Показни заменки

Заменките во македонскиот јазик се ограничена група зборови. Освен личните и лично-предметните, разликуваме и показни заменки.

Показните заменки служат за посочување.

Постојат три показни заменки кои разликуваат род и број.

 

За посочување блиски предмети

Заменката овој, оваа, ова; овие служи за посочување блиски предмети.

На пр.:

Кога говорителот стои блиску до клупата, ќе рече: Кој ја оштетил оваа клупа?

Кога говорителот го држи во раце моливот, ќе рече: Чиј е овој молив?

 

За посочување оддалечени предмети

Заменката оној, онаа, она; оние  служи за посочување пооддалечени предмети.

На пример:

Кога говорителот е оддалечен од прозорецот, најчесто покажувајќи кон него, ќе рече: Ајде, те молам, провери дали е отворен оној прозорец!

Кога говорителот гледа некоја пооддалечена тетратка падната на подот, ќе рече: Чија е онаа тетартка што паднала на подот?

 

За посочување предмети без просторно определување

Заменката тој, таа, тоа; тие се употребува, освен како лична заменка за трето лице, и за посочување предмети без просторно определување.

На пример:

Утре ќе разговараме за романот „Чичко Горио“. Освен учебникот, носете ја и таа книга.

 

Член (определеност)

Во македонскиот јазик формите за определеност (членот) се образувани од показните заменки.

Од заменката овој, оваа, ова; овие – членот: – ов, -ва, – во; -ве (оваа книга: книгава).

Од заменката оној, онаа, она; оние – членот: -он, – на, -но; -не (онаа книга: книгана).

Од заменката тој, таа, тоа; тие – членот: – от, -та, -то; -те (таа книга: книгата).

Всушност, во сите примери каде ги употребивме показните заменки, мое да ги замениме со членување на именката.

Примерите со овој:

Кој ја оштетил оваа клупа? – Кој ја оштетил клупава?

Чиј е овој молив? – Чиј е моливов?

Примерите со оној:

Ајде, те молам, провери дали е отворен оној прозорец! – Ајде, те молам, провери дали е отворен прозорецон!

Чија е онаа тетартка што паднала на подот? – Чија е тетарткана што паднала на подот?

Примерите со тој:

Утре ќе разговараме за романот „Чичко Горио“. Освен учебникот, носете ја и таа книга. – Утре ќе разговараме за романот „Чичко Горио“. Освен учебникот, носете ја и книгата.