Пишување на слоготворното Р и групата ОЛ

Најчести грешки при пишувањето на слоготворното Р се прават во врска со употребата на апострофот (‘):

– апостроф се пишува на почетокот од зборот: ‘рти, ‘ржи;

– апостроф се пишува по префикс што завршува на самогласка: за’рти, за’ржи;

– апостроф не се пишува по префикс што завршува на согласка: изрти, сржи.

Во минатото два гласа вршеле слоготворна функција во зборовите: Р и Л. Денес, гласот Р сѐ уште ја има задржано таа улога, додека слоготворното Л најчесто преминало во групата ОЛ, а поретко во О или У.

Правила за пишување на слоготворното Р

а) Гласот Р врши служба на самогласка кога се наоѓа меѓу две согласки и во почетокот на зборот ако зад него доаѓа согласка:

дрво, грло, жртва, жртвува, јатрва, крв, прст, прстен, срце, срп, црква и др.

б) Самогласното Р во почетокот на зборот се означува со знакот ’ (апостроф): ’рбет, ’рбетник, ’рѓа, ’рѓосан, ’рж, ’ржан, ’ржи, ’рскавица, ’рт, ’рти, ’рчи.

Кога овие зборови влегуваат во состав со префикс (претставка) се пишува знакот ’ ако префиксот завршува на самогласка:

за’рѓа, за’ржи, за’рска;

но, ако префиксот завршува со согласка, тогаш не се пишува знакот ’:

сржи, срска, срти, изрти.

Правила за пишување на групата ОЛ

Зборовите како волк, волна и др. во нашите говори се изговараат различно (на пр.: вук, в’лк, в’к), но во литературниот јазик се употребуваат формите со ОЛ. Овде станува збор за зборови што во минатото содржеле слоготворно Л:

болва, волк, волна, голта, долг, должина, жолт, жолчка, јаболко, колбас, колк, колка, исколчи, колне, молкум, молкне, молња, молчи, олца, полжав, полк, полковник, полн, столб, столбец, толче и толчи, толчник.

2. Со О се изговара зборот сонце и неговите изведенки: сонча, сончев, сончаница, сончоглед;

а со У: Бугарин, Бугарија, чун, чунче

Вежба

Поправи ги грешките во следниот текст:

Врз р’ѓосаната клупа беше легнат в’лк кој ‘рчеше во длабок сон, греејќи се на сл’нчевите зраци. М’лкум му се приближи човекот кој му носеше сварени р’скавици од месарницата. Се плашеше од неговото ржење и затоа ги остави врз ниската ж’лта масичка подалеку од в’лкот. Сепак, не успеа да биде доволно тивок. В’лкот ги отвори своите успани очи и му заржи. Од страв, човекот се вц’рви во лицето и едвај се зад’ржа да не падне бегајќи кон месарницата.

Кликни да го видиш точниот одговор

Врз ‘РЃОСАНАТА клупа беше легнат ВОЛК кој ‘рчеше во длабок сон, греејќи се на СОНЧЕВИТЕ зраци. МОЛКУМ му се приближи човекот кој му носеше сварени ‘РСКАВИЦИ од месарницата. Се плашеше од неговото ‘РЖЕЊЕ и затоа ги остави врз ниската ЖОЛТА масичка подалеку од ВОЛКОТ. Сепак, не успеа да биде доволно тивок. ВОЛКОТ ги отвори своите успани очи и му ЗА’РЖИ. Од страв, човекот се ВЦРВИ во лицето и едвај се ЗАДРЖА да не падне бегајќи кон месарницата.