Жак Превер – избор песни

Жак Превер е истакнат француски поет, претставник на надреализмот и симболизмот. Роден на 4 февруари 1900 година во Неи на Сена, предградие на Париз. Анархист, одметник и сонувач, Превер во својата хуманистички ангажирана лирика зборува за животот во различните негови аспекти.

Умрел на 77-годишна возраст.

Попознати негови дела се стихозбирките: „Зборови“ (1945); „Спектакли“ (1951); „Дождот и убавото време“ (1955); „Куп од разни нешта“ (1966); „И други работи“ (1972) и др.

Можеби најпознатата негова песна е „Барбара“.

Барбара

 

Се сеќаваш ли Барбара

Врнеше без престан

Врз Брест тој ден

А ти одеше насмеана

Наврната зрачна маѓепсана

Под крупните капки на дождот

Сети се Барбара

Те сретив во улицата Сијам

Се смееше

И јас се смеев

Се сеќаваш ли Барбара

Не те познавав

Ниту ти мене

Се сеќаваш ли

Се сеќаваш ли на тој ден

И не го заборавај

Еден човек в некој порти

Засолнет

Го викна твоето име

Барбара

А ти отрча кон него низ дождот

Наврната зрачна маѓепсана

И му се фрли в преграб

Се сеќаваш ли Барбара

Не се лути што ти велам ти

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па макар само еднаш да сум го видел во животот

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па дури и да не го познавам

Се сеќаваш ли Барбара

И никогаш не заборавај го

Тој дожд толку благ и среќен

Врз твоето среќно лице

Врз тој среќен град

Тој дожд врз морето

Врз арсеналот

Врз бродот од Цесан

Ох Барбара

Свинштина е оваа војна

И што е со тебе сега

Под дожд од железо

Оган челик и крв

А оној што те стегаше в преграб

Вљубено

Дали умре го снема или е уште жив

Оф Барбара

Сѐ уште врне врз Брест

Како што врнеше некогаш

Но не е исто оти сѐ е урнато

Тоа се само посмртни капки дожд

Ужасни и очајни

А не е ниту оној потоп веќе

Од железо челик и крв

Туку просто дожд од облаците

Кои ги снемува како пци

Како пци кои ги носи

Водената струја од Брест

Да изгнијат некаде далеку

Многу далеку од Брест

Од кој ништо не останало

 

За тебе љубов моја

Отидов на пазарот за птици
и купив птица
за тебе
љубов моја
отидов на пазарот за цвеќиња
и купив цвеќе
за тебе
љубов моја
Отидов на пазарот за железо
и купив окови
за тебе
љубов моја
Отидов на пазарот за робови
и те барав тебе
но не те најдов таму
љубов моја.

Песна на клучарот

 

Каде одиш клучару

Со тој клуч извалкан од крв

Одам да ја ослободам онаа што ја сакам

Ако уште има време

А неа ја затворив

Нежно свирепо

На најтаинственото место на моите желби

На најдлабокото место на моите маки

Во измамите на иднината во глупоста на клетвите

Сакам да ја ослободам

Сакам да биде слободна

И дури да ме заборави

И дури да си замине

И дури да се врати

И натаму да ме сака

Или да засака друг

Ако тој и се допаѓа

Но ако јас останам сам

А таа си замине

Ќе ја сочувам само

Ќе ја сочувам засекогаш

На моите дланки

До крајот на животот

Благоста на нејзините гради од љубов извајани.

Чуварот на светилникот ги сака премногу птиците

 

Птиците со илјадници летаат кон светлината

со илјадници паѓаат со илјадници се удираат

со илјадници ослепени со илјадници скршени

со илјадници тие умираат

 

Чуварот не може да издржи такво нешто

тој премногу ги сака птиците

тогаш тој вели Толку полошо Не ми е грижа!

 

И тој згаснува сѐ

 

Во далечината еден товарен брод потонува

еден товарен брод кој доаѓа од островите

еден товарен брод натоварен со птици

со илјадници птици од островите

со илјадници удавени птици.

 

 

Јас заспивам

 

Јас заспивам со очи полни со птици

И сонувам една градина драга

Но штом твоите очи се далеку од моиве

Јас заспивам со очи полни со солзи

И мојот сон се вика тага.

 

Згаснете ја светлината

Две ластовици огреани од месечината

над еден стар портал

склопчени во своето гнездо

ги движат своите главчиња

и ја наслушнуваат ноќта

 

А ноќта е сосема јасна

зашто црната месечина на светот

свети од вселената

 

Тогаш една добричица во бело

и избезумена од очај

клука на вратите од месечината

Згаснете ги вашите светла

зашто двајца заљубени токму сега

се љубат на плоштадот на Победата

згаснете ги вашите светла

зашто може светот да ги види

Јас потамина се шетав

и натрапав токму на нив

таа си ја дотеруваше здолницата

а тој ги затворил очите свои

но тие две очи кај неа

беа како два камења во огнот

 

Две ластовици огреани од месечината

над еден стар портал

склопчени во своето гнездо

ги движат своите главчиња

и ја наслушуваат ноќта.

 

Изневерените љубовници

 

Јас ја имав ламбата

а ти светлината.

Кој го продаде фитиљот?

Празник

 

Чашите беа празни

и скршени шишињата

Постелата беше разместена

и вратата заклучена

И сите ѕвезди од стакло

од среќа и убост

блескаа во правот сур

на нечистата соба

А јас бев мртов пијан

и во огнот на радоста

А ти пијана жива

и сосема гола

во моиве врели раце.

 

Тоа лице на љубовта опасно и нежно

 

Тоа лице на љубовта

опасно и нежно

една вечер ми се јави

по мошне долгиот ден

Можеби стрелец беше

со лак и стрела

ил свирач сам

со харфа смела

Веќе не знам

знам само

дека ме рани

можеби со стрела

или со песна

знам само

дека ме рани

засекогаш ме рани

и до срцево крв ми тече

И врела премногу врела

рана љубовна ме пече

 

 

Мртви лисја

О колку би сакал да си споменуваш ти

на тие среќни дни на нашата љубов

Тогаш животот беше многу поубав

и сонцето светеше со подруг сјај

Мртвите лисја по земјата се пластат

А јас уште не сум те заборавил знај

и уште во мене не згаснала страста

Мртвите лисја по земјата се пластат

и нашите спомени тагите и радости

северецот студен далеку ги носи вчас

во ноќта на заборавот што срца ни сви

А гледаш дека не сум ја заборавил јас

песната што ми ја пееше во тие дни

 

Тоа е песна што личи на нас

На тебе што си ме сакала

и на мене што сум те сакал

Ние живеевме заедно така

ти што си ме сакала

и јас што сум те сакал

Но животот ги дели оние кои се сакаат

кои се љубат нежно и без шум

и во чии срца гулаби се вселени

А морето ги брише врз песокот со ‘ршум

стапките на љубовниците разделени..

 

А твојата сестра?

 

Убавина е таа,
вели бедата.

Страст,
тврди болката.

Свирепост,
кажува нежноста.

Рамнодушност,
шепоти очајот.

Смрт,
рече несреќата.

Сестра моја
тоа е љубовта,
вели среќата,
добрата среќа.