Современи правци во литературата

Под современа литература се подразбира литературата создавана во дваесеттиот век, а уште повеќе литературата по Втората светска војна.

Како последен правец во литературата од XIX век се смета реализмот, а потоа при крајот на XIX и почетокот на XX век се појавуваат неговите продолженија – натурализмот и социјалистичкиот реализам.

Натурализмот подразбира реализам без стилизирање и идеализирање, прикажување на стварноста таква каква што е – со своите неубави, непристојни и тажни, во детали опишани слики. Овој правец го започнува францускиот писател Емил Зола, а од Русија претставник е А. П. Чехов.

Социјалистичкиот реализам (соц-реализам) се појавува со појавата на социјализмот во Советскиот Сојуз, а имал цел да прикаже определени негативни појави во животот, но многу повеќе да биде полетен, оптимистички и насочен кон светлата иднина.

Модерната литература како нов правец обединува многу струења: симболизам, импресионизам, експресионизам, надреализам, дадаизам, футуризам, имажизам, акмеизам итн.

Во современите правци спаѓаат и егзистенцијализмот со типичниот претставник – Албер Ками, како и антидрамата чиј претставник е Семјуел Бекет.

Основен проблем што го разгледува егзистенцијализмот е човековата егзистенција под која се подразбира можноста на човекот да избере како ќе дејствува. Слободниот избор со себе ја носи и неизвесноста и несигурноста, па затоа тука доаѓаат до израз егзистенцијалните проблеми. Во романот „Странецот“ од Албер Ками  е прикажано современото отуѓување на човекот од општеството и бесмислата на живеењето.

А Семјуел Бекет, во својата антидрама „Чекајаќи го Годо“ оди уште еден чекор понатаму. Апсурдноста која започнува со егзистенцијализмот во антидрамата е уште понагласена. Таа се постигнува со повторување на исти бесмислици како средство за комуникација и отфрлајќи ги класичните драмски белези.