Оноре де Балзак

чичко горио

Оноре де Балзак (1799-1850) е претставник на францускиот реализам. Роден е во Тур, на југот од Франција, во граѓанско семејство. Прво учел во духовен колеџ, а потоа се запишал на правни науки во Париз. Таму секојдневно присуствувал на судските расправии, каде татковците се откажувале од своите синови, синовите од татковците, жените од мажите, браќата од сестрите, симнувајќи ги сите маски на лицемерието и добрината. Искуството од овие животни приказни, тој подоцна ќе го искористи во своите дела.

Балзак си поставил за цел да се збогати или да биде славен. Бил многу самоуверен и верувал дека целиот свет ќе слушне за него. Живеел во изнајмена соба и започнал да пишува. Но, неговите први дела се со романтичарски карактер и не се многу успешни. Решил да се зафати со трговија, но таму бил уште понеуспешен и само повеќе се задолжил.

Повторно ѝ се враќа на литературата. Прв негов книжевен успех е романот „Последниот Жуан во годината 1800“. По успехот, доаѓа до израз неговото расипништво. Ужива во раскошот и славата, имал врски со постари дами, живеел боемски живот по кабариња и кафеани. Но, и многу работел. Знаел да се затвори дома и да работи по цел дан спиејќи само по два часа.

И покрај неговиот физички изглед кој бил полн со недостатоци: бил полничок и низок, често невкусно облечен, тој имал мила ѕвезда со што ги пленувал соговорниците. Бил речит, со смисла за хумор што го правело омилен во друштвото, а жените го обожувале. Имал љубовници низ цела Европа. Меѓу нив се истакнувала Евелина Ханска, која била мажена со човек 22 години постар од неа, била млада и образована благородничка. Таа се вљубила во него, а тој освежен од новата врска повторно многу работел. Одбил да служи во Народната гарда, поради што го затвораат. Кога излегол од затвор се криел од властите под друго име во изнајмени соби. Доживува и книжевни неуспеси. Во тој период единствен спас гледал во трајна врска со Ханска, која ја наговорил да се омажи за него. Се повлекол на нејзиниот имот во Полска, веќе целосно исцрпен и болен речиси од сѐ – од срце, црн дроб, нерви, а лекарите му забраниле дури и да зборува.

Последен го посетил Виктор Иго, кој го затекнал во собата со болничарка до него, помодрен и со вкочанет поглед, а жена му била во соседната соба со љубовникот.

Балзак има многу обемно творештво. Неговите дела тој ги поврзал во една целина која ја нарекол „Човечка комедија“. Меѓу најпознатите се романите: „Шуани“, „Евгенија Гранде“, „Чичко Горио“, „Изгубени илузии“, „Шагринска кожа“, „Селани“ и др.