Ликот на Мерсо од „Странецот“

Ликот на Мерсо од „Странецот“ на Ками, е човек на новото време. Тој е отуѓен од општеството неприфаќајќи ги неговите норми, атеист по убедување.
Мерсо е слободен човек, со можност за слободен избор. Неговиот проблем е во сфаќањето на таа слобода бидејќи станува незаинтересиран за сè што се случува околу него.
Според Мерсо, човековиот живот е безвреден и сеедно е како ќе се живее зашто и така мора да се умре. За него е сеедно дали ќе ја види за последен пат мртвата мајка, дали ќе пие кафе и ќе пуши цигари додека ѝ се оддава последна почест, дали ќе се ожени со Марија или не. Сè му е сеедно.
Деновите ги минува незинтересирано, а кога му се пружа можност да оди во Париз и да напредува, тој одбива. Не сака да промени ништо во својот безначаен живот. Од здодевност го прифаќа и пријателството на Ремон иако знае дека може да си има проблеми со законот. Прифаќа да сведочи за него иако знае дека тоа не е вистина. Прифаќа да се замеша во тепачката иако тоа него не го засега. И на крајот таа незаинтересираност ќе го доведе во ситуација да убие човек. Но, тој и понатаму е рамнодушен. Не се вознемирува заради убиствито, не се покајува, не зажалува, па дури и не размислува за тоа. Како ништо да не се случило.
И во текот на судскиот процес Мерсо е рамнодушен, не го сфаќа сериозно, не се потрудува да каже што било во своја одбрана. Тоа што го кажува е неприфатливо за останатите луѓе — дека заради сонцето и неподносливата горештина — убил.
Само на крајот, кога ја добива смртната пресуда, во Мерсо почнува да се буди нешто. Се крева револтот кај него заради неможноста од избор. Пресудата е дефинитивна и конечна. Смртта е конечна. Тогаш за првпат не му е сеедно што нема да поживее уште дваесет години, бидејќи секогаш има шанси за нов почеток и за поинакво сфаќање на работите.
Затоа, бидејќи извршувањето на смртната казна е неизбежна, Мерсо помирувајќи се со тоа, сепак посакува барем тогаш околу него да има многу луѓе. Да не биде сам и осамен, како што бил целиот негов живот.