Социјалистички реализам

Освен како натурализам, реализмот наоѓа свое продолжување во 20.век, во земјите со социјалистичко уредување. Тој се оформува 1934 година во Советскиот Сојуз на конгресот на писателите кога Максим Горки во својот реферат ги дава основните поставки на правецот. Всушност, со новото уредување, писателите сметале дека треба да има и нова литература – литература која ќе ги сублимира најдобрите работи од реализмот и романтизмот.
Социјалистичкиот реализам треба да прикаже определени негативни појави во животот, но многу повеќе да биде полетен, оптимистички и насочен кон светлата иднина. Оваа литература била ангажаирана и имала цел идеолошки да го воспита народот. Ликовите се идеализирани, со високи вредности – вистински мали херои кои побудуваат восхит кај читателот.
Освен Максим Горки, кој се смета за основоположник на социјалистичкиот реализмот, за негов типичен претставник се смета и големиот руски писател Михаил Шолохов.

Михаил Шолохов е роден во Кружилино, во козачката област Вешенска. Образованието го стекнувал со прекини заради Октомвриската револуција, Граѓанската војна, Првата светска војна. Во Москва отишол 1922 година со надеж дека ќе го продолжи образованието, но немал средства, па морал да работи како градежен работник и сметководител. На осумнаесетгодишна возраст го објавува својот прв текст во весник и од тогаш не може да се одвои од литературата. Пишува раскази собрани во збирките „Донски раскази“ и „Лазурна степа“ кои се основа за неговите подоцнежни големи дела: „Тивкиот Дон“ и „Разорана целина“. Целото негово творештво е обземено со судбината на Козаците во текот на Октомвриската револуција.
Шолохов, 1966 година ја добива Нобеловата награда за романот „Тивкиот Дон“.

„Судбината на човекот“ е расказ (новела) за обичниот руски војник и неговата судбина во текот на Втората светска војна. Иако во него се среќаваме со грозни нехумани ситуации, сепак, во целиот расказ провејува топлина, хуманизам, добрина.