Епски народни песни

Основен мотив во нашите епски песни е љубовта кон татковината и величање на јунаштината на историски познати и непознати личности. Идеализацијата на јунакот е главната цел во песните.

Нашите епски песни се одликуваат со богата идејна содржина.

Жанровски разликуваме:
– неисториски (со митолошки, религиозно-легендарни мотиви) епски песни;
– историски (јуначки, ајдутски, револуционерни, партизански) епски песни.

 

Јуначки епски песни

Јуначкиот епос почнал да се развива кон крајот на четиринаесеттиот век во времето на потпаѓањето на нашиот народ под турско ропство. Немајќи друг начин за одбрана се јавува народниот пејач, кој го идеализира нашиот јунак давајќи му божествена сила, а исмевајќи го и омаловажувајќи го непријателот.

Централен лик во нашиот епос е Марко Крале, но се јавуваат и други јунаци: Момчило војвода, Болен Дојчин, Јанкула војвода, Секула Детенце итн.

 

Карактеристики на јуначките епски песни

1. Јуначкиот епос се карактеризира со епска нарација – раскажување со свечен ритмички говор и епска широчина. Јунакот се опева во трето лице, тој е детално опишан, а исто така и настанот што се случува.
Епската широчина се постигнува со епските повторувања (повторување на слични или исти стихови). Повторувањата на идентични стихови се нарекуваат епски ретардации. Нивната функција е да го забават или продолжат ритамот на епското дејство.

2. Композицијата на јуначкиот епос е шематизирана – почетокот на песната е обраќање кон слушателите да чујат за настанот и јунакот за кој ќе се раскажува, а потоа следува типизирано епско дејство – дуелот или подвигот на јунакот.

3. Во овие песни се користат силни поетски средства: хиперболи, споредби, контрасти, алегорија, словенска антитеза итн. Стихот е најчесто десетерец со цезура (пауза) по четвртиот слог – јуначки десетерец.

4. Епски протагонисти и антагонисти.
Протагонистите се нашите јунаци, а антагонистите се нивните противници. Главни протагонисти во македонските јуначки песни се: Марко Крале, Момчило Војвода и Болен Дојчин. (првите двајца се историски личности, но Болен Дојчин е поетска конструкција). Антагонистите се типизирани како: Црна Арапина, Жолта Чифутина, Турци – јаничари.

5. Јуначки атрибути – во нашата јуначка песна тоа се коњот и оружјето на јунакот.

 

Крале Марко во македонските епски песни

Централен лик во македонските јуначки песни е Марко Крале.

Според историските податоци тој е роден 1335 година, а по смртта на татко му, кралот Воклашин, тој продолжил да владее со Западна Македонија. Негова престолнина бил градот Прилеп. Имал двајца браќа – Андреја и Димитрија и една сестра – Милица. Се оженил за ќерката на Радослав Хлапен, Елена, но подоцна ја напуштил поради нејзиниот неморал. Како турски вазал учествувал во битката против влашкиот војвода Мирче и борејќи се од страна на султанот Бајазит, загинал кај Ровина, близу Крајова 1394 година.

Само од овие толку обични детали од животот на Марко народниот пејач направил неповторлив јунак. Зошто? – со сигурност не се знае, но се претпоставува дека е заради неговиот заштитнички однос кон населението и заради неговата физиономија.

 

Поетската биографија на Марко Крале е сочинета од:

– мотивот за чудесното раѓање на јунакот (кога наречниците му прорекуваат дека ќе му ги скрши коските на татка си Волкашин);

– мотивот за здобивањето на чудесната сила (во песните тој е змејски син или е задоен од самовили);

– одбирањето на неговиот верен придружник – коњот Шарец (Шарко) кој има чудесни својства: лета, зборува, го советува;

– јуначките подвизи и двобои, и

– губењето на силата на јунакот – во песните и преданијата Марко ја губи силата поради дрскоста што го повикал Господ на мегдан (се почувствувал рамен на Господа). Затоа е казнет со одземање на силата.

