Коса црта (/)

Коса црта (/) е правописен знак. Се пишува со или без белина од двете страни.

 

Коса црта со белини од двете страни се пишува:

 

  • при одделување стихови кога не се подредени еден под друг;

На пример:

Се к’ти ноќта црна! / Се рути карпа — мрак! / И петли в село пеат / и зората се зори — / над карпа в крв се мие / и темнината пие / силно / светнал / ден!

  • при одделување строфи кога не се подредени една под друга, се пишуваат две црти;

На пример:

Како на вратот ѓердани / ниски камења студени, / така на плешки денови / легнале та натежнале // Денови ли се — денови / аргатски маки големи!

 

Без белина се пишува:

 

  • меѓу два збора наместо зборовите и, или, односно, напоредно;

На пример:

Употреби ги трите вида множина на именката сноп: снопови/снопа/снопје, во реченици.

  • при означување два последователни временски интервала: часови, денови, месеци, годишни времиња, години, векови;

На пример:

Учебна 2018/2019 година.

Новата колекција есен/зима излезе во списанието.

  • изразување сооднос на величини кога е испуштен предлогот;

На пример:

Дозволената брзина е 50 км/час. (се чита: километри на час)

  • во адреси наместо низ;

На пример:

Ул. Социјалистичка зора бр. 2/3/22. (број 2, влез 3, стан 22)