Одредена бројност

Со броевите може да изразиме одредена или приближна бројност. Под одредена бројност подразбираме точно определен број на лица или предемети.

А. Одредена бројност на предмети
  1. Меѓу броевите што ја изразуваат одредената бројност со своите форми се издвојуваат еден и два по тоа што имаат форми за род.

еден (м.р) една (ж.р.) едно (ср.р)

два (м.р.) две (ж.р.) две (ср.р.)

На пример:

Во чантата имам еден молив, една тетратка и едно пенкало.

Бројот еден, освен бројното развил и друго значење, односно се јавува во улога на заменка.
На пр.: Некој човек – еден човек.
Со вакво значење тој образувал и множина.
На пр.: Едни луѓе.

2. Прости зборови се броевите од еден до десет и бројот сто.

Исто така, броевите: нула, илјада, милион, милијарда, билион и сл. се прости зборови, и иако означуваат бројност (количество) тие се однесуваат како именки.

3. Од простите зборови по пат на придодавање и срастување се добиени сите други броеви – сложените броеви.

а) Десетиците – се добиени со просто прилепување на соодветната единица и бројот десет, но во некои случаи гласот д се изгубил:

дваесет, триесет, четириесет, педесет, шеесет, седумдесет, осумдесет, деведесет.

б) Стотките се различни состави со изведенки од сто:

двесте, триста, четиристотини, петстотини, шестотини, седумстотини, осумстотини, деветстотини.

в) Кон десетиците се придодаваат единечните броеви на два начина:

– од 10 – 19 се сврзуваат со предлогот на:
единаесет, дванаесет, тринаесет, четиринаесет, петнаесет, шеснаесет, седумнаесет, осумнаесет, деветнаесет.
– од 20 нагоре се сврзуваат со и:
дваесет и еден, дваесет и два, педесет и четири, деведесет и девет;
Вакво сврзување имаме и кај броевите од сто нагоре:
сто и еден, двесте седумдесет и пет, осумстотини и два.
4. Зад броевите што завршуваат со еден, именката стои во еднина.
На пр.: сто дваесет и една клупа; илјада и еден човек.
Членување на броевите
Ако именката пред која стои бројот се мисли како определена, тогаш членската морфема ја прима бројот.
На пр.: Врати ми ги стоте денари.
Членот директно се додава на бројот и имаме удвојување на т кај зборовите што завршуваат на т: петте, деветте, десетте; освен во: шесте.
Стотките се членуваат различно: стоте, двестето (двестете), тристата, четиристотините, петстотините, шестотините, итн.
Б. Одредена бројност за лица

За означување број на лица од машки род се употребуваат специјални бројни форми изведени од простите броеви:

двајца, тројца, четворица, петмина, шестмина, седуммина, осуммина, деветмина.

Овие броеви се членуваат: двајцата, тројцата, четворицата, петтемина, шестемина, седумтемина, осумтемина, деветтемина.