Лично-предметни заменки

Лично-предметни заменки се оние што се однесуваат на лица или предемети.

Има три лично-предметни заменки.

1. кој, која, кое; кои

а) Оваа заменка се однесува на лица и има прашално или релативно значење. Има форми за сите три рода: машки – кој; женски – која; среден – кое, и една множинска форма: кои.

На пример, со прашално значење:

Кој ми ја зема книгата?

Која книга ја бараш?

Од кое село ги купи пиперките?

Кои се новите станари?

На пример, со реалативно значење (реалативен сврзник):

Човекот, кој влезе во автобусот, не најде место да седне.

Луѓето кои дојдоа на свадбата, му се роднини.

 

б) Оваа лично-предметна заменка има форми и за директен предмет: кого;

и за индиректен предмет: кому.

На пример:

Кого го виде на забавата?

Кому му кажа да дојде?

в) Од оваа заменка може да се изведат и формите: некој, секој, никој, со неодредено значење и кои најчесто се употребуваат атрибутски.

На пример:

Некој човек влегол во нивниот двор.

2. што

 

Оваа заменка се однесува на предмети и има прашално и релативно значење. Таа не е променлива, односно не се менува по род и број.

Што ми донесе? (прашално значење)

Го загубив пенкалото што ми пишуваше убаво. (релативен сврзник)

а) Изведени форми од оваа заменка се: нешто, сешто, ништо.

 

3. чиј, чија, чие; чии

 

Оваа лично-предметна заменка има присвојно значење. Може да се употреби во прашална и потврдна форма. Има форми за сите три рода во еднина и една множинска.

Примери:

Чиј е моливов?

Дедото, чија торба беше многу тешка, седна на клупата да одмори.

 

а) Од заменката чиј, може да се изведат и формите: нечиј, сечиј, ничиј.

 

* Овие заменки често добиваат значење на релативни сврзници.

На пр.: Дојде човекот што го видовме вчера.

 

Прочитај повеќе за заменките: лични и показни.