Пишување на А

При пишувањето на самогласката А најчесто се колебаме кај неколку примери. Кај нив се дозволени двете варијанти:

тенок – тенка, освен вака може да го напишеме (и изговориме) танок – танка;

ветер – ветерот, може и: ветар – ветрот;

огин – огинот, може и: оган – огнот.

Исто така, множината од зајак е зајаци (не: зајци), а деминутивната форма е зајаче (не: зајче).

 

Правила за пишување на А

 

1. Според правописот, самогласката а се пишува во оние зборови што во некои наши говори се изговараат со темни вокали о или у, на пример: маж, рака (не: мож, муж; рока, рука). Со а се изговараат и се пишуваат и:

внатре, газер, гасеница, гнаса, гради, гулаб, даб, длабок, длабочина, драг, желад, заб, забец, каде, некаде, секаде, кадела, кадрав, какол, се капе, капина, каса, касај, кат, катник, лаг, лака, лачи, мадро, матен, мати, обрач, падар, падарница, пади, папок, патец, подрачје, понада, прат, ракав, рачка, нарача, порача, порачка, раб, раби, пораби, сабота, сад, сажен, скап, скапија, смади, стапалка, стапи, страга, страк, тага, тажи, тап, татни, татон, траба (платно), трад;

еднаш, саноќ;

јаглен, јагленар, јагорец, јадица, јагула, јадар, јадро, јазик, јанѕа, јатрва, јачмен, јачи (јачат планините), но и: ечи (ечи песната) и редовно екот.

Исто така и: зајак – зајаци (не: зајци), зајаче, пајак – пајаци, пајажина, јаже, јажица, јазол, јаток, јатор;

бадник, лага, лаже, лажица, магла, маска, снаа, снага, танок – танка, но и: тенок – тенка.

2. Со а се изговараат и пишуваат и следните зборови:

јабанџија, јагне, јаганца, јајце, јаловица, јаготка, јаре, јарем, јасен, јасно, пријател, појас;

обичај, случај;

кочан, началник, печали, чаша;

кошара, грклан, челад;

грамада (не: грмада), страна, но: трпеза, трпезарија, трпезариски (не: трапеза); трпезен;

амбар, вампир, забан (не: забун), замба, одамна, одамнешен.

3. Во нашите дијалекти различно се изговараат придавките на – ар: итар, итор, итер. Во литературниот јазик се употребува формата со -ар. Се пишува: бистар, бодар, добар, итар, јадар, модар, мудар, остар, храбар.

Исто така со -ар се пишуваат и именките: Дебар, вепар.

Именката ветар – ветрот се употребува и во формата ветер – ветерот.

На -ар завршуваат и некои туѓи зборови: театар, амфитеатар, бакар, метар, километар, имињата Александар, Петар; но: министер, магистер (во множина: министри, магистри).

4. Зборот оган – огнот, мн. огнови се употребува и во формата огин – огинот (не: огон).

5. Со а се пишуваат зборовите од турско потекло: кана, касмет, каздиса, саклет; јавашлак, каршилак, чорбаџилак и др.

 

Вежба

 

Поправи ги грешките во следниот текст:

По снежната патека се движеше грмаден човек со уловени зајци во рацете. Јачеа планините од ветарот што почна силно да дува. Човекот влезе во куќарката, го запали оганот и стави едно зајче да се пече. Извлече танка цигара од табакерата и со остер поглед помина врз трапезата барајќи го кибритот.

Имаше к’смет што невремето не го фати додека беше на лов, па сега можеше да ужива во тутнежот на огинот.

 

Кликни да го видиш точниот одговор

По снежната патека се движеше ГРАМАДЕН човек со уловени ЗАЈАЦИ во рацете. Јачеа планините од ВЕТРОТ, ВЕТЕРОТ што почна силно да дува. Човекот влезе во куќарката, го запали ОГНОТ, ОГИНОТ и стави едно ЗАЈАЧЕ да се пече. Извлече танка цигара од табакерата и со ОСТАР поглед помина врз ТРПЕЗАТА барајќи го кибритот.

Имаше КАСМЕТ што невремето не го фати додека беше на лов, па сега можеше да ужива во ТАТНЕЖОТ на огинот.