Глаголот СУМ

Употреба на глаголот сум

Глаголот сум има три функции во македонскиот јазик.

Тој се употребува при градбата на сложените глаголски форми, може да биде дел на именскиот прирок (глагол врска) и може да се употреби самостојно.

На пример:

  1. Ја сум учел германски. Јас бев учел германски.
  2. Ти си ученик. Ти беше ученик.
  3. Тој е дома. Тој беше дома.

Во првиот пример, сум е употребено како помошен глагол, образувајќи ги формите на минато неопределено и предминато време.

Во вториот пример, претставува глагол врска и е во функција на именски прирок (си ученик, беше ученик).

Во третиот пример, тој е самостоен глагол со значење, бидување, наоѓање, престојување.

 

Форми на глаголот сум

 

Глаголот сум е несвршен, но ја има и свршената форма: биде.

 

Сегашно време

 

еднина

1л. сум

2л. си

3л. е

множина

1л. сме

2л. сте

3л. се

Свршените глаголи не образуваат сегашно време, но формите од сегашно време ги употребуваме при градење на идно време и во да-конструкции.

еднина

1л. бидам

2л. бидеш

3л. биде

множина

1л. бидеме

2л. бидете

3л. бидат

 

Минато определено време

еднина

1л. бев

2. беше

3л. беше

множина

1л. бевме

2л. бевте

3л. беа

 

Глаголска л-форма

 

еднина: бил, била, било;

множжина: биле

 

Глаголски прилог

 

бидејќи

 

Заповеден начин

 

еднина 2л. биди

множина 2л. бидете

 

Можен начин

 

Честичката би, за формирање можен начин потекнува од аористната (минато определено свршено време) форма на глаголот сум.

Во таква употреба сум го среќаваме во некои застарени изрази како: Би што би. Не би час.

Но, денес, честичката би е сосема изолирана од таквото значење, па современата форма за можен начин е:

еднина: би бил, би била, би било;

множина: би биле.

 

Значењата на глаголот сум

Кога се употребува како самостоен глагол (не во сложени глаголски форми и именски прирок), сум ги има следните значења:

  • битисува, се именува, се нарекува: Јас сум Петре. Ти си Марија.
  • го има, престојува, се наоѓа: Книгата е во фиоката. Вие сте од Битола. Тој беше во Германија.
  • поседува, има нешто: Петре е со две куќи на Водно. Тој е со два сина. Таа е братучетка на Марија.
  • личи на некого, наликува: Таа е како мајка ù.
  • формата биде (ќе биде, да биде) има значење на: се случува, станува, има. На пример: Сè ќе биде добро. Важно е да биде здрав, другото само ќе си дојде. Ова ќе биде луда забава. Синко, биди умен.