Албер Ками

Албер Ками (1913 – 1960) е роден во Мондови, мало место во Алжир, во сиромашно земјоделско семејство. Поради немаштијата бил принуден да работи и да се школува.
Ками завршил студии по филозофија, а потоа работел како новинар во Алжир и во Париз. Во 1942 година се приклучува во движењето на отпорот кога ги пишува своите Писма до еден германски пријател“, во кои го критикува фашизмот.  Ја добива Нобеловата награда за литература 1957 година.
Загинува во сообраќајна несреќа, 1960 година.
Тој е автор на романите: „ Странецот “ и Чума“, за појаснување на „ Странецот “ го напишал есејот: Митот за Сизиф“, а за Чума“: Револтираниот човек“; театарските пиеси: Калигула“, Недоразбирање“, Опасна состојба“ и Праведници“.
Карактеристики на Странецот од Ками

 

Романот „ Странецот “ го сочинуваат два дела во кои е прикажано современото отуѓување на човекот од општеството. Тој е полифоничен роман во кој се дава перспективата на општествената стварност и стварноста на поединецот.

Темата во романот е бесмислениот живот на Мерсо и судењето за уште побесмисленото убиство што го извршува.

Идејата е дека треба да ја пронајдеме смислата на живеење бидејќи секој живот има смисла.

Романот е напишан на многу едноставен, дури новинарско-фактографски стил кој остава силен впечаток врз читателот. Во прво лице еднина (јас), главниот јунак ни ги соопштува секојдневните настани гледани од негов агол, со што Ками успеал многу сугестивно да ни ја долови неговата психа, па одбивноста и одвратноста што на почетокот можеби ќе ја почувствуваме, постепено прераснува во сочувство и сожалување.
Уште на почетокот на романот остануваме зачудени од бесчувствителноста и незаинтересираноста на главниот лик — Мерсо.
Романот започнува со:
            Денеска умре мама. Или можеби вчера, не знам.
Во продолжение дознаваме дека мајка му била во дом за старци, а тој добил телеграма, па затоа не знае кога точно умрела.
Првиот дел на романот е опис на животот на Мерсо, неговото секојдневие, неговата незаинтересираност и бесчувствителен однос кон нештата.
Вториот дел, пак, е приказ на судскиот процес во кој општеството му суди на Мерсо, не толку за убиството што го извршил, колку за овој негов однос.