Подеднакво внимание, народниот пејач му посветува и на антагонистот – Црна Арапина. Тој е типизиран лик кој се јавува во двобоите со сите наши јунаци (Марко Крале, Момчило Војвода, Болен Дојчин). Тој го претставува злото, па затоа епитетот црн сраснал со неговото име. Во описите е хиперболизиран (во негативна конотација) и всушност претставува олицетворение на Османлиите – арачлии кои собирале големи даноци од сиромашниот македонски народ.

 

Марко Крале ја одменува свадбарината

Марко Крале ја одменува свадбарината

Едно утро Марко ми подранил
из Прилепа Марко из Варошот,
да прошета Косовска наија;
уште први петли не пејале,
тој се фрли Шарцу на рамена
и ми тргна по бели друмови;
по среде ноќ низ Скопје помина;
дури петли први пропеале,
тој помина Качански клисури;
дури зора утро зазорила,
тој натури Косовска наија;
дури сонце утро да изгрее,
тој ми влезе во Косовско поле!

Ништо Марко среќа не го срети,
саде сретна Косовска девојка.
Марко нејзе вели: – Добро утро,
добро утро Косовко вдовице!
А таа нему одговори:
– Јас не сум ти Косовска вдовица,
тук сум си Косовска девојка.
Тога рече Марко Кралевиќе
– Ај ти тебе, Косовке девојке,
ќе те прашам, право да ми кажеш:
што ти тебе коси побелеле,
бело лико ти се расипало?
Али жалиш од рода твоего?
Што не си се млада омажила?

Тога рече Косовка девојка:
– Ја не жалам од рода моего,
туку има триесет години,
как, ми дошол црна Арапина,
од цара ми свадбина прекупил:
кој ќе јунак млади се ожени,
нему сака триесет и три минца,
а девојка која ќе се мажи,
нејзе сакат триесет минцови.
Мии браќа ми се сиромаси,
ми немаат азно да му дадат,
затоа ми коси побелеле,
бело лико ми се расипало!

Тога бара Марко во пазува,
ми извади триесет минцови,
и и даде Косовке девојке.
Тога рече Марко Кралевиќе:
– Да си сакаш момче спроти тебе,
да си сакаш, да си се омажиш
и на Арап свадбина да платиш.
Ќе те прашам Косовке девојке,
ќе те прашам, право да ми кажеш,
жити рода и твојта крвина,
жити вера наша православна,
жити име Христос Исусово,
немој мене ти да ме излажеш:
Каде му се кули Арапови?

Одговори Косовка девојка:
– Кули му се сами познаваат;
под Косово в зелени ливаѓе.
Тамо има белана чадора,
на чадорот од злато јаболко,
тоа свети како јасно сонце,
од далеку сами се познават.
Тога стегна Марко Кралевиќе,
тога стегна своја брза коња.
Го догледа стража Арапова,
го догледа уште оддалеку,
му говори црну Арапину:

– Арапине наши господине,
по друм иде страшна делија,
и страшно ми коња налутило,
од нозе му оган искри летат,
од уста ми бели пени паѓат,
од носот му сини пламни бијат,
од очи му секавици пуштат
и најстрашно ми се променило:
на плеќи му кожув од мечиште,
на глава му калпак од волчиште
и во уста нешто црно носи
како јагне половингодишно.

Тогаш рече црна Арапина:
– Ај ви вамо стражари
вие него убаво пречекајте
и оружје од појас земите,
пратите го при мене да дојде;
тоа ми е младо неженато
тоа иде свадбина да плати,
ќе ми даде азно небројано.
Уште Арап лафот не дорече,
ми приближи Марко Кралевиќе.
Кога Марко стржари приближи,
а стражари сите избегаа,
кој по поле, кои по планина.

Право трга Арапу на чадор.
Марку нему вели: – Добро утро,
добро утро наши господине,
господине, Арап од прек, море!
Кажи мене што е свадбарина
да ти платам царска свадбарина,
оти после патов ќе си гледам,
зер сватови на пат ме чекаат.

Тога рече црна Арапина:
– Ај ти тебе, незнајна делијо,
дали уште не си се научил?
Еве има триесет години,
каде седам во рамно Косово:
кој ќе јунак млади се ожени,
нему зимам триесет и три минца,
а девојка која ќе се мажи,
нејзе зимам триесет минцови;
како тебе најголем јунака,
и шеесет пак не ти се многу!

