Глаголски вид

Глаголски вид е граматичка категорија на глаголите.

Со глаголите се искажува дејство кое може да трае подолго или да заврши во истиот миг. Во зависност од ова разликуваме свршени и несвршени глаголи.

 

Несвршени глаголи

 

Несвршените глаголи означуваат дејство кое трае, кое се одвива, кое не е завршено.

Разликуваме:

а) трајни глаголи чие глаголско дејство трае без прекинување (не се знае почетниот ни завршниот момент).

На пр.: чита, пее, плива

Тој спие по цел ден.

Глаголот спие означува дејство кое трае.

 

б) повторливи глаголи што означуваат неограничена низа од повеќе свршени дејства што се вршат едно по друго.

На пр.: прелистува, превртува, прескокнува

Ја прелистуваше книгата и не можеше да го најде пасусот што му требаше.

Глаголот прелистува(ше) означува дејство што се повторува и не е завршено.

 

Свршени глаголи

 

Свршените глаголи означуваат дејство кое го сфаќаме како целосно завршено.

Тоа дејство може да се извршило во:

а) еден момент : тропне, чукне, пукне.

На пример: Некој чукна на вратата.

Дејството изразено со глаголот чукне означува свшено дејство во истиот момент.

а може да означува и:

б) почеток на дејство : заигра, појде.

На пример: Појде кон вратата.

Дејството изразено со глаголот појде веќе завршило, тој се движи кон вратата и можеби веќе пристигнал. Го означува почетокот на дејството.

в) крај на дејство : прочита, доплива.

На пример: Тој ја прочита книгата.

Дејството означено со глаголот прочита сосема завршило. Тој завршил со читањето на книгата.

г) дел од дејство : поседи, поработи.

На пример: Поседе пет минути и веднаш се фати со работа.

Глаголот поседи означува дејство штоо траело кратко и брзо завршило.

 

  • Ако не сте сигурни дали глаголот е несвршен или свршен, тоа може да си го проверите ставајќи го во 3л. еднина минато определено време. Несвршеното време во 3л. има наставка -ше, а во свшреното нема наставка. На пр. тој читаше и тој прочита. Чита е несвршен глагол, бидејќи во 3л. еднина минато определено време има наставка -ше, а прочита е свршен, бидејќи нема наставка.