Почетна » светска литература » „Облог“ од А. П. Чехов

„Облог“ од А. П. Чехов

Расказот „Облог“ од Антон Павлович Чехов е еден од најсодржајните, расказ во кој е отсликана сета човечка глупост, наивност, лекомисленост, а најмногу од сѐ – дека во животот „сѐ е ништожно, минливо, привидно и лажливо како фатаморгана“. Освен тоа, во краткиот опис на животот на заточеникот, Чехов многу успешно го отсликува созревањето на мудрите луѓе.

Начнато е и прашањето за потребата од социјализација на човекот. Дали му се потребни другите луѓе или може да живее во осаменост ако му е достапно целокупното човеково знаење? Прашање кое е уште поактуелно денес со експанзијата на интернетот и социјалните мрежи што од луѓето направија доброволни затвореници. Ни требаат ли контакти и шетање – за да го осознаеме светот?

Слушни го целиот расказ (аудиокнига):

Содржина на расказот „ Облог “

На една забава во случаен разговор за тоа што е подобро, смртната казна или доживотната робија, двајца – богатиот банкар и младиот правник, се обложуваат дека младиот нема да издржи во затвор ни 5 години. Банкарот нуди 2 милиона, а правникот вели дека ќе издржи дури 15 години доброволно заточеништво.

Со склучен договор, младиот правник е затворен во самица, во куќа на банкарот, каде не смее да комуницира со никого, не смее да излегува, но може да пуши, пие вино, чита книги, пишува писма и да има музички инструмент.

Банкарот сфаќа колку е бизарен облогот и дека со тоа што тој ќе даде 2 милиона, а правникот ќе загуби 15 години од животот – ништо не се докажува; ниту дека смртната казна е подобра или полоша од доживотната робија. Дека сето тоа е само ќеиф на сит човек, од страна на богатиот, и алчност за пари од страна на правникот.

Но, облогот е направен и правникот останува затворен во куќата 15 години.

Во првата година правникот многу страдал од осаменост и досада – постојано свирел на клавир, а се откажал од тутунот и виното, зашто виното будело желби, а желбите се најстрашни за заточеникот. Таа година читал книги со лесна содржина, романи со заплеткани љубовни интриги, криминални и фантастични раскази, комедии и сл.

Втората година, музиката замолкнала и правникот барал само класици. Во петтата година се слушнала музика и правникот побарал вино – и само јадел, пиел, лежел и ништо не читал. Шестата година почнал да учи јазици, филозофија и историја, а следните 4 години нарачал околу шестотини книги. По десеттата година тој само седел на масата и го читал Евангелието, а потоа историја на религијата и теологија. Последните две години читал многу без некој ред – и научни книги, и романи и филозофија – „како да плива во море меѓу делови од разбиен брод, и сакајќи да си го спаси животот грчевито се фаќа ту за едно ту за друго парче“.

Во меѓувреме банкарот загубил дел од богатството, и не му било сеедно да даде 2 милиона за облогот, така тој целосно би осиромашил. Затоа решил да го убие својот заточеник. Ноќта пред истекот на петнаесетгодишниот рок, тој влегол во куќата кај правникот и го видел сосема изменет – слаб, со долга коса и брада, како спие седнат на масата. Пред да ја изврши намерата да го убие, банкарот забележал писмо во кое правникот се откажува од двата милиона и каде го искажува својот презир кон она што се нарекува „земско благо“ – слободата, животот, здравјето. Во книгите што ги прочитал – доживеал сѐ – и прошетки, и лов, и љубов, и сонцето, и планините, реките, езерата, морињата, облаците, молњите, градовите; правел чудесии, убивал, палел градови, заземал царства. Од книгите ја исцрпил целокупната човекова мудрост – и на крајот презрел сѐ! И светските блага и мудроста, зашто сфатил дека сѐ е лажно, ништожно, минливо. Дека смртта ќе збрише сѐ, бесмртноста на гениите ќе биде збришана, сотрена, изгорена заедно со земјината топка.

И, навистина, утрото станува и заминува пред истекот на петнаесетгодишниот рок, а банкарот се почувствувал попоразено од сите порази што ги доживеал во животот.

Scroll to Top