Тога бара Марко во пазуви,
ми извади саде три минцови;
– На ти тебе, наши господине,
на ти тебе, саде три минцови:
верувај ме друго азно немам.
Ко ќе појдам п,убава невеста ,
што ќе мене дарој ме дарува,
си дарој тебе ќе подарам.

Тога рече црна Арапина:
-Ал ме лажиш, ал вистина велиш,
ал со мене шега ќе си биеш?
И ми зеде тешка топузина,
ми го удри три-четири пати.
Тога рече Марко Кралевиќе:
– Бог те убил црна Арапино!
Ал се смееш, ал вистина маваш,
ал од кожув правот ми го тресеш?
Почекај ме и јас да те удрам,
ти ќе видиш јунак како мава.

Пак извади Марко Кралевиќе,
ми извади своја топузина.
Кога Марко на Арапин мавна,
фала богу чудо и големо!
Снагата му во земи пропадна,
а глава му на страна побегна.

Пак се пушти по триесет стражари,
двајсет седум сите ги истепа,
а тројца саде ми остави,
да ми личат три млади телали,
да ми личат низ рамно Косово:
– Каде има јунак за женење,
да си сака мома спроти него,
да си сака да си се ожени!
Каде има мома за мажење,
да си сака момче спроти неа,
да си сака да си се омажи!
Заплатила Маркова десница,
заплатила сета свадбарина.

 

Крале Марко во оваа песна е праведникот кој е на страната на сиромашното население што не може да го плати големиот данок за свадбарина. Тој не се помирува со лошата судбина на луѓето и не може да дозволи тие цел живот да страдаат заради алчноста на Арапинот. Тој не е лично засегнат, но болката на другите не го остава рамнодушен.

Ликот на Марко е хиперболизиран. Кога се приближува до шаторот на црната Арапина, неговите стражари се престрашуваат од појавата на коњ, од кого летаат искри и секавици, облечен во кожув од мечка, на главата со калпак од волк и со големи мустаќи кои изгледаат како полугодишно јагне.

Во дуелот со црна Арапина тој е надмоќен и со цинизам забележува: Ал се смееш, ал вистина маваш,/ ал од кожув правот ми го тресеш? А потоа со леснотија го убива пресекувајќи му ја главата.
Дејството во песната е претставено преку дијалошка форма, а стиховите се десетерци, типични за нашиот јуначки епос.

 

Болен Дојчин во македонската епска песна

 

Голем јунак во нашата народна епска песна е и Болен Дојчин, мотив често обработуван и во современата литература (песни, драми). Дојчин не е историска личност (барем нема податоци за реалната личност), тој е измислен лик, плод на народната фантазија. Антагонистот е истиот – црна Арапина.

Дојчин, со своите тројца побратими во минатото имал многу јуначки потфати, но последните девет години тој е паднат болен. Него го чува и негува сестра му Ангелина (во некои варијанти на песната таа му е жена). Тој ја очекува смртта, но не може да умре додека не му се освети на црна Арапина, заради неговите страдања, но и заради страдањата на неговиот народ. Конечен повод да стане од смртната постела е недоличното однесување на Арапинот кој ја побарал сестра му за една вечер во неговиот шатор.

 

Но, тој нема да му се освети само нему туку и на побратимите кои ја искористиле неговата немоќ и кои исто така сакаат да ја имаат Ангелина за себе. Така, Дојчин налик на Дон Кихот, превиткан во триста лакти платно, со долга коса и брада, слаб и восочен во лицето, со непоткован коњ и ненаострена сабја, оди и го завршува својот подвиг – ги убива сите, а се враќа со наденатата глава на Арапинот на кол, по што легнува во својата постела и спокојно умира.

Во песната се карактеристични епските повторувања со што се постигнува епската широчина и се забавува дејството. Дијалогот и тука е присутен и тоа меѓу Дојчин и Ангелина. Ликовите се хиперболизирани – Арапинот со негативни својства, а Дојчин со позитивни. Стиховите се десетерци како што е вообичаено во ваквите епски песни.

