Модални зборови

Модални зборови се неменливи зборови со кои заземаме личен став кон она што се кажува.

Од граматичка гледна точка, во реченицата тие стојат одвоено, за себе, но укажуваат на извесно становиште во исказот.

 

Видови модални зборови

 

Според значењето на искажувањето модалните зборови се делат на:

            1. Модални зборови за искажување реален однос: се разбира, значи, нормално, природно, главно, сигурно, навистина, секако, можеби, веројатно, очигледно, бездруго.
На пример:
Денес навистина сте многу немирни.
На крајот од темета секако дека ќе правиме тест.
Веројатно ништо не слушате на часовите.
Овие мисли може да ги искажеме и во реченици каде нема да ги има модалните зборови. Тие служат да го засилат нашиот чувствен, но реален однос кон кажаното.
Истите примери без модалните зборови:
Денес сте многу немирни.
На крајот од темата ќе правиме тест.
Ништо не слушате на часовите.
            2. Зборови за искажување емоционален однос: за жал, за чудо, божем, за среќа, за несреќа.
На пример:
За жал, не го дочекав да дојде.
Тој, за среќа, самиот се снашол.
За чудо, никој не беше повреден.
Ако во примерите ги изоставиме модалните зборови, тие ќе бидат емоционално необоени, без да го искажеме нашиот однос кон кажаното.
Не го дочекав да дојде.
Тој самиот се снашол.
Никој не беше повреден.
            3. Зборови за искажување разни модални нијанси: то ест, на пример, впрочем, најпосле, без сомнение, по секоја цена, на секој начин.
На пример:
Без сомнение, вие сте најдобрите ученици.
* Многу често модалните зборови се употребуваат како белег на нечиј јазичен израз без никаква потреба. Тогаш немаат модално значење и всушност го нагрдуваат говорот.
На пример, многу луѓе без потреба го употребуваат зборот значи и на тој начин го осиромашуваат говорот, делуваат несигурно, пренападно и здодевно.
На пример: Данес, значи, го изгубивме денот во бесполезно гледање телевизија. Значи тоа, многу ме нервира. Наместо да излеземе на воздух и сонце, ние, значи, решивме ништо да не правиме, итн.