Полунаводници (‘’)

Полунаводници (‘’) се интерпункциски знак.

Полунаводници употребуваме:
  • кога текстот е даден во наводници и ако сакаме да изделиме некој збор или дел од текстот што е цитиран или искажан од друг;

На пример:

Кога слушна што зборувале, Никола избувна: „Не можам да се оптоварувам со тоа дека сум им кажал или не сум им кажал ‘добро утро, добар ден’. Здодевни се веќе со нивното лицемерие!“

  • кога толкуваме значење на некој збор.

На пример:

Тоа се учи во синтаксата ‘науката за реченицата’.

* Употребата на полунаводниците се сведува на првото правило, односно кога текстот е во наводници за да не се употребат уште едни наводници, се користат тие.

Кога толкуваме значење на некој збор почесто употребуваме загради за дообјаснување. Со техничките можности, пак, почесто употребуваме: закосени, задебелени, подвлечени зборови и комбинација од трите.

На пример:

За именскиот прирок учевме во првото полугодие, кога работевме синтакса (наука за реченицата).

За именскиот прирок учевме во првото полугодие, кога работевме синтакса, наука за реченицата.