Болен Дојчин

Болен Дојчин

Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред падна на млада Ангелина.
Ангелина Дојчинова сестра.
Ангелина Дојчинова сестра,
Дворје метит градум солзи ронит,
Со солзи ми дворје завадила.
Ја догледа брат је болен Дојчин:
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Што те тебе нужба дотерало,
Дворје метиш дробни солзи рониш?
Али ти се, сестро, здодеало,
Рамни дворје, сестро, меетејќи?
Мене болно, сестро, гледаејќи? –
Рани, болки, сестро, врзеејќи,
И понади мене готвеејќи?“
„Ајти тебе брате, Болен Дојчин!
Та не ми се мене здодеало,
Рамно дворје, брате, метеејќи,
Тебе болно, брате, гледаејќи,
Рани, болки тебе врзеејќи,
И понади тебе готвеејќи;
Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
И говорит брат је Болен Дојчин:
„Ајти тебе сестро Анеглино,
Ал тоа те тебе брига нашло?
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Ај отвори шарена ковчега,
Да изваиш триста лакти платно,
Триста лакти платно бамбакерно,
Да изврзиш рани од анџари;
И земи ми моја вита сабја;
Ево имат за девет години,
Сабја в рака не ми е фатена,
Не фатена, ни па наоточена,
Веќе ми е сабја ’рѓосана.
Да ја носиш Умер калакчија,
Калакчија, мила побратима,
Да наточит моја вита сабја,
Да наточит сабја вересија,
Ако станам скапо ќе му платам,
Ак’ не станам, алал да ми чинит.“
Па ми стана млада Ангелина,
И ми зеде сабја ’рѓосана,
Ми отиде дури у Умера:
„Ајти тебе Умер калакчија,
Так ти Бога, ја ќе ти се мола!
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит за девет години,
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Сабја в рака не му е фатена,
Не фатена, ни па наоточена,
Веќе му е сабја ’рѓосана.
Лели си му верна побратима,
Да му остриш сабја вересија,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит, алал да му чиниш.“
Проговори Умер калакчија:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму му е сабја наточена,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
Проговори Умер калакчија:
„Ајти тебе млада Ангелино!
Ангелино, сестро Дојчинова,
Ак’ ми даваш твојте црни очи,
Црни очи, морски пијавици,
Да ти острам сабја Дојчинова.“
Расплака се лична Ангелина,
Се поврати назад плачеејќи,
Плачеејќи, назад пиштеејќи;
Од далеку Ангелина викат:
„Ајти тебе брате Болен Дојчин!
Не ми острит Умер калакчија,
Не ми острит сабја вересија,
Тук ми сакат мојве црни очи.“
Проговори брат је Болен Дојчин;
„Остај сабја, сестро Ангелино,
Остај сабја на бела постела,
И влези ми темни конушници,
Да изваиш моја брза коња,
Три години коња незобано,
Не глеано коња, ни чешано,
Ни па арно вода напоено,
Да ја водиш Митре Поморанче,
Налбатина, моја побратима,
Да ти коит коња вересија;
Ако станам скапо ќе му платам,
Ќе му платам жолтици дукати,
Ак’ не станам алал да ми чинит.“
Па ми стана млада Ангелина,
И ми влезе темни конушници,
Ми изваи нег’ва брза коња,
Ја однесе Митре Поморанче,
Да ми коит коња вересија:
„Так ти Бога Митре Поморанче,
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит за девет години,
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Лели си му верна побратима,
Да му коеш нег’ва брза коња,
Да му коеш коња вересија,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит алал да му чиниш.“
Проговори Митре Поморанче:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму ти е коња Дојчинова,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
И је велит Митре Поморанче:
„Ајти тебе млада Анелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Ако даваш твое бело лице,
Твое лице како јасно сонце,
Твојте веѓи, морски пијавици,
Твојте очи како црно грозје,
Да ти ковам коња Дојчинова,
Да ти ковам коња вересија.“
Па ми викна млада Ангелина,
Викна, писна, на глас да ми плачит,
Раце кршит од бели колена,
Солзи ронит по бели образи,
Од образи, шарени пазуви,
Од пазуви, шарени скутои,
Од скутои, по земја сурова.
Си поведе коња Дојчинова,
Љуто к’лнит млада Ангелина: –
„Бог те убил Митре Поморјанче!
Заш не тргна сабја да м’ загубиш,
Туку мене ти ме посрамоти!“
Па си тргна дома си отиде,
И му кажвит брату си Дојчину:
„Ајти тебе брате болен Дојчин!
Што ми стори голема срамота,
Со твојата верна побратима,
Што јадефте, брате, што пиефте,
Што одефте в гори на лоење;
Кога реков за твојата коња,
Да ја коит, брате, вересија,
Што ми рече Митре Поморанче,
Ако даиш твое бело лице,
Ќе ти коам коња вересија.“
И се фрли јунак Болен Дојчин,
И се фрли на нога јуначка:
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Страф да немаш, сестро, страм да немаш!
Ја отиди Плетикоса Павле,
Берберина, моја побратима,
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Да ми стрижит коса вересија,
Да ми стрижит, брада да ми бричит.“
Па ми стана млада Ангелина,
Ми отиди Плетикоса Павле:
„Ајти тебе Плетикоса Павле:
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит до девет години;
