Франц Кафка

Франц Кафка - Процес

Франц Кафка (1883 – 1924) се смета за еден од најголемите и најзначајните писатели на дваесеттиот век. Во неговите дела се спојуваат елементи од реалното и фантазијата, а неговите протагонисти се осамени и изолирани ликови кои се наоѓаат во бизарни и надреални ситуации, опфатени од социјално-бирократските сили, соочени со отуѓувањето,  вината, егзистенцијата и апсурдот. „Кафкијански“ е терминот под кој се подразбира специфичноста на неговото творештво и ликовите што ги создал. Најголемиот дел од неговите дела се објавени постхумно зашто сметал дека не се доволно вредни. Неговото уникатно дело продолжува да ги предизвикува критичарите, а обидите за негова класификација завршуваат без успех. Тој се смета за дел од модернизмот – претставник на експресионизмот, на егзистенцијализмот, предвесник на постмодерната.

Кафка е роден во Прага во средноимотно еврејско семејство, семејство на германски говорители. Тогаш Прага била главен град на Кралството Бохемија, дел од Австро-Унгарија. Имал двајца браќа, кои умреле уште кога биле деца, и три сестри. Иако мајчиниот јазик му бил германскиот, Кафка го зборувал и чешкиот зашто татко му како чешки Евреин сметал дека синот треба да ги знае двата јазика одлично.

Во Прага го завршил своето образование станувајќи доктор по правни науки. Се вработил во осигурителна компанија, и тогаш почнал да пишува. Работата ја сметал за потреба да се преживее, а негова страст станала литературата жалејќи што нема доволно време за целосно да ѝ се посвети.

Во текот на својот живот, Кафка напишал стотици писма до семејството и блиските пријатели, меѓу кои и неговиот татко, со кој имал заладена и формална врска. Врската со неговиот доминантен татко е честа тема во она што го пишува.

Во 1917 година се разболува од туберколоза и неговото семејство му помага во опоравувањето.

Во 1923 набрзина се сели во Берлин обидувајќи се да се оддалечи од влијанието на семејството и да се фокусира на пишувањето.

Кафка страдал од клиничка депресија и социјална анксиозност целиот свој живот. Страдал од мигрена, несоница, цревни заболувања, напади на бес и други оболувања создадени од прекумерен стрес и напор. Се обидувал да ги контролира овие заболувања преку природни методи држејќи вегетеријанска диета.

Наспроти неговиот страв од тоа да не стане физички и ментално антипатичен, луѓето биле импресионирани од она што го прави, од неговиот момчешки, чист и асктески надворешен изглед, од неговата интелигенција и чудната смисла за хумор.

Туберколозата му се влошила и тој се вратил во Прага за да се смести во еден санаториум во близина на Виена со надеж дека ќе се излечи. Таму умира на 3 јуни 1924 година.

За време на својот живот Кафка објавил само неколку раскази, само мал дел од неговото творештво и поради тоа не привлекол значајно внимание. Пред да почине го заветил својот пријател Макс Брод да ги уништи сите негови ракописи:

„Драги Макс, мојата последна молба: сѐ што ќе се најде во мојата заоставштина (…) – дневници, ракописи писма, туѓи и мои, прибелешки и така натаму, изгори го сето без остаток непрочитано, а исто така и сите ракописи и прибелешки што ги имаш ти или други што од мое име ќе ги помолиш за ова. Писмата што не ќе сакаат да ги предадат, барем нека се задолжат дека сами ќе ги изгорат.“
Но и покрај ваквата молба, последна желба на авторот, неговиот пријател сепак одлучил да не го послуша и да не му ја исполни. Изговор нашол во тоа дека и претходните ракописи Кафка сакал да ги уништи, но под силно влијание на пријателот и со многу убедување, сепак биле испечатени.

Кафка ги напишал романите „Процес“, „Замок“ и „Америка“, збирката кратки раскази „Градењето на кинескиот ѕид“ и расказите „Метаморфози“.

Животот е процес – долг судски процес во кој сите ние сме осудени на смрт. Кафка, преку алегорична слика на судски процес, ни ја претставува бесмислата на живеењето, апсурдноста на секојдневието, изгубеноста на човекот во современото општество. Ако Мерсо во „Странецот“ сам си е виновен што не пронаоѓа смисла, ако Владимир и Естрагон се осудуваат на вечно чекање на Годо, овде, Јозеф К. ништо не може да промени, со ништо не може да повлијае – сѐ е крајно и конечно: смртта доаѓа.