Рабиндранат Тагоре – избор песни

Рабиндранат Тагоре (7 мај 1861- 7 август 1941) е бенгалски поет, новелист, музичар, сликар и драмски писател кој имал големо влијание врз бенгалската литература и музика. Во 1913 година ја добил Нобеловата награда за книжевност за делото „Гитанџали“. Уште од својата осма година Тагоре започнал со пишување поеми. На шеснаесет години, ја објавил својата прва збирка поезија, а своите први раскази и драми ги напишал во 1877 година. Тој бил духовен поет кој рано се прославил на Западот, но неговата едноставна, но волшебна поезија сѐ уште останува неразбрана надвор од границите на Бенгал.

Во Индија, Тагоре го ценат најмногу како поет, а во преводите е попознат како прозаист поради тешкотијата – звучноста и сликовитоста на неговата поезија да се предаде на друг јазик. Неговите поетски збирки „Гитанџала“ и „Градинарот“ се речиси насекаде прозно препеани.

Каква и да си дојди

Каква и да си, дојди; не се колебај при облекувањето.

Косата нека ти биде расплетена, и патецот заплеткан, и елекот раскопчан, што е тоа важно.

Каква и да си, дојди; не се колебај при облекувањето.

Со итри чекори дојди по тревата.

Ако исчезне руменилото од твоите нозе, зашто има паднато роса, ако прстените околу твоите нозе се рашират, ако бисерот испаѓа од твојата гривна, што е тоа важно.

Со итри чекори дојди поо тревата.

Глеј, се трупаат облаци на небото.

Јата жерави долетуваат од далечни брегови, а напати ветерот дува преку пустината.

Преплашен добиток бега кон шталите в село.

Глеј, се трупаат облаци на небото.

В залуд го палиш светилникот на столот заради своето дотерување – трепери и се гаси на ветрот.

Кој гледа дека на твоите капаци нема црнило? Твоите очи се потемни од тмурните облаци.

В залуд го палиш светилникот на столот заради своето дотерување – трепери и се гаси на ветрот.

Каква и да си – дојди; не се колебај при облекувањето.

Ако венецот за твојата коса уште не е исплетен, што е тоа важно; ако синџирот околу твојот лакт не е закопчан, нека го.

Небото е покриено со облаци – доцна е.

Каква и да си – дојди; не се колебај при облекувањето.

Рацете ни се преплетуваат…

Рацете ни се преплетуваат, очите ни се впиваат: така започнува историјата на нашите срца.

Мартовска ноќ е, месечината свети; ветерот донесува сладок мирис од хена; мојата свиралка лежи на земја запоставена, а твојот цветен венец е недовршен.

Љубовта оваа меѓу мене и тебе проста е како песна.

Твојот венец со боја на шафран ми ги опива очите.

Венецот јасминов што го исплете за мене ми го исполнува срцето со треперење како благодарам.

Тоа е игра на наддавање и одрекување, откривање и повторно скривање; малку осмев и сосема малку срамежливост и понекогаш помалку слатка бесцелна расправа.

Љубовта оваа меѓу мене и тебе проста е како песна.

Никакви тајни надвор од денешницата; никакви борби околу невозможното; никакви сени за љубезноста; никакви допири во длабините на темнината.

Љубовта оваа меѓу мене и тебе проста е како песна.

Не скитаме ние вон зборовите во вечно молчење; не ги креваме рацете свои во празнина кон нештата надвор од надежот.

Задоволни сме од она што го даваме и што го добиваме.

Не ја исцедивме и последната капка радост, за од неа да правиме вино за нашите страдања.

Љубовта оваа меѓу мене и тебе проста е како песна.