Писмена работа за „Пиреј“

Истрајноста на македонскиот народ прикажана во романот Пиреј од Петре М. Андреевски

Македонец сум, во Македонија, дел од македонскиот народ и нашата мачна македонска историја и сегашност. Кога ќе ги повторам зборовиве, сè ме потсеќа на мака, мака и само мака. Затоа ли е Македонија? Зашто е созданена со маки, зашто истрајала во маки, зашто со мака опстојала и со маки опстојува?

Петре М. Андреевски вели дека нашето племе е пиреј, дека сме како тревата што не може да се уништи, колку и да нè корнат, скубат, газат, ништат, омаловажуваат – ние живееме и опстојуваме, ние истрајуваме и истрпуваме сè.

Романот „Пиреј“ е голем, велик колку Велика – која истрпува и истрајува, која опстојува во нечовечки услови, која во време на војна со сите сили се обидува да ги израсне своите деца, својот род, но не успева. Како лисја наесен, едно по едно паѓаат и сите пет ѝ умираат. Залудни се нејзините напори, залудна е мајчинската љубов. Спас од болестите, од сиромаштијата и гладот таа не може да најде. Маките што ги преживува, мајчинската тага што ја доживува, сепак не успеваат да ја скршат. Таа, како пирејот и натаму живее и има надеж. Се надева дека кога ќе се врати нејзиниот маж Јон од војна ќе можат заедно да продолжат, да се утешат, да преживеат. Но, колку што е страшна смртта на нејзините пет деца, уште пострашен е односот на нејзиниот маж по враќањето. Да, го разбираме и него – тој не знаел што се случува дома, бил војник, му давале храна секој ден, се соочувал со куршумот, преживеал тешки времиња, и кога се вратил преживеал страшен шок – сите пет деца му умреле. Од неможноста толку наеднаш да се прифати реалноста – нему во моментот му побелела косата. Страшно! Но, уште пострашно е што целата вина ја префрла на Велика, и наместо да биде нејзина утеха – тој станува нејзин деспот. Ја малтретира, ја омаловажува пред сите, и наместо да биде нејзина потпора тој ѝ станува најголем непријател. Ама Велика не би била толку ВЕЛИКА да не го истрпи и тоа. Останува бремена и го раѓа своето шесто дете, Роден, дента кога Јон умира. А Роден – тој ја претставува надежта и иднината. Тој е новото ливче на пирејот што никнува. Тој го претставува Великиниот непокор, нејзината издржливост и истранојста на целиот македонски народ.

И колку и да е мачно да бидам Македонец, јас сум Македонец и се гордеам со тоа. Се гордеам со нашата историја, со нашето опстојување во сите времиња и невремиња. И сигурен сум дека и натаму ќе опстоиме!