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Лели си му верна побратима,
Да му стрижиш коса вересија,
Да му стрижеш, брада да му бричиш,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит алал да му чиниш.“
Проговори Плетикоса Павле:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму му је коса острижена,
Чуму му је брада обричена,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Ми удрила белана чадара;
И ми собра старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
Тогаш велит Плетикоса Павле:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино сестро Дојчинова,
Ал ми даваш твоја тонка става;
Става имаш како морска трска;
Да ти стрижам коса Дојчинова,
Да ти стрижам, па и да ти бричам.“
Се поврна млада Ангелина,
Си отиде во рамно дворои:
„Ајти тебе брате Болен Дојчин!
Не си имал верни побратими,
Туку биле Турци неверници!
Ми посака тонката ми става.“
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Убило ’и мојте побратими,
Убило ’и јадење пиење!
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Ја отвори шарена ковчега,
Па извади триста лакти платно,
Триста лакти платно бамбакерно,
Да изврзеш рани од анџари,
Да престегнеш моја половина,
Да собереш коски раскостени,
Па подај ми моја боздогана,
Боздогана, моја вита сабја,
Доведи ми моја брза коња.“
Извади му млада Ангелина
Триста лакти платно бамбакерно,
Изврза му рани од анџари
Престегна му коски раскостени,
Рипна Дојчин на нога јуначка,
Си опаса сабја ’рѓосана,
Па ми вјана коња некована,
Си ја грабна тешка боздогана,
Право одит под града Солуна,
Право одит на бела чадара,
Право одит црна Арапина,
Пиштит, викат колку глас го држит:
„Ја излези црна Арапино!
Ја излези гламјо опалена!
Ја излези да се обидеме!
Та да видиш јунак од јунака!“
Си излезе црна Арапина,
Туку врескат како некој аждер:
„Чекај Дојчин, жолта восочино!
Чекај моја тешка боздогана,
Малу тежит, седумдесет ока.“
Арап фрли тешка боздогана,
Ја пречека Дојчин во десница.
„Чекај, чекај црна Арапино,
Црн Арапин, гламјо опалена,
Чекај моја тешка боздогана,
Малу тежит тристотини ока.“
Фрли Дојчин тешка боздогана,
Го погоди меѓу двете очи,
Се откина глава Арапова.
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Глаа кладе на коња пред себе,
И ми тргна во града Солуна.
Врвит Дојчин по среде Солуна,
Што го виде се’ ми се зачуди –
„Што ќе биде ова чудно чудо,
Овој јунак, како суво дрво,
Лице имат, како восок жолто,
Што ми стори голема умера!
Јунак било, јунак ќе да бидит!
Не му требат цркви манастири,
Да и’ праит, добро да им чинит!“
Ми помина по среде чаршија,
Право појде Умер калакчија:
„Ајти тебе Умер калакчија!
Сум те имал верна побратима,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да наточиш моја вита сабја,
Да наточиш сабја вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Умер калчкија,
Не си било верна побратима,
Не наточи моја вита сабја,
Не наточи сабја вересија,
Тук посака сестрините очи.
Ајти тебе Умер калчкија,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде неговата глава.
И појде при Митре Поморанче:
„Ајти тебе Митре Поморанче,
Поморанче, верна побратима,
Што те имав кај мои црни очи,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да ми коеш моја брза коња,
Да ми коеш коња вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Митре Поморанче,
Не си било верна побратима,
Не окое моја брза коња,
Не окое коња вересија,
Тук посака сестриното лице.
Ајти тебе Митре Поморанче,
Што је ова голема срамота,
Што ми стори на мојата сестра!
Ајти тебе Митре Поморанче,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде и негоа глава.
И појде при Плетикоса Павле:
„Ајти тебе Плетикоса Павле,
Сум те имал верна побратима,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да острижеш коса до појаса,
Да обричеш брада вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Плетикоса Павле,
Не си било верна побратима,
Не остриже коса до појаса,
Не обриче брада вересија,
Тук посака сестрината става.
Ајти тебе Плетикоса Павле,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде и негоа глава.
Вјана Дојчин коња некована,
Отплатило таин на Арапа,
Отплатило верни побратими,
Отплатило скапа вересија,
Дома одит, од далеку викат:
„Ангелино, моја мила сестро,
Отвори ми наши вити порти,
Постели ми шарена одаја,
И барај ми свешти и ламбади,
Доведи ми попој законици,
Што сакаше, сестро, се’ ти свршив,
Ќе се делит душа од снагава.
Да не жалиш, сестро, да не плачиш,
Тук да земеш свирци, дабоани,
Та да сториш голема донамба.“
И ми стана сестра Ангелина,
Ми отвори нивни вити порти,
Уплашена, мошне устрашена;
Кога виде глава од Арапа,
Го прегрна млада Ангелина,
Го однесе в шарена одаја,
Колку легна на мека постела,
Дури сестра свешта му запали,
Даде душа брат је Болен Дојчин.
Се собраје старци и попои,
Ми кладое свирци дабоани
Што ми бие три дни и три ноќи.

