Знаци за директен говор

Знаци за директен говор се наводници и црта (тире).

  • Црта се пишува кога директниот говор започнува во нов ред:

На пример:

— Кога ќе се вратиш? — праша мајката.

Синот не знаеше што да одговори, па рече:

— Немој да ме чекаш.

  • Наводници се ставаат пред почетокот и на крајот од исказот кога директниот говор не почнува во нов ред:

На пример:

Мајката загрижено го праша: „Кога ќе се вратиш?“

  • Наводници се пишуваат за да се обележи внатрешен монолог којшто има форма на директен говор.

На пример:

„Што да ù одговорам?“, си мислеше. „Да ù ја кажам вистината? Така ќе ја скршам. Подобро да премолчам.“ Тивко рече: „Немој да ме чекаш.“

  • Обично кога секоја реплика од дијалогот се бележи во нов ред пишуваме црта:

— Здраво!

— Здраво!

— Како си?

— Добро.

  • Често во литературните текстови при предавање дијалог се користат само наводници, па и во дијалози каде секоја реплика е во нов ред.

 

Правила за употреба на другите интерпункциски знаци во директниот говор

 

  • Кога пред директниот говор има зборови што го појаснуваат, излезните наводници се пишуваат по знакот точка.

На пример:

Марија му рече: „Врати се порано.“

  • Излезните наводници се пишуваат и по прашалник, извичник и три точки.

На пример:

„Дојди!“ — викна Петре. „Зошто не доаѓаш?“

„Не можам, заглавен сум…“ — одговори Митре.

  • Кога објаснувачките зборови следуваат по директниот говор , по него се ставаат или запирка или прашалник или извичник или три точки, а потоа се пишува црта. (Не може да се стават два интерпункциски знака, и прашалник и запирка. Запирката се пишува во исказните реченици, а не точка зашто реченицата продолжува.)

На пример:

— Влези слободно, — му рече бабата.

  • Запирката може да ја употребиме наместо црта кога употребуваме наводници, па директниот говор може да се напише на два начина.

На пример:

„Влези слободно“ — му рече бабата.

„Влези слободно“, му рече бабата.

  • Ако директниот говор е разделен со објаснувачки зборови, тогаш зад првиот дел се пишува запирка, извичник, прашалник, три точки, па се пишува црта.

а) По објаснувачките зборови се пишува точка, а потоа црта ако првиот дел од директниот говор претставува завршена мисла.

На пример:

— Влези слободно. — му рече бабата.

б) По објаснувачките зборови се пишува само црта ако првиот дел од директниот говор е незавршена мисла.

На пример:

— Влези слободно — му рече бабата — и седни си каде сакаш.

Ако употребиме наводници, примерот ќе биде вака:

„Влези слободно — му рече бабата — и седни си каде сакаш.“

Или:

„Влези слободно“, му рече бабата, „и седни си каде сакаш.“

  • Ако едноподруго во ист ред се наведуваат неколку реплики без да се нагласи од кого се изречени, тогаш секоја од нив се одделува со наводници и секоја од нив се одделува со црта.

На пример:

„Влези слободно.“ — „Каде  да седнам?“ — „Седни си каде сакаш.“ — „Благодарам.“