Извичник (!)

Извичник е интерпункциски знак. (Како правописен не се употребува.)
Со него се бележи извичната интонација, односно различниот интензитет на покачување на тонот. Тонот го покачуваме при изразени чувствени состојби или реакции, повикување, нагласена заповед, забрана, поттик или желба за вршење некое дејство итн.
Извичник се пишува:
  • на крајот од извичните реченици со кои се изразува чувствена состојба или реакција (возбуда, радост, чудење, воодушевеност, изненадување, предупредување, страв, лутина, гнев, итн.);

На пример: Земјо моја, татковино мила!

Оди си!

Каква убавина!

  • на крајот од речениците со кои се искажува заповед или забрана за вршење некое дејство;

На пример: Дојди ваму веднаш! Немој да излегуваш!

  • на крајот од извични реченици со кои се изразуваат желба или поттик за вршење (или невршење) на некое дејство;

На пример: А да дојдеше кај мене! Ајде да работиме!

  • за изразување благослови и клетви;

На пример: Живи и здрави! Од убаво да не куртулите! Оган да ги изгори!

  • на крајот или во средина на реченица преземена во директен говор;

На пример: Во училната се слушаше: „Фати го! Грабни го!“ и трескање на вратата на крајот.

  • во нагласени форми за обраќање или повикување;

На пример: Еј! Дојди ваму!

Ученици! Потивко малку!

  • по поздрави и зборови со значење на учтивост, љубезност, предупредување, погрдност;

На пример: Здраво! Добар ден! Мило ми е! Внимавај! Срамота!

  • ад извици со кои се искажуваат разни чувства или служат за имитирање на звуци или животински гласови;

На пример: Оф!, Леле!, Муу!, Мјау!

 

Извичник може, но не мора да се напише:

 

  • во наслови на уметнички дела и медиумски содржини;

На пример: Никогаш не оставај ме

Браво! Мини библиотека на отворено!

 

Повеќе од еден извичник (а најмногу три) се употребуваат:

 

  • за истакнување на значењето на извичната содржина;

На пример: Врати се, веднаш!!!

 

Извичник со прашалник се употребува:

 

  • за зголемување на изразноста на извичната содржина и да се означи чудење. Во зависност од тоа што се истакнува, зачуденоста или прашалноста, тие го менуваат своето место.

На пример: Навистина!? Што зборуваш!?

Зарем и ти не доаѓаш?!

 

Извичник не се употребува:

 

  • по заповед или молба прекажани во исказна реченица;

На пример: Ги замолив да ја напишат домашната.

Му свика на детето да не трча.