„Декамерон“ од Бокачо

„Декамерон“ претставува заокружена збирка раскази кое авторот го постигнал со воведниот дел, односно „Уводната новела“. Во неа Бокачо го прикажува својот концепт на збирката.

Имено, за време на големата чума во Фиренца, група млади луѓе (7 жени и 3 мажи) се засолнуваат во една куќа (се повлекуваат во карантин) и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена, сите десетмина, секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема (10 X 10 = 100).

Затоа збирката „Декамерон“ содржи 100 новели.

Според темите тие се поделени на:
1 ден – нема одредена тема – кралица е Пампинеа
2 ден – неприлика со среќен крај – кралица е Филомена
3 ден – за двомислени луѓе – кралица е Немфиле
4 ден – за несреќната љубов – крал е Филострат
5 ден – за среќната љубов – кралица е Фијамета
6 ден – за оние кои биле итри и досетнно се спасиле – кралица е Елиза
7 ден – за жените кои го изневериле мажот – крал е Дионес
8 ден – исмејувањата на мажите од жените и обратно – кралица е Лаурета
9 ден – слободна тема – кралица е Емелија
10 ден – за правилните постапки – крал е Помфил

Во „Декамерон“ се прикажани многу настани, ликови и случки. Освен според деновите, како што ја направил поделбата самиот Бокачо, новелите може да ги поделиме во неколку групи.

 

 

Прва група – куси новели со остромни изреки

 

Такви се, на пример, новелите: „Итрината на Кикибио“, „Форезе и Џото“, „Франческа и огледалото“ и др.

Во „Итрината на Кикибио“, слугата Кикибио итро се снаоѓа кога неговиот господар ја бара ногата од жеравот што бил приготвен за вечера, а кој претходно го изела жената на Кикибио. За да ја докаже својата невиност, утредента Кикибио и неговиот господар отишле да ги видат живите жерави и да се убедат дали имаат една или две нозе. И навистина, додека спиеле жеравите стоеле на една нога, и Кикибио го имал својот доказ. Но, тогаш, неговиот господар извикал „хо, хо“ и ги разбудил и растерал жеравите кои ја испружиле и другата нога. Збунетиот, и фатен во „небрано“ Кикибио, веднаш се снашол и рекол дека господарот синоќа не викнал „хо, хо“!, па затоа жеравот од трпезата не ја покажал својата друга нога.

 

Втора група – новели со големи добродетелства

 

Тука спаѓаат новелите: „Маркизот од Салуцо“, „Приказна за соколот“ и др.

Во новелата „Маркизот од Салуцо“, издржливоста, покорноста и достоинството на сиромашната селанка Гризелда која ја зема за жена маркизот од Салуцо не може да се спореди со карактеристиките на ниедна благородничка. Неговото изживување и искушување ја превршува секоја мерка (и ги одзема децата, кои божем ги убива; по многу години ја брка од куќата велејќи и дека ќе се жени за друга), но таа достоинствено истрпува сè. На крајот таа ја добива наградата – љубовта и почитувањето од својот маж и од сите луѓе.

Во „Приказната за соколот“ , исто така, љубовта и достоинството го креваат главниот лик до совршенство. Неговата жртва за љубовта доведува на крајот до остварување на таа љубов, токму поради неговите добродетелства.

 

Трета група – љубовно-еротски новели

 

Во оваа група спаѓаат „Босилокот на Изабета“, „Славејчето“ и други.

Љубовта што ја чувствувала и ја остварила Изабета е многу овоземна. Таа го сака и остварува физичка љубов со слугата Лоренцо, но, за жал, таа завршува трагично, поради моралните норми кои ги поставиле општеството и нејзините браќа. Како и да е, таа останува верна на единствената љубов во нејзиниот живот, без разлика што бил од друг сталеж.

Исто така, Катарина и Ричардо од новелата „Славејчето“ ја остваруваат својата љубов. Многу суптилно еротски Бокачо прави компарација со „славејчето“ и еротската љубов што ја чувствуваат двајцата млади.

Рушењето на бариерите во однос на класата на која ù припаѓале е многу присутна во новелите на Бокачо. Селаните можат да бидат со благороден карактер и поради тоа да бидат еднакви со богатите. Таа граница која во средновековието била непробојна, кај Бокачо веќе се руши. Според него, човекот е човек, без разлика на кој сталеж му припаѓа.

 

Четврта група – критика на ниските човекови нагони

 

Во оваа група раскази од „Декамерон“ спаѓаат новелите во кои Бокачо ги критикува ниските човекови нагони, а особено ги разобличува свештениците. Ја опишува нивната алчност, нечесност, злоупотребата на религиозноста и суеверието на неукиот народ за своја полза.

Таков е, на пример, фра Чиполо кому Бокачо му ја разоткрива лажната светост и лицемерието. (Сличен пример ќе видиме подоцна кај Молиер и „Тартиф“). Бокачо им се потсмева на свештениците кои едно зборуваат, а друго прават, кои проповедаат воздржаност од физичка љубов, а самите се развратни.

Иако „Декамерон“ има забавен карактер, сепак, во него Бокачо реално го претставил италијанското предренесансно општество во 14 век.