Минато-идно време

Минато-идно време е сложена глаголска форма. Со него се означува дејство кое е идно во однос на некој друг минат момент. Во однос на сегашниот момент, тоа означува минатост.

Се образува со честичката ќе и минато определено несвршено време од глаголот.

ќе + глагол во минато определено несвршено време

На пример:

еднина
1л. ќе викав, ќе носев, ќе перев
2л. ќе викаше, ќе носеше, ќе переше
3л. ќе викаше, ќе носеше, ќе переше

множина
1л. ќе викавме, ќе носевме, ќе перевме
2л. ќе викавте, ќе носевте, ќе перевте
3л. ќе викаа, ќе носеа, ќе переа

Иако од свршени глаголи не се образува минато определено несвршено време, сепак таквите форми се употребуваат при градбата на минато-идно време. Значи, ова време може да се направи и од несвршени и од свршени глаголи.

На пример:

еднина
1л. ќе извикав, ќе износев, ќе исперев
2л. ќе извикаше, ќе износеше, ќе испереше
3л. ќе извикаше, ќе износеше, ќе испереше

множина
1л. ќе извикавме, ќе износевме, ќе исперевме
2л. ќе извикавте, ќе износевте, ќе исперевте
3л. ќе извикаа, ќе износеа, ќе испереа

  • Одречната форма се образува со негацијата не која стои пред целата глаголска форма, односно пред честичката ќе: не ќе извикав.
  • Одречни форми со истото значење се прават со глаголот нема (во форма на трето лице еднина минато определено време) и да-конструкцијата: немаше да извикам.
Значењата на минато-идно време

Основното значење на ова време е означување на таква идност која не следува по моментот на зборувањето, туку по некој друг минат момент.

На пример: Ќе го гледав филмот да не заспиев.

Другите значења на минато-идно време се слични со значењата на идно време, особено во изразување нерален услов и при повторливи дејства.

  • нереален услов: Да можеше, ќе дојдеше.
  • повторливи дејства: Ќе исчистев, ќе подготвев ручек, ќе ги принесов чиниите и ќе чекав да дојдат.

 

Прочитај повеќе за другите времиња во македонскиот јазик на следните врски:

 

Идно време

Идно време е сложена глаголска форма.…