го забележуваат. Затоа Славе одлучува да си ја испроба среќата на улица, меѓу децата-бездомници, крадци и беспризорни, меѓу „Црните браќа“. На почетокот се воодушевува од ликовите како Баждар и Пенчо, деца без дом и семејство, оставени сами на себе – да преживуваат крадејќи и питајќи. Пред нив се докажува со своите „храбри“ постапки – убивање врапче, кршење прозорец, крадење цреши, но иако сака да биде како нив, тој сфаќа дека не е! Тие се луѓе без морал и грижа на совест, а него душата го боли од срам и понижување кога чесната жена ќе му помогне со шинатата нога, иако крадел од нејзините цреши. Во себе не наоѓа начин да го оправда Пенчо што ја искористува жената и од дома ѝ краде предмети и бега оставајќи го него сам. Совеста во Славе победува и тој ги поткажува на полицијата крадците на парите што ги собирале луѓето за изградба на црквичка.

Иако веќе знае дека не му припаѓа на светот на улицата, Славе, како секое дете и понатаму посакува возбудувања, па се здружува со поголемо момче Кузман, верувајќи дека со него ќе живеат во подземен свет (како во филмот за „Фантома“) и ќе ја делат правдата во надземниот свет. Но, и тука е искористен, Кузман само ги барал закопаните пари од дедо му, не му било нему за никаква правдина. Следува дружењето со „Црните браќа“, исто деца на улицата, што кулминира со бесповодното тепање на Еврејчињата. Таа тепачка сосема ќе го освести Славе и ќе го поведе по вистинскиот пат. Тогаш тој ќе се сврти кон убавото, кон девојчето Ана, кон книгите и сѐ што не е „улица“.

Секое детство и младештво ги покажува патиштата што може да ги избереме во животот. Нѐ соочува со разни луѓе и случки кои ќе нѐ изградат како личности. Ќе ни покажат што е лошо, а што добро. Такво е и детството на Славе, го соочува со неморални луѓе, крадци, бездомници, пијаници, несовесни, уличари – кои ќе му покажат како не треба, за да може да го избере она што треба.