Минато неопределено време (перфект)

Минато неопределено време е сложена глаголска форма образувана со помошниот глагол сум.

Ова време означува дејство кое е вршено или завршено во минатото, без притоа да се побудува претстава за одреден момент кога се одвивало.

Формите на минато неопределено време служат за директно кажување или за прекажување на минати глаголски дејства.

Се образува од помошниот глагол сум во сегашно време и глаголската л-форма (сум читал).

Во зависност од видот на глаголот, несвршен или свршен, разликуваме:

 

Минато неопределено несвршено време

 

Ова време се образува од несвршени глаголи.

На пример:

еднина
1л. сум читал
2л. си читал
3л. читал

множина
1л. сме читале
2л. сте читале
3л. читале

 

Минато неопределено свршено време

 

Ова време се образува од свршени глаголи.

На пример:

еднина
1л. сум прочитал
2л. си прочитал
3л.прочитал

множина
1л. сме прочитале
2л. сте прочитале
3л. прочитале

 

Значењата на минато неопределено време

Со минато неопределено време може да се изрази директно или прекажано глаголско дејство.

1. Директно кажување

При директното кажување ние сме биле очевидци или сами сме го извршиле дејството во минатото.

а) Се искажува со прво лице (1 л.), бидејќи сами сме го вршеле или извршиле. На пример: Јас сум бил во Минхен.

б) Може да се изрази и со второ лице, ако сме биле присутни, односно не ни кажал некој друг. На пример: Ти си ми помагал и порано.

в) Поретко се сврзува со трето лице. Тоа се случува кога првото лице логично го посведочува дејството што е во врска со третото лице. На пример: Никогаш не изгледал вака нерасположен.

2. Прекажаност на глаголските дејства

Глаголските дејства кои се извршиле без наше присуство, ги прекажуваме, односно за нив сме чуле од некој друг.

а) Прекажувањето најчесто се јавува во трето лице. На пример: Петре дошол кај мене дома, ме почекал малку, па си отишол.

б) Поретко се употребува во второ лице, а тоа се случува кога сме разбрале од некој друг. На пример: Овие денови си бил болен.

в) Во прво лице се искажува значење блиско до прекажаноста. На пример: Сум го загубил пенкалото.

 

Прочитај повеќе за другите времиња во македонскиот јазик на следните врски:

 

Идно време

Идно време е сложена глаголска форма.…