 

Ајдутски епски песни

 

Ајдутските народни епски песни ја опеваат борбата на храбрите ајдути за ослободување на својот народ. Тие често се повлекуваат во шумите, откажувајќи се на тој начин од својот приватен живот и посветувајќи и се на татковината.

Ликовите на ајдутите се пореални, не се хиперболизирани како на претходните јунаци. Во нив најчесто е претставен јунакот кој се жени со татковината (всушност го дава својот живот за неа. Меѓу најпознатите вакви песни се: Болен ми лежи Миле Поп Орданов и Слушам кај шумат шумите.

 

Болен ми лежи Миле Поп Орданов

Болен ми лежи Миле Поп Орданов х2
над глава му стои стара му мајка,
жално го жали, милно го плачи.

Стани ми, стани, мое мило чедо, х2
твојте другари по сокаци одат,
жални песни пеат, тебе те споминат.

Бог да го прости Миле Поп Орданов, х2
Миле Поп Орданов за Народ загина,
за народ загина, за Македонија.

Неговите сестри во црно облечени, х2
свадба ќе прават, брата ќе женат,
брата ќе женат за Македонија.

Неговата мајка во црно облечена, х2
свадба ќе прави, сина ќе жени,
сина ќе жени за Македонија.

 

Слушам кај шумат шумите

Слушам кај шумат шумите,буките 2х
Слушам кај шумат буките 2х
плачат за војводата,капиданот.

Другари верни другари Македонци
кога низ село врвите,врвите
кога низ село врвите —–
со коњи да не тропате,не тропате. 2х

Со коњи да не тропате,тропате 2х
со коњи да не тропате —–
со пушки да не фрлате,не фрлате. 2х

Да не ве чуе мајка ми старата 2х
да не ве чуе мајка ми —-
ќе ве праша за мене аман за мене. 2х

Каде е син ми Костадин,Костадин 2х
каде е син ми Костадин —-
Костадин војводата капиданот. 2х

Син ти се мајко ожени,ожени 2х
син ти се мајко ожени —–
за една Македонка робинка. 2х

 

Централен лик во овие епски песни е Гоце Делчев за кого нашиот народен пејач испеал многу песни.

Најнови епски песни се партизанските од времето на Втората светска војна.

Традицијата во творењето во стилот на народното творештво трае до денес. Но новите народни песни многу се разликуваат од овие. Тие се пред се авторски (од познат автор) и не претрпуваат измени, ниту поправки со текот на времето.