Натурализам

Hатурализам е правец кој ја претставува последна фаза на реализмот и егзистира во периодот од 1870 до 1890 година.

Терминот натурализам е преземен од филозофијата каде означува материјализам, епикурејство (лагодност на животот) и световност.
Натуралистите го потенцираат човековото биолошко потекло, како и влијанието на средината. Тие многу внимание му обрнуваат на детаљот при фактографското и аналитичкото прикажување на стварноста.
Главен претставник и заговорник на натурализмот е францускиот писател Емил Зола. Тој собира натуралистичка група автори кои објавуваат збирка раскази во вид на манифест Медански вечери“ (се собирале во Золината вила во Медано). Како автори се појавуваат: Ги де Мопасан, Пол Алексис, Анри Сеар, Леон Еник и Уисманс.

Во исто време се јавува и натуралистичкиот театар во Франција кој се залагал за реален и детален приказ на баналностите на секојдневието.

Хенрик Ибзен е норвешки драмски писател, кој ќе го одбележи развитокот на драмата кон модерната драматургија, создавајќи ја т.н. аналитичка техника во водењето на драмското дејство.

Претставник на рускиот натурализам е Антон Павлович Чехов. Карактеристично за неговото прозно творештво, за неговите раскази и новели, е тоа што тој не прикажува големи настани, ниту големи ликови. Фабулите се обично многу едноставни и со нив тој предизвикува впечаток, создава расположение и специфична атмосфера, па преку таа атмосфера, преку размислувањата, расположенијата, тагата или радоста, тој ликовите целосно ги оформува и објаснува. Неговите раскази се обично куси, но содржајни, проткаени со хумор или блага иронија и секогаш присутна една тажна нотка. Темите што ги обработува се разни, критички опфаќајќи ги сите сегменти на општественото живеење.
Освен раскази, Чехов пишувал и драми. Чехов како творец на лирската драма е претставник на модерната литература. Во неговите драми, ликовите не ја живеат сегашноста која е сива и монотона, туку живеат во минатото, во мечтите, во свет создаден од